македонска поетеса, прозаистка и преведувачка. Важи за исклучителна поетска природа која е самосвојна, оригинална и која тешко може да се вдоми во постојните поетичко-типолошки определби. Поезијата на Дирјан претставува побуна против конвенционалното; тоа е поезија на постојани пречекорувања на границите која е, речиси по правило, императивна, пркосна и радикално Друга. Оттаму и нејзините две најважни одлики: депоетизацијата – на естетски и нонконформизмот – на етички план.
Дипломирала на Филолошкиот факултет во Скопје. Била на студиски престој во Париз како стипендист на француската влада и Фондацијата „Губелкијан“. Долги години работела како главен уредник на неделникот Жена, а работниот стаж го завршува во Министерството за култура на Р. Македонија. Била една од основачите и член на Друштвото на независни писатели на Македонија (1994), како и уредничка и една од основачките на регионалното списание за литература Сараевски тетратки (2002). Преведувала од српски на македонски јазик и обратно.
Појавата на Дирјан на книжевната сцена во втората половина на 70-тите години на XX век се смета за значаен миг во развитокот на македонската поезија. Дебитира со книгата стихови Природна појава (1980), за која Урошевиќ, во поговорот, ќе рече дека внесува еден нов сензибилитет, едно ново сфаќање на поезијата и на поетското, дури и едно ново доживување на светот (Урошевиќ 1980: 85). Веќе со првата збирка Дирјан заговара една нова емотивност/лиричност изразена во насловот, што ќе остане нејзина поетска програма – „поезијата е природна појава“. Таа ја бара пред сè природноста, спонтаноста на природните појави; наспроти артифициелното и традиционалното се движи по рабовите на личното и интимното, сетилното и телесното, конкретното и секојдневното, успевајќи да им даде некоја метафизичка аура и едно мошне широко, универзално значење преку хумор и (само)иронија. Таа двојна експозиција, тој спој на никогаш докрај помирените противречности, на „овдешноста и отадешноста“, „таа извонредно успешна смеса, речиси неразделно поврзана, од сентименталност и ироничност, од доверба во силите на природата и од насоченост кон мрачните страни на животот, од апстрактност на согледбите и конкретност на поводите“, ѝ го даваат специфичниот вкус на поезијата на Дирјан, по која таа стана препознатлива и позната – ќе заклучи Урошевиќ триесетина години подоцна (Урошевиќ 2019: 184).
Во стихозбирките што следуваат:
Жива мера (1985) и
Тешка свила (1997), Лилјана Дирјан продолжува да ги негува специфичниот израз и востановената творечка постапка: необичните, оригинални и фрагментарни поетски слики, бриколажот како структура, „во смисла на прибирање, собирање парченца, предмети, детали, ‘отпадоци’, за пресоздавање или рециклирање (...) и мешање на жаргони, вокабулари, колоквијализми“ (Шелева 2008: 6). Како последица на ваквите спреги, „доаѓа до хибридизација на колоквијалниот, интимизиран и автобиографски дискурс со дискурсот на нарацијата, анегдотата, епот и фељтонот“ – вели Катица Ќулавкова по повод поезијата на Дирјан која е, според неа, „толку предиспонирана за кажување и сценичност, што остава импресија на оралност/гласност, впечаток дека ја продолжува традицијата на преданието и усното кажување“ (Ќулавкова 2000: 319). Како типични елементи во поезијата на Дирјан, критиката ги нагласува и модерниот, урбан сензибилитет, медитеранската компонента (тематизацијата на медитеранската флора и фауна), авторефлексивноста и автореферентноста, како и интертекстуалниот дијалог со други писма, а особено афирмирањето на еден нов поим или
тип на женското писмо: наспроти традиционалната сентименталност, патетичност и мелодраматичност, женскоста во поезијата на Дирјан означува вид на субверзија и пркос кон поредокот.
Константен белег на творештвото на Лилјана Дирјан претставува и играта со жанровите. Во сите нејзини стихозбирки, покрај песните во стих се среќаваат и песни во проза, од кои некои дури жанровски граничат и со кус расказ („Забуна“ во Природна појава, „Од Парискиот дневник“ во Жива мера, „Три куси приказни за Мартин Бубер” во Тешка свила). Жанровската хибридизација резултира со книгата Приватни светови (2008), која има колажна структура и претставува комбинација од кратки раскази, лирски записи и каталогизирани куси одломки (цитати), а завршува со седумнаесет песни во стих (од кои едната е на задната корица). Во нашето транзициско време и опкружување, Дирјан се впушта во смела рехабилитација на малите, „приватни“ светови, како микрокосмоси од случки, доживувања, емоции, рефлексии...
Последната објавена книга на Лилјана Дирјан – Снег за двајца (2011), е нејзина прва прозна книга. Се работи за една експериментална проза која претставува меланж на елементи од поезија, есеистика, романескна и раскажувачка фикција, обликувана низ двојна перспектива, како дводелен дневник на два лика.
И постхумно објавената книга на Дирјан, „Вагон-ресторан“ (2020), исто така е жанровски хибрид: содржи текстови кои се едновремено и патопис, и лирска проза, и мемоари и есеи; дури може да се читаат и како своевиден лексикон. Книгата содржи и вистински рецепти кои упатуваат на топосот на кујната (присутна и во поезијата на Дирјан), едновремено и како вистинска кујна, од цимет и шеќер, мускат и ѓумбир, како што вели самата, но и како еден речиси метафизички простор кој води до суштината на појавниот свет и до тајните на битието.
Добитничка е на наградите: „Студентски збор“ (за Природна појава, 1981) и „Браќа Миладиновци“ (за Жива мера, 1985), а за книгата Приватни светови е номинирана за наградата „Балканика“ (2008). (Л. К. Д.)