• Наслов

    ТЕШКА СВИЛА

  • Автор

    ЛИЛЈАНА ДИРЈАН

  • Година на издавање

    1997

  • Категорија

    современа книжевност

  • поезија

Опис на делото

 е трета по ред книга стихови на Лилјана Дирјан, сочинета од три кохерентни целости: „Постанок“, „Сите животи што се со тебе“ и „Не знам зошто плачев, кога ништо не скршив“. Насловната синтагма „тешка свила“ е оксиморонска и е преземена од песната „Дамаск, тешка свила“, конкретно од стиховите: „и патем се слуша / како паѓа небото / темна тешка / свила.“ Синтагмата, значи, се однесува на небото, поточно – на ноќта. Свилата е, понатаму, сврзана и со морето: „морето тука инаку е исто / а во мене сал трпки сол / свилена макара“ (песна „А-мол, Петар од Ластово“). „Свилата е рафиниран протест, бунт против рапавоста на светот, против апатијата, неосетливоста“, истакнува Елизабета Шелева (2003: 82), која ги детектира и клучните мотивски целини во оваа книга: носталгичните сеќавања и оживувањето на детството, бабата и дедото Рант и Ленка Дириан, кои изронуваат од пејзажот на внатрешните пулсации како две зачудни шагаловски фигури, потем, искуството на домот, иманентната поетичност на секојдневието, втопувањето во односот јас – ти, аспектите на откривање на другиот, со посебен акцент на новото и возвишено искушение на мајчинството, а одделно мотивско јадро сочинуваат песните во кои доминира чувството на опиеност, занес и зачудна втопеност во Ориентот. Притоа, благонаклонетиот однос на поетесата кон парадоксите на ориенталната култура пулсира во симбиоза со копнежот по новото и непознатото, како и по далечните егзотични предели.
Медитеранската компонента, доминантна во оваа збирка, зазема клучно место во поезијата на Дирјан воопшто. Таа не го крие својот восхит од раскошот на бои, мириси, глетки, носии, пазаришта, скапоцености, зачини, дури и од потта и правта... Поетските слики се особено визуелни и впечатливи, а гамата од бои и нијанси соодветствува на азискиот пејзаж: жолта, окер и бела, која е во корелација со солта и морето. Илустративни во оваа смисла се песните: „На чај во Азија“, „Кашмир“, „Озирис“, „Стар завет“ и др. Песната „На чај во Азија“ започнува со стиховите: „Штотуку го исчитав ‘Бегството од / Византија’ / кога Бродски ми ја отвори вратата на / Босфорот / тиркизот и смарагдот дувнаа во рогот“. Директната реминисценција на еден од најпознатите есеи на Јосиф Бродски, „Бегство од Византија“, станува основен поттик за креација на песната и речит пример за уште една константа во поезијата на Дирјан: дијалогот со други писма и омилени поетски фигури кои оставиле несомнени траги врз формирањето на нејзиниот творечки профил.
На планот на поетскиот стил и израз во Тешка свила (како и во претходните две книги стихови), може да се воочи извесна наративизација на песната (која го најавува нејзиното идно свртување кон лирската проза), од една страна, а од друга, примената на колажна постапка, односно „аплицирање на познати рекламни слогани, новински написи, клишеа од медиумите, со цел, низ критичка дистанца и самоиронија, да ги преобрази стереотипните претстави за женскоста, самиот симулакрум на жената, несоодветниот лик и улога“ (Шелева 2003: 83). Во оваа смисла се издвојува песната „Ламјата на свети Ѓорѓија“, во која Дирјан го пресвртува вообичаениот хипотекстуален урнек од апокрифната легенда, па во улогата на лирското јас се појавува демонизираната женска пожелност и безмалку еротска опседнатост од младоста, убавината, складноста, јуначката снага, стројноста и совршената машкост на свети Ѓорѓија. Правејќи оригинална метатеза на епските улоги на јунакот и ламјата, Дирјан предочува еротизација на ламјата како уште еден креативен облик на оспорување на културните стереотипи за жената.

Во Тешка свила постои и една инвентивно обликувана песна во проза со наслов „Три куси приказни на Мартин Бубер“, која не само што ја оживува референтната подлога на дијалошката философија на Бубер, туку лапидарно и јасно ја посочува автопоетичката определба на авторката: „Сè што не е автобиографија не постои“ – гласи финалето на песната. Оваа апаратна определба упатува на вкрстување, хибридизација на животот и уметноста (поезијата), имплицира синергија помеѓу принципите на творењето и принципите на живеењето. Впрочем, за Лилјана Дирјан поезијата е „природна појава“ (синтагма преземена од Марина Цветаева), како што гласи насловот на нејзината стихозбирка првенец и ова поетичко кредо таа ќе го следи низ целиот свој опус. (Л. К. Д.) 


Библиографија

 Капушевска-Дракулевска, Лидија. 2018. „Лилјана Дирјан и Јосиф Бродски: поетски дијалог“. Руско-македонски јазични, литературни и културни врски 7 (Зборник на трудови од VII Македонско-руска научна конференција, ур. Б. Мирчевска-Бошева, 15-16 јуни 2017). Скопје: Филолошки факултет „Блаже Конески“, Скопје, 315-322.; Шелева, Елизабета. 2008. „Осило – наслада (поетската дивина на Лилјана Дирјан).“ Предговор во: Л. Дирјан, Светот, мојот брат. Битола: Микена, 5-29.; Шелева, Елизабета. 2003. „Лузна свила врз лузна болка (одмотување на лирската макара)“. Отворено писмо. Скопје: Магор, 82-90. Исто во: Лилјана Дирјан, Тешка свила (обновено издание). Скопје: Антолог, 2018, 85-97.