Роден е во малото селото Мелница, а детството го минува во
Витолиште, Мариовско. Тука го започнал образованието, кај учителот Бино, кого подоцна често ќе го споменува во своите дела. На 14-годишна возраст оди во
Прилеп, каде и прв пат се вработува и се запишува во
гимназија, но поради војните го прекинал школувањето. Завршил
богословија во
Битола, а дипломирал на
Теолошкиот факултет во
Белград. Сепак, никогаш не се запопил. Работел разни чиновнички работи и живеел во различни градови: во Битола работел во Општината и бил писар во Духовниот суд; службувал во Прилеп,
Лесковац,
Крушевац и
Белград. Во текот на
НОБ го помагал
партизанското движење, а за време на бугарската окупација на
Македонија бил интерниран во Неврокопско (
Бугарија). По ослободувањето на земјата станува претседател на Околискиот народен одбор во
Прилеп, а потоа работел и како управник на Шумската дирекција. Во
1948 г. доаѓа во Скопје како професор по
руски јазик, за подоцна да работи и како учител по
македонски јазик,
историја и
биологија. Во 1953 г. станал член на
Друштвото на писателите на Македонија, кое, во негова чест, во 1975 година ја востановува наградата „Стале Попов“ за прозно дело.
Прозата на Стале Попов го утврдува регионализмот во македонската литература. Неговиот опус е посветен на описот на селскиот живот во Мариово, со многу етнографски и фолклорни елементи и со јазик кој е вид стилизација на народниот дијалектен говор од тој крај. Оттука, неговите романи и раскази се блиски до битово-фолклорната нарација. Збирката раскази Итар Пејо, заедно со романот Крпен живот биле најпопуларните дела во Македонија во првите децении по ослободувањето.
Првите
раскази „Мице Касапче“ и „Петре Андов“ ги објавил во
списанието Современост. Популарноста на збирката раскази
Итар Пејо се должи на тоа што ликот Пејо е еден од најпознатите ликови во македонскиот фолклор, замислен како противтежа на османлискиот итроман Насрадин-оџа. Мариовецот Пејо е претставник на македонската шегобијна мудрост. Народната книжевност често ја врши функцијата на компензација на неповолната реалност, хероизирајќи одреден лик од народот, овде постигната преку својството итрина, па токму заради таа вештина ликот е способен да им се оддолжи на тие што сакаат да му наштетат (обично османлиските големци), а неговите постапки изнудуваат смеа и почит кај читателите. Хероизацијата е видена како духовен отпор на македонскиот народ против османлиското угнетување. Во збирката раскази
Итар Пејо авторот го поставува ликот во триесетина ситуации и, слично на оние од народните приказни, тој секогаш успева да го надмудри противникот.
Најзначајните романи на Попов (
Крпен живот,Толе Паша и Калеш Анѓа) го тематизираат животот на луѓето во Мариово во минатото, условен од историските случувања и од усвоените обичаи, верувања и поглед на свет во еден типично рурален свет. Самиот факт дека Стале Попов не може да се потпре на некое големо претходно искуство во рамките на жанрот во Македонија, тој не навлегува подлабоко во психологијата на ликовите, туку тие се развиваат водени од идејата што се остварува на ниво на сезнаечкиот раскажувач или уште поточно прикажувач. Дејствата се одвиваат хронолошки, без поголеми дилеми кај ликовите, кои реагираат на неповолните надворешни случувања. Така, епскиот свет на Попов е исполнет со едноставни дејствија, а расплетот е во согласност со владејачката етика. Сепак, нарацијата е жива и непосредна, па открива многубројни човечки судбини со цел да се даде една објективна слика за реалноста на Македонија во минатото. Многубројните детали имаат за цел да ја засилат веродостојноста на раскажаното, но и покрај тоа се стекнува впечаток дека идејното е над објективното. Конфликтот најчесто се одвива на ниво поединец – заедница/општество, па во
Крпен живот е искористен мотивот на туѓинка за да се раскаже спорот меѓу двете јатрви, постарата Митра, типичен претставник на суеверна, необразована, рурална жена, и Доста, дојденка во селото која е претставничка на прогресивните идеи. Другите два романа се занимаваат со историски теми, првиот со појавата на ајдутството, вториот со јаничарството и грабнувањето на млади македонски девојки од Османлиите. (Л. Г. Ј.)