Романот Крпен живот е вториот македонски роман, факт кој го одредува и неговото значење. Тој доаѓа за да ја надомести празнината на т.н. регионална литература кај нас, одамна позната во другите балкански литератури. Тоа е литература свртена кон битот и кон „живиот живот и говор“ на еден регион. Едновремено тој е социјален и семеен роман. Тоа е роман означен со првичноста и со менталитетот на селото и селското. Неговата огромна популарност може да се бара во фактот дека Македонија била аграрна земја во која доминирала селската психологија, дури и тогаш кога селото масовно се напуштало. Селаните населени во градовите, во градските средини го барале и копнееле по селото, па т.н. селска психа станува траен психолошки комплекс. Оттука, регионалните мотиви и регионалистичкото кажување се еден вид компензација на носталгијата по стариот начин на живеење. Постои и уште еден факт кој придонесува за популарноста на романот. Стале Попов е автор кој добро ја познава темата која ја обработува: тој во неа се чувствува, како што ќе посочи Димитар Митрев, свој на свое, па читателот ја чувствува таа супериорност на писателот и му верува.
Настаните во романот се подредени по хронолошки ред (роман-река). Во него детално се опишани ентериерот и екстериерот на селото Витолиште, а опфатен е периодот од крајот на XIX и почетокот на XX век (Илинденското востание, Првата и Втората балканска војна и Првата светска војна). Раскажувањето е во трето лице, нараторот е сезнаечки и сеприсутен. Романот го следи животот на семејството Сукаловци од мариовското село Витолиште и е слика на животот (обичаите, јазикот, фолклорот) во мариовскиот крај во посочениот период. Тој може да се смета и за еден вид енциклопедија на животот и на луѓето од тој регион, со мноштво етнографски и фолклорни обележја, детално опишани и оживеани преку ликовите и нивните односи. Но, ликовите не се апстрактни селани, туку секој лик има свој изграден светоглед, а читателот како директно да го слуша неговиот глас.
Содржината на романот е типична за битово-регионалистичката проза: егоизмот и желбата на ликот материјално да се осигури себеси и своето поколение. Тоа ги одредува односите меѓу двата стожерни лика – Митра, постарата снаа на Сукаловци, жена на најстариот брат Стојко, посветена на идејата да го наследи семејниот имот и вдовицата Доста Рожденката, која преку стројници се мажи за вдовецот Илко, средниот брат во семејството. Најмалиот брат е Трајко. Освен настаните поврзани со стравот, поточно паниката на Митра дека од новиот брак ќе се родат нови деца со кои нејзините ќе го делат имотот, опишан е и судирот на два менталитета: оној на Митра, типично селски, подложен на суеверие, магии и предрасуди, и оној на Доста, која живеела во Солун и работела кај рускиот конзул како домашна помошничка, каде се стекнала со градски навики и носела градска облека, нешта што биле неприфатливи од заостанатата мариовска средина.
Колку и да се површински различни, ликовите во романот ги поврзува една заедничка особина – колебливоста. Така Митра, како што вели Митрев, под императивот на битот е решена да се ослободи од детето на Доста, но се колеба, исто така поради присилата што ја носи императивот на тој ист бит, религиозно-моралната норма. Не помалку е колеблив и ликот на Доста. И кај неа има стремеж за материјално обезбедување на семејството, но има и колебање за различни одлуки, но сега остварени со други, пософистицирани средства, најчесто преку итрина. Колебањето е карактеристично и за другите епизодни ликови, како оној на попот Трајко или наводаџијата Петко.
Во обидите да ја реализира идејата да се ослободи од детето на Доста, Митра презема низа акции кои се повод да се опишат обичаите и верувањата во тој регион. Романот содржи и друг богат етнографски и фолклорен материјал; легендата за тоа како настанало селото Витолиште, детален опис на типична мариовска куќа и сл. Врзани за настаните се и описите на свадбените и погребните обичаи, како и обичаите при раѓање и крштевање на дете, празнувањето на христијанските празници каков што е Велигден, суеверијата и сл.
Во Крпен живот авторот не пропушта да ги опише политичките пропаганди на соседните држави, поврзани со дејствата кога Доста решава и двете деца да ги прати во егзархиско училиште. Нешка, ќерката на Доста, е првото и единствено девојче кое оди на училиште и е повод авторот да го опише ставот на заостанатите селани во врска со школувањето на женските деца, своевиден срам образложен со аргументот дека девојче не можело да стане поп. Преку училиштето и црквата се прикажани и великобугарската и великосрпската пропаганда во Македонија и поделбата/омразата меѓу селаните, по примерот на даскалите и поповите, на грчки, српски и бугарски.
Иако романот Крпен живот на Стале Попов не се одликува со некоја висока литерарност во изразот, тоа е роман со впечатливи ликови кои реагираат на амбиентот на средината во која дејствуваат и на битот на кој припаѓаат. Оттука, битовиот реализам на Стале Попов иако е задоцнет, претставува неопходна етапа во развојот на македонскиот роман. (Л. Г. Ј.)