поетеса, прозаистка, есеистка, теоретичарка на книжевноста и преведувачка.
Димковска во македонската книжевност ги отвора темите врзани за дилемите околу доброволниот егзил и странствувањето како сопствен избор на младата генерација Македонци. Нејзиното творештво е еден од најдобрите примери на развивање на мотивот на
Коста Рацин за светот како куќа, дом. За предмет на интерес го има внатрешниот свет на индивидуата која, во судир со надворешниот, трага по својот идентитет.
На македонската книжевна сцена се појавува на почетокот од
1990-тите како поетеса и веднаш доживува голем успех. Нејзините кратки,
метафорични песни го привлекуваат вниманието на читателите, за подоцна со романите да доживее и светска промоција. Во поезијата дебитира со збирката поезија
Рожби од исток,
во која се навестуваат подоцна развиените мотиви на социјално-политичка и родово ангажирана поезија. Последната збирка
Гранична состојба, иако е поетска книга полна со силни емоции, таа пред сè ги предизвикува мисловните процеси. Лирското јас, загледано во светот што го опкружува – предупредува. Тоа не е неутрална поезија во која состојбата на духот е независна од актуелните политички и општествено-социјални теми. Со јазик кој е остар до болка, таа размислува за тегобните последици на неразумните одлуки, поврзувајќи ја денешницата со историските случувања, од кои, за несреќа, не се влечат поуки. Лирскиот субјект реагира на ововременските воени и политички лудила.
Во прозата дебитира со романот
Скриена камера[l1] , топла приказна за границите, поделеноста, себевидувањето (колективно и индивидуално) и себесместувањето во домот сфатен како прифаќање. Наредниот роман
Резервен живот, навидум со различни и нови тематски преокупации, повторно трага по самоидентификацијата, сега веќе во едни екстремни околности создадени по пат на природна „грешка“ – имено преку приказната за сестрите сијамски близначки Злата и Сребра. И повторно ја гледаме Димковска како мајстор на таа „две во едно“ техника од претходниот роман, на таа удвоена гледна точка, а секоја за себе толку единствена. Тоа е роман за осаменоста, отфрленоста, неразбирањето. Па така, во личната драма на сестрите кои го изодуваат трагичниот пат од Скопје до Лондон и назад, се вплеткуваат и состојбите на времето, ова, наше, актуелно. Со непретенциозен јазик и необични пресврти романот ги допира темите за попреченоста, љубовта, пријателството, родителството, семејството, домот итн. Наредниот роман
Но-Уи е резултат на резиденцијалниот престој на авторката во Сплит, па токму со тој простор се врзува и сторијата за бабата и внуката со исто име – Недјељка, временски ограничен од 30-тите години на минатиот век, па сè до почетокот на XXI век. Во таа широка слика, микс од факција и фикција, од историски факти и фантазија, се протега приказната за бабата Недјељка или Неда, дете на сиромашен рибар кое својата смисла ја пронаоѓа во борбата за сопствена женска еманципација, спротивставувајќи се најнапред на традиционално дефинираните родови улоги, а потоа и на фашизмот. Недјељка се вљубува во Карло, фашистички војник кој поради љубов се откажува од фашизмот, но не е прифатен во Сплит и мора да замине, како што Недјељка не е прифатена од внукот фашист и заминува. Дефиниран како „роман-метафора за животот и смртта“, во него не се преплетува само историјата со современоста туку и големите и малите наративи, домот и туѓината, традиционалното и современето, создавајќи комплексна слика за условите на човековото постоење воопшто. И во овој роман Димковска не се задоволува со црно-белите слики. Таа ги фаќа оние сиви ситуации во кои ликовите се втурнати дали заради околностите, дали заради предодреденоста, сеедно. Во сите три романа темата за семејството зазема значаен простор, па не изненадува што четвртиот и засега последен, комплетно му се посветува. Сите ликови на нејзините романи по нешто се издвојуваат, во најновиот
Единствен матичен број тоа е дисфункционалното семејство кое ја продуцира темата на отуѓеноста: „тоа е роман за пустелијата која човечките суштества ја доживуваат околу себе, за пустелијата што ја носат во себе, за пустелијата што ја градат едни со други и која ја всадуваат едни во други, најчесто во најблиските“ (Таневска-Златевска), во приказната изведена преку отуѓениот татко и мајката што отуѓува.
Таа е носител на повеќе книжевни награди. Ги добива следниве: наградата за дебитантско поетско дело на „Студентски збор“, двапати е добитник на наградата за проза „Стале Попов“ на Друштвото на писателите на Македонија, германската награда за поезија „Хуберт Бурда“, романските награди „Поесис“ и „Тудор Аргези“, европската награда за поезија „Петру Крду“, наградата на Европската Унија за литература за романот Резервен живот, Специјалното признание „Европско културно наследство“ за најдобар расказ, словенечката награда „Чаша на бесмртноста“ за десетгодишен поетски опус, албанско-македонската награда за поезија „Наим Фрашери“, наградата „Браќа Миладиновци“ за најдобра поетска книга за „Гранична состојба“ и други. (Л.Г.Ј.)
[l1]хиперлинк