раскажувачка, романсиерка, поетеса и драмска писателка. Конститутивното и креативното начело на Ката Мисиркова-Руменова е нејзиното лично искуство кое отвора разновидни теми, од т.н. „егејска тема“ до современите, актуелни дилеми. Реализацијата на тие теми се остварува во разновидни жанрови, а подеднакво се наменети како за возрасните така и за децата.
Работела како библиотекарка во Градската библиотека „Браќа Миладиновци“. Била член на ДПМ од 1966 година. Била внука на
Крсте Петков Мисирков.
Ката Мисиркова-Руменова е авторка која ја развива т.н. „егејска тема“, поврзана со судбината и трагедиите на луѓето од егејскиот дел на
Македонија, со нивните талкања и преселби, испишувајќи ја, низ времињата, настаните и личностите, историјата за прогонството на еден народ откорнат од родното огниште. Разновидниот творечки опус на авторката може да се толкува и како авторски коментар на минатото и на трагичните настани кои лично ги доживеала (прогонот, катастрофалниот земјотрес во Скопје, опишан во романот за деца
Го љубам својот град) или за личности кои се дел од колективната меморија на македонскиот народ, а некои и лично ги познавала (романот за деца
Детството на Мисирков, драмата
Мирка Гинова, повеста
Ликот на Карастоилов). Дел од творештвото е посветен на нејзината животна сторија, како:
Ѕидови од пајажина, Стапалки по жолтите лисја, Султана, Мајка Костуричанка Големите атови. Оттука, документарноста ќе биде едно од доминантните својства на овој опус. Во прилог на ваквото тврдење е и нејзината изјава дека таа не ги измислува ликовите, па може да се заклучи дека нивните прототипови се сретнуваат во реалноста. Романсиерското творештво на Ката Мисиркова-Руменова во најголемиот дел е документаристичка проза што ја следи судбината на луѓето од Егејска Македонија со нагласен автобиографски елемент. Романот
Љубовница, пак, е метафорична приказна каде интимната драма на една жена се поврзува со Македонија. Судбината ја носи жената меѓу туѓинци, а таа се труди да си ги зачува животот и достоинството и покрај тоа што станува љубовница на многу луѓе. Според писателката, тоа што му се случува на главниот женски лик ѝ се случува и на Македонија: кокетирајќи со сите, на крајот таа губи. При тоа, еротските сцени упатуваат на можноста романот да се чита и како тематизација на политичка порнографија. Детството, пак, е меморирано во циклусот романи за деца:
Милосија,
Патилата на Милосија и Вознесот на Милосија, кои го следат развојот на девојчето Милосија од времето непосредно пред започнувањето на Втората светска војна, па речиси до современоста, во услови на целосна политичка, социјална и национална обесправеност на македонскиот народ во Егејска Македонија. Покрај ликот на девојчето, опишан е и ликот на нејзиниот дедо Трпче. Детското љубопитство и подготвеност за акција се предмет на романот за деца
Авантурите на Ѓурѓица, а во
Бубреже, низ перипетиите на една љубовна приказна, се проговорува за искушенијата на децата во современи услови, како дрогата, самоубиството и грижата на совест, како и можноста спасот од опасностите на современото живеење да се види во спортот. Всушност, романот може да се категоризира во оние малку романи кај нас што се однесуваат на одраснувањето.
Во расказите доминираат личните чувства и размисли на авторката. Потрагата по вистинска љубов е тема на збирката раскази Јас, жена. Но, таа потрага по сродна душа е само повод да се проговори за осаменоста, зависта и злобата, за запоставување на децата поради забрзаното темпо на современоста, трката по профит која го деградира човекот и слични теми произлезени од промените со кои се соочува светот. Оттука, за прозата на Мисиркова-Руменова може да се издвои една константа: таа е посветена на сето она што го забележува во општественото живеење, и во минатото и во актуелната сегашност, а за кое смета дека треба да се зборува.
Во поезијата, и онаа за возрасни и онаа за деца, повторно го препознаваме оној женски глас кој сега, низ доживувањата на лирскиот субјект, ангажирано говори за искушенијата низ кои поминува.
Во целиот свој опус, Ката Мисиркова-Руменува говори од позиција на жена. Романот Жешка земја е еден од првите романи напишан од жена. (Л. Г. Ј.)