раскажувач, романсиер, есеист, професор по француски јазик и книжевност.
Еден од најплодните раскажувачи на балканските премрежиња, автор кој го тематизира Балканот како комплексен хронотоп во кој историите, времињата и вредностите се преплетуваат и се мешаат, виден низ семејната историја и интимните, а универзални драми на егзилот. Низ повеќеслојната „Балканска сага“, составена од 17 романи, на уверлив начин се создава комплексната слика на прогонетиот, на човекот со две татковини и на историските условености на човековата судбина.
Роден е во Поградец, Албанија, а од 1943 година семејството се преселило во Струга, во Тетово и од 1945 година во Скопје. Основно образование завршил во „Гоце Делчев“ во Скопје, а гимназија во „Јосип Броз Тито“. Потоа студирал француски јазик и книжевност. За време на студиите работел како новинар, и како главен и одговорен уредник на весникот „Млад борец“. По дипломирањето, во 1967 година, се вработил во Радио Скопје како новинар, а наредната година станал главен и одговорен уредник на емисиите на албански јазик на Телевизија Скопје. Во Загреб го одбранил магистерскиот труд „Балканот во прозата на Гијом Аполинер“, каде и докторирал. Бил на специјалистички студии бил во Париз. Бил професор на Филолошкиот факултет во Скопје, на Катедрата за француски јазик и книжевност. Обавувал и општествени функции, како: потпретседател на Републичката комисија за културни врски со странство, прв главен и одговорен уредник на македонското издание на Гласникот на УНЕСКО, член на редакцијата на меѓународното списание „Балкан – Форум“, вонреден и ополномоштен амбасадор на СФРЈ во Тунис, прв амбасадор на СФРЈ во Палестинската држава, прв вонреден и ополномоштен амбасадор на Република Македонија во Франција, прв постојан претставник во УНЕСКО и нерезидентен амбасадор во Шпанија и Португалија. Бил редовен член на МАНУ од 2003 година, како и на Француската академија за наука и уметност. За неговите книжевни дела пишувале познати светски имиња као Едгар Морен, Морис Дрион, Ален Боске, Василис Василикос, Предраг Матвејевиќ и други.
Посебно место во неговото творештво зазема „Балканската сага“, составена од романите
Татковите книги (1992), кратки приказни за книгите во татковата библиотека, единственото нешто донесено од старата татковина, систематизирани по некој редослед, најчесто тематски, различен во различно време, при што се открива генезата на присуството на секоја книга во библиотека, прераснувајќи во специфична глобална метафора.
Времето на козите (1993) писмо, во кое низ проникнување на реалното и иреалоното, историјата и поезијата, трагедијата и травестијата, стварноста и фикцијата, еpското и лирското, се тематизира идејата за власта, на која на Балканот се гледа како фатална судбина против која не се може.
Балкански клуч (1995) и
Пресадена земја (1998) се збирки раскази во кои автобиографското има значаен удел, творејќи ја сликата за Балканот како место на трауми, предизвикани од границите, верскиот и етнички конфликт, преселбите, егзилот и изолацијата, но и место на културни преплетувања од Истокот и Западот, место на сплотени семејства и вистински пријателства.
Атеистички музеј (1996) го тематизра враќањето во родната татковина преку сликата на сталинистичка Aлбанија и разочарувањето од тамошните состојби кои нараторот ги идентификува како замена на различните и толерантни меѓу себе религии со новата и неторлерантна „религија“ - сталинизмот.
Патот на јагулите (2000) е метафора за откривањеtо на хармонијата помеѓу човекот и природата, симбол за патот без граници и бариери, за слободнната пловидба по светот.
Тврдина од пепел (2002) е еден вид исход на
Татковите книги, вид резиме кое се служи со претходните метафори, особено од
Патот на јагулите, за да се стигне до последната етапа на егзилот, да се вдоми под Калето, со јасни асоцијации на Отоманското владеење и на крајот да се види како тврдина од пепел.
Балкански жртвен јарец (2003).
Ервехе-книга за една мајка (2005), роман за женскиот удел во војните.
Љубовта на генералот (2008), еден од ретките кој зборува за Првата светска војна. Во средиштето на романот, покрај ликови од балканската сага, се појавуваат и историски личности, воени лица кои престојувале во Подградец во овој период.
Потрага по Елен Лејбовиц (2008), епистоларен роман и уникатно рецепциско сведоштво за балканската сага на Старова.
Амбасади (2009)
Нови Амбасади’ (2011) со теми кои произлегуваат од диполоматските години на авторот, покрај познатите теми за семејството и тиранијата, ги отвора и темите за т.н. „трет свет“ и малите јазици, теми кои продолжуваат и во романот
Балканвавилонци (2014)
Граница (2014) роман кој со својата приказна и оригиналните фотографии, создава величествен споменик за балканските граници и нивната вплетеност во судбината на луѓето.
Враќањето на козите’’(2016) и .Полифонисти (2016) ги дооформуваат опсесивните теми на Старова, за во
Јаничари (2020) преку судбина на едно семејство, се промислува јаничарството, видено од во нов клуч за објаснување на балканските судбини и за прашања кои ги поставува нашето време.
,Генералот и пеперугата е последната приказна за семејството напишана од Старова. Речиси ите делови се преведени на француски, а нејзината рецепција вели дека вбројана во големите европски романи.