Босански фратер, археолог, собирач и публикувач на македонски народни умотворби, особено значаен заради зборникот Народне песме македонски Бугара (1860), прва објавена збирка со македонски народни песни.
Роден во сиромашно босанско семејство и рано останат сирак, Верковиќ најпрвин се школувал три години во фрањевски манастир Толиса, па во сутинскиот манастир во кој останал пет години, со што станал редовник-фратар. Своето теолошко образование го продолжил во 1837 г., во лицејот на Загрепската епископија, но завршил само три години, бидејќи во меѓувреме се одрекол од своето фратарско звање под силно влијание на Људевит Гај и неговите илирски идеи. Тие се поклопувале со неговите национални и политички стремежи за ослободување на својот народ од османлиското владеење и имаат пресудно значење за неговата целокупна идна политичко-општествена, културно-научна и книжевна дејност. Гај го воспитувал во духот на југословенството и панславизмот, што резултирало со тоа Верковиќ од 1843 до 1877 г. да се ангажира за српската национална пропаганда согласно плановите на Илија Гарашанин. Во склоп на својата мисија тој патувал низ словенските земји под османлиска и австриска власт, а во 1844 г. прв пат престојувал во Македонија. Од 1850 г. тој работи во Македонија како постојан агент на српската пропаганда, маскирајќи ја оваа своја мисија со својата собирачка работа на старини (монети, ракописи, фолклорни материјали и др.). Лоциран во Серез, но постојано патувајќи низ земјата, тој развива плодна дејност во Македонија. Верковиќ води политичка борба за истиснување на грчкото влијание и негово заменување со словенско, па одржувал врски со македонската интелигенција (Миладинов, Шапкарев, Зографски, Џинот, Жинзифов, Костенцев и др.), ги снабдувал со словенски буквари и учебници, се занимавал со собирачка работа уверен во големата национално-патриотска вредност на народното творештво и свесен за нивната улога во подигањето на националната свест на Македонците, поттикнувал и други лица да се занимаваат со собирачка работа.
Зборникот „Народне песме македонски Бугара“ бил подготвен во 1858 година, но излегол од печат во почетокот на 1860, со што е прв објавен зборник на македонски народни песни. Иако словенското население во Македонија Верковиќ го нарекува бугарско, тој објаснува дека тоа име е повеќе политичко и државно отколку народно. Во својот предговор напишан на српски јазик, дава значајни податоци за поетската традиција во Македонија, склоноста кон пеењето и особено е воодушевен од Дафина од с. Просеник, од која забележал 270 песни. Својот зборник Верковиќ го поделил на два раздела: I. Разделак Песме женске од певачице Дафине из Просеника код Сереза, и II. Разделак Песме женске од више певачица из разни’ предела македонски, во кои има 235 песни во првиот и 100 песни во вториот дел. Потоа овие песни Верковиќ ги класирал по групи според поводот, што е општо во тоа време, но од аспект на современата фолклористика се смета за произволно и непрегледно. Како што истакнува Пенушлиски, фолклорните материјали на Верковиќ не биле доволно коректни, бидејќи имаат грешки во јазичните форми и особеностите на говорите, во версификацијата и немаат податоци за имињата на пејачите, нивното потекло и времето на исполнување, но сепак имаат огромна фолклористичка вредност.
Верковиќ ги објавил и мистификациите Песната за Орфеј, двата зборника Веда Словена и други дела кои не спаѓаат во народното творештво, туку се плод на неисцрпната фантазија на мистификаторот Јован Гологанов кој успеал да го заблуди Верковиќ. Тоа го оддалечило од фолклористичката активност и ја нарушило неговата репутација, но подоцна науката успева правилно да ја согледа неговата дејност и да ги процени нејзиниот обем и значење. Така, денес знаеме дека покрај зборникот, Верковиќ објавувал фолклорни и етнографски материјали во одделни списанија и весници (СбНУ, Македонски преглед, Цариградски весник), а објавувал и книшки и статии во кои ги објаснува својата работа и своите собирачки резултати. По својот престој во Македонија, Верковиќ извесен период минал во Русија, па во Бугарија, каде што и починал.
Дел од неговата оставина бил објавен во Руската академија на науките, во зборникот со 200 трапезариски песни, приреден од П. А. Лавров во 1920 г. во Петроград, а во 1932 г. во Прага излегол и зборникот Јужномакедонски народни приказни, подготвен од Лавров (заедно со Јиржи Поливка). Во Архивот на САНУ се чува и негова необјавена збирка со народни песни од серскиот крај, подоцна преобјавена заедно со сета негова оставина во петтомните собрани дела на Верковиќ, приредени од Кирил Пенушлиски и објавени во 1985 година.
Со сета своја плодна активност во Македонија, неспорно е дека Верковиќ е еден од стожерите на македонската преродба, кој влијаел на македонските интелектуалци во борбата против фанариотите и во издигање на свеста за значењето на фолклорната дејност. Иако неговиот зборник ги нема квалитетите како зборникот на браќата Миладиновци, сепак претставува прв и мошне драгоцен прилог за македонската народна поезија. (А. М.)