Живот и дело

Вера Чејковска го воспоставува својот начин на посматрање на односот меѓу човекот (Јас) и светот (можностите, алтернациите, разградбите, множеството, повеќезначноста, мултисонантноста, отворената врата).

македонска поетеса, есеист, преведувач, сеизмолог и физичар. Дипломира физика на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје

македонска поетеса, есеист, преведувач, сеизмолог и физичар. Дипломира физика на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Завршува постдипломски студии по физика на внатрешноста на Земјата и магистрира на Универзитетот во Загреб. Се стекнува со титулата доктор на физички науки на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Почнувајќи од 1980 до крајот на својот живот работи во Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Била член на Македонскиот ПЕН центар, Друштвото на писателите на Македонија, Друштвото на физичарите на Македонија и Здружението на инженерите по физика на Македонија. Била секретар на Македонскиот ПЕН (2006 – 2008), член на редакцијата на Ревијата на Македонскиот ПЕН центар (1996 – 2000) и нејзин главен уредник (2006 – 2009). Била и член на редакцијата на списанието Стожер на ДПМ (1998 – 2000, 2002 – 2004). Списанието Стремеж број 3 од 1992 е посветено на творештвото на Чејковска.

Чејковска е автор на неколку книги поезија во оригинал на македонски, како и на неколку избори од нејзината поезија (Отсуството на Благиот, Скопје, Македонска книга, 1993; Отсуството на Благиот 1, Битола, Микена, 2008).

Чејковска има објавено и бројни научни трудови монографии, статии и енциклопедиски одредници од сеизмологијата (на македонски, српски, хрватски или англиски). Во домашни списанија, антологии и други изданија објавени се нејзини книжевни есеи и есеи на врската меѓу науката и уметноста, како и книжевни и научни преводи од англиски, руски, српски и бугарски јазик. Била уредник во неколку македонски научни изданија.

Уште во својата прва книга поезија Човек и врата (1975), Вера Чејковска го воспоставува својот начин на посматрање на односот меѓу човекот (Јас) и светот (можностите, алтернациите, разградбите, множеството, повеќезначноста, мултисонантноста, отворената врата). Таа се залага „...за една, од физиката изведена одбрана на поезијата (уметноста)“. Таа го посматра светот и го создава сопствениот поетски свет од гледна точка на квантната физика и надвор од вообичаениот каузален пристап. Во физиката не мора секоја последица да има своја причина, па така и во поезијата. Таквиот нејзин поглед на свет подоцна самата ќе го дефинира како веројатносен и релативистички. Тој е основа на нејзината поетика на преустројства, опити (експерименти) и „множења на словото“. Плурализмот на значењата произлегува од плурализмот на варијациите и од начинот на употреба на зборовите.

Осумдесеттите и деведесеттите години на XX век немаше сомнение дека на македонската книжевна и културна сцена е појавена личност која не е стандардна ни стереотипна, поетеса која има радикални естетски сфаќања и чиешто дело ги применува тие нејзини радикални естетски сфаќања. Радикалниот пристап на Чејковска е во критички дијалог со традицијата и, како таков, доведе до создавање нов „егзактен“ поетски стил со признак на сциентизам и парапоетичност. Својот поетски радикализам Чејковска го дефинираше со изразот „рески скокови“ (од нејзината песна „Психо“ од Множење на словото). Со последната нејзина збирка Чејка и чајка (2015), Чејковска ќе го радикализира својот поетски стил со промоција на песните во проза и нарацијата како поезија. Двата жанра таа ги слеа во еден.

Чејковска ги има добиено наградите: „Млада Струга“ (1986), „Кочо Рацин“ (1992), „Ацо Шопов (2007) и Браќа Миладиновци“ (2014). (К. Ќ.)

  • Автор

    ВЕРА ЧЕЈКОВСКА

  • 16.X 1954, Скопје - 19.XI 2018, Скопје

  • современа книжевност

  • автор поезија


Опус

Човек и врата. 1975. Скопје: Сојуз на литературните дружини и клубови на младите од СР Македонија (поезија); Множење на словото. 1986. Скопје: Наша книга (поезија); Опит. 1992. Скопје: Македонска книга (поезија); Рабови. 2007. Скопје: Матица македонска (поезија); Моите веди. 2013. Скопје: Дијалог (поезија); Чејка и чајка. 2015. Скопје: Или-или (раскази).

Три нејзини кратки раскази се застапени во антологијата на македонскиот краток расказ – Џинџуџе во земјата на афионите: антологија на македонскиот краток расказ. (Скопје: Темплум, 2022, стр. 123-126, приредена од Никола Гелевски и Владимир Мартиновски.)


Библиографија

Старделов, Георги. 1994. Вера Чејковска. Десет. Скопје: Македонска книга, 125-151.; Стремеж бр. 3, 1992. Специјален број посветен на творештвото на Вера Чејковска.; Ќулавкова, Катица. 1986. „Рески скокови“. Предговор кон Множење на словото, Вера Чејковска: Скопје, Наша книга.; Ќулавкова, Катица. 1993. Поетика на преустројства. Предговор кон Отсуството на Благиот од Вера Чејковска. Скопје: Македонска книга, V-XVIII.; Ќулавкова, Катица. 2000. Македонското женско писмо: од опозиција до конјункција (Светлана Х. Јоциќ, Весна Ацевска, Лилјана Дирјан и Вера Чејковска). Зборник на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура. Скопје, 311-322.