МНОЖЕЊЕ НА СЛОВОТО
1986
современа книжевност
поезија
Она што е константа на поетски израз на Вера Чејковска може да се опфати со реторичкиот поим парономазија: синтаксата го следи начелото на созвучност и звучна блискост на зборовите, видливо уште во нејзината збирка Множење на словото (1986), потоа и во Опит (1992): слинка, слика, слик/рима, сила, ма-слинесто;); „свод сведен на светска семка“; „леплива лаплива длабина“; „глетката го глода гледот“; „складот е глад за склад помал“; „глеѓ како глето / глеѓ како глезен, / и глеѓ како заб“... Тоа остава впечаток на игра со зборови, но не се работи за наивна игра.
Поетиката на збирката Множење на словото (1986) и на нејзините два циклуса „Глоба“ и „Пре-устројства“, треба да се бара меѓу три чувствителни оски: 1) анализата или психоанализата, 2) раѓањето на вистините во песната во вид на митопоетска слика, и 3) „јазичното“ гледање како минијатурно посматрање, скицирање и опишување на предметот на песната. Така, се воспоставува постојан кружен тек меѓу психата, просторот-времето-историјата и материјата, соларното кружење, двојното кружење (секоја планета самата околу себеси и околу Сонцето, спирално кружење на цели планетарни системи, единката/човекот кој кружи/се врти околу личниот свет...). Со аналитичната и толкувачка постапка, Чејковска ја потиснува канонизираната модернистичка поетска експресија, нејзиниот симболизам, експресионизам, конфесионализам, лудизам, па и популизам. Лирското Јас во поезијата на Чејковска е едвај видливо во текстот. Тоа оди по рабовите на отсутноста и треба да се реконструира од устројството на песните.
Множење на словото има цврста и симболична структура, остава впечаток дека поетските перцепции и митски слики се во служба на физиономирањето на лирскиот субјект и стил. Таквиот впечаток налага сосредоточено прочитување на песните, на нивните јазични, психофизички и механички реквизити, полни парономазии, синестезии, алитерации и хомофонија. Метафората во оваа поетска книга е елиптична и нераздвојна од другите стилско-реторички фигури кои се покарактеристични за Чејковска: имплицитната аналогија, метонимијата, синегдохата, оксиморонот, антитезата, парадоксот, иронијата, парономазијата, персонификацијата и синестезијата. На пример, Чејковска на ваков начин ги изведува своите метафорични аналогии: „Усните, / само рујни грчења на сивините“; „Присност, праска во ноќ, / месопотамиски црна“; „твоите очи, / две морски литоти...“. Поетскиот израз на Чејковска е нагласено телеграфичен, шифриран, многузначен, плурален... Стиховите се искршени, неизбалансирани, многу нови песни се варијација на некоја нејзина стара песна, оставаат впечаток на фрагмент, на запис, а всушност се длабоко промислени. Емоциите постојат, дури и извесна страст, но тие се прикриени, а не експлицитно искажани. Таквиот автентичен, каприциозен и спиритуализиран јазик на Чејковска го отвори патот на песната кон Благиот, кон вишите духовни сфери, на еден нов, урбан и сциентистички начин.
Поезијата на Чејковска во Множење на словото (1986), па и во третата нејзина книга Опит (1992), го обележува преломниот развоен период на македонската современа поезија, преминот од модернизам кон постмодернизам. Чејковска го индивидуализира максимално својот поетски израз така што се впиша во македонската книжевна историја како уникатна појава, кон којашто би можеле да ја допишеме уште појавата на Милош Линдро, поет со слична образовна формација и поетика. Таа поетика го хибридизира поетскиот израз со научниот.
Мамејќи нè со илузијата за прецизност и мерливост, песните на Чејковска нè доближуваат до неверојатното и немерливото. Безмерно мали и големи, моќни и немоќни, нужно и своеволно постоиме, пропаѓаме, гинеме, се издигаме, се радуваме и страдаме во овој свет што, каков и да е, го доживуваме од позиција на човек, но никој не ни брани да го погледнеме и од поинаква точка: онаа на Бога (Благиот), онаа на Сатаната (Горкиот, Злобниот). Треба само да ги поткренеме завесите, мрежите, маглите, смогот, да се раздвижиме и да се свртиме наоколу за да видиме „подалеку од себе“. Треба остар поглед, око на сокол, птичја или ѕвездена перспектива.
Лирските теми во поезијата на Чејковска се метафизички, книжевни, историски, митолошки, а пристапот крајно нетрадиционален. Песните од Множење на словото се на свој начин атрактивни, необични, повеќезначни. Тие го поседуваат оној магнетизам на смислата кој е нужен предуслов за секоја песна. Поетскиот „простор“ се движи во распон од камерност до космичност. Еднаш збиен во кутии, другпат во соба или на театарска сцена, потем распрснат во небесниот свод и низ времето или бескрајот, просторот во поезијата на Чејковска ја скицира поетската слика. Просторот е маслинка или орев, поглед во себе, ладен и отуѓен поглед наоколу, тој мириса, има боја, влажност, сетилност, звучност... Езерото е светлина, мрак и звук. Ноќта е месопотамиски црна, прозорците се отвораат како 1001 црн фрак, словото е заплиснато од тантели, розети, маглички, кожички, слинести и розови мрежници, болот е бодлеровски, св. Климент ја открива школката под охридскиот свод, историјата е ладен заслон пред врелините на денешницата, историјата е „глинена меморија“.
Интертекстуалното и неоманиристично структуирање на знаците и значењето во оваа книга одат во спрега со антропокосмичката филозофија на човекот и светот. Таа деликатна спрега ја прави поезијата на Чејковска херметична, апстрактна, прочистена/филтрирана од реалистични и лични евокации. Таа упатува на искази на други автори и дела од поблиската и од подалечната историја, и во временски и во културен поглед, но на дискретен начин. Песната „Бош“ (славниот сликар Хиеронимус Бош) го устројува портретот на Бош низ призма на неговите слики, фрагменти од неговите слики, нивниот амбиент, низ негова лична призма (неговите очи): „хиеронимус погледна свето и световно на хертогенбошкиот плоштад...“, „леплива лаплива длабина: улицата е луциферска“. (К. Ќ.)
Ќулавкова, Катица. 1986. „Рески скокови“. Предговор кон Множење на словото, Вера Чејковска: Скопје, Наша книга.