Живот и дело

Македонски поет, публицист и новинар. Дипломирал на Катедрата за југословенска книжевност со македонски јазик, на Филолошкиот факултет во Скопје. Автор е на 30 изворни книги поезија. Има објавено неколку избори од неговото поетско творештво, како и избрани дела во четири тома. Автор е и на повеќе публицистички книги и огледи, меѓу кои се издвојува едицијата од 10 (публицистичко-раскажувачки) книги посветени на Чешка и чешките автори. Негови книги се објавени на англиски, албански, бугарски, српски, чешки и словенечки јазик. Циклуси од поезијата му се објавени на германски, француски, шведски, турски, романски, унгарски и други јазици. Има преведено на македонски јазик над 30 книги од англиски, чешки, српски, бугарски и други јазици. Автор е и на повеќе новински и телевизиски патописи. Член е на ДПМ од 1972 година, а од 2005 до 2013 бил претседател на Македонскиот ПЕН центар. Работниот век го поминува како новинар во неколку редакции: „Млад борец“, „Комунист“, „Нова Македонија“, „Балкан форум“, Телевизија Телма и Танјуг – бил главен и одговорен уредник, како и уредник на културните рубрики. Основач е и главен уредник на издаваштвото „Везилка 2012“.

Поезијата на Лазаров остава впечаток дека е читлива, сценски изводлива, реторична, колоквијална. Неговата поетика се издвојува како посебна поради комбинацијата на следните чинители: лежерната наративност, мемоаристичност и драматичност, евокацијата на јазичните и стилски клишеа од македонската фолклорна и книжевно-уметничка традиција, слабост спрема поп-естетиката, боемскиот жаргон, пародијата и сатирата. Поезијата на Лазаров е отворена и чувствителна спрема социјалните, политичките и тривијалните аспекти на современиот живот сега и тука: македонската дијаспора/емиграција, животот на специфичните општествени слоеви – рибари, фурнаџии, но и гајдаџии, револуционери, историчари, боеми и поети. Тој често употребува јазично-сценски елементи позајмени од колоквијалниот и фамилијарниот говор, пцости и кафеански реплики на сериозни теми. Тој ги десакрализира урбаните митови и љубовните стереотипи. Тоа ја карневализира поезијата на Лазаров и ја доближува до ежедневните, егзистенцијалните, па и карикатурални лица на постјугословенската „бричена стварност“.

Лазаров често ја користи епистоларната форма и дикција, која комбинира елементи на мемоар, хроника, анегдота, дневничкиот запис и колумна. Епистоларните песни и подолгите поеми на Лазаров се референтни за новата македонска поезија затоа што актуализираат не само современи теми, туку и наративи за бројни историски личности од нашата современост и нашето ’блиско минато’.

Добитник е на наградата „11 Октомври“ за животно дело, како и на повеќе книжевни награди и признанија: „Млад борец“, „8 Ноември“ на Општина Штип, „13 Ноември“ на Град Скопје, наградата Ацо Шопов“ на ДПМ, наградата „Браќа Миладиновци“ на СВП. Добитник е и на две награди Петар Кочиќ“ – за најдобра книга објавена на српски јазик и за животен опус. (K. Ќ.)

  • Автор

    РИСТО ЛАЗАРОВ

  • Штип, 3.IX 1949 -

  • современа книжевност

  • автор поезија


Опус

Опус

Ноќна птица во паркот. 1972. Скопје: Сојуз на литературни дружини и клубови на младите од СРМ (поезија); Јана. 1980. Скопје: Мисла (поезија); Грозен кикот. 1982. Скопје: Мисла (поезија); Капки кисела вистина. 1985. Скопје: Мисла (поезија); Лето преку океанот. 1988. Скопје: Култура (поезија); Горјан во Дорјан. 1988. Скопје: Детска радост (поезија); Точка на вриење. 1990. Скопје: Македонска книга (поезија); Од Битола појдов. 1993. Скопје: Детска радост (поезија); Одвајнадежна. 1993. Скопје: Култура (поезија); Силјан штркот уште еднаш ја облетува Македонија. 1995. Скопје: Детска радост (поезија); Херакле. 1999. Скопје: Р. Лазаров (поезија); Колумбо го открива новиот светски поредок. 2000. Скопје: Р. Лазаров (поезија); Тројца за преферанс. 2001. Скопје: Култура (поезија); Одмолчена. 2003. Скопје: Селектор (поезија); Ненадејна. 2005. Скопје: Култура (поезија); Чехопек. 2006. Скопје: Дијалог (поезија); Среде. 2008. Скопје: Блесок (поезија); Сонот на коалата. 2009. Скопје: Три (поезија); Кревалка. 2011. Скопје: Макавеј (поезија); Ситночекорка. 2012. Скопје: Дијалог (поезија); Светилничар. 2013. Скопје: Везилка 2011 (поезија); Препки. 2014. Скопје: Везилка 2011 (поезија); Вампирското. 2015. Скопје: Дијалог (поезија); Мрак. 2016. Скопје: Везилка 2011 (поезија); Птици. 2016. Скопје: Матица македонска (поезија); Лавиринт. 2017. Скопје: Везилка 2011 (поезија); Цедена. 2018. Скопје: Везилка 2011 (поезија); Езерска. 2019. Скопје: ВиГ Зеница (поезија); Трпки. 2020. Скопје: ВиГ Зеница (поезија); Лилјаци. 2021. Скопје: Везилка 2011 (поезија); Чинук. 2022. Скопје: Дијалог (поезија); Срце во мозокот. 2023. Скопје: Антолог (поезија).


Библиографија

Библиографија и понатамошно читање:

Толкувања: поетскиот свет на Ристо Лазаров. Скопје: Дијалог, 2009.