Револуционер, просветен деец, поет, фолклорист.
Образованието го стекнал во родното село, во Костур, Битола и во Солун. Кратко време учителствувал во Д’мбени. Учествувал во Илинденското востание како реонски војвода, при што имал повеќе судири со турскиот аскер. Во една од битките бил ранет и засолнет кај негов познајник, кој го предал и убил.
Поп Трајков е еден од најзначајните претставници на последната генерација на македонски поети од крајот на XIX и почетокот на XX век, кои во себе видливо го навестуваат реализмот. Тој пројавил исклучително внимание кон литературата и фолклорот уште во гимназиските денови во Солун. Од тоа време датира неговата фолклористичко-есеистичка студија „Положбата на невестата во куќата на момчето“ (1897). Во текстот, Поп Трајков преку бројни примери од народните песни, обичаите и секојдневниот живот, успеал да даде еден сликовит приказ на животот на македонската жена од крајот на XIX век. Изнесувајќи и компарирајќи делови од секојдневието со фолклорот, тој успешно забележал низа обичаи, радосни и тажни песни, клетви итн. Есеистичкиот пристап го прикажува авторот како солиден познавач и вљубеник во македонскиот фолклор.
Негово најзначајно дело е поемата Локвата и Вињари. Таа е напишана на планинскиот масив Берик на 21 јуни 1903 г., и долго време останала само во ракопис. Со насловот При ‘Локвата и Вињари’ е објавена во весникот 20 јули од 1924 г., а како Локвата и Вињари е објавена на страниците на списанието Илустрација Илинден во 1929 г. Таа е инспирирана од големата битка што ја воделе неколку чети на Македонската револуционерна организација со турскиот аскер на 30 мај 1903 г., на врвовите Локвата и Вињари во близина на селото Д’мбени, Костурско. Поемата е составена од 63 катрена, односно 252 стиха, а според повеќе критичари, таа претставува историски документ и потресно лирско сведоштво кое означува прослава на херојскиот подвиг на самото бојно поле. Блаже Конески за неа ќе запише дека станува збор за „еден приповдигнат текст, полн со благороден патос, интониран со свечена романтичарска нота“. Поетот, пак, е означен како „лиричар со епски дух“, кој преку сугестивните слики за свесната саможртва на именуваните јунаци Дичо Антонов и Лаки Поповски, како и низа други македонски револуционери, всушност го олицетворува самиот народ решен „не да се крие“, туку „да се бие“. Испеана со лирска напнатост, со реалистичка поетика, но со благ романтичарски патос, благодарение на познавањето на тогашните современи стилски и формациски определености во книжевноста, авторот Поп Трајков успеал да напише вонвременско дело, добивајќи го, покрај Григор Прличев, епитетот „новиот Хомер“ во македонската книжевност.
Животниот пат и делото на Лазар Поп Трајков е инспирација за повеќе современи македонски поети и прозаисти, како на пример: Радован П. Цветковски, Стојан Кочов, Иван Чаповски и др. Неговата поема Локвата и Вињари е застапена во повеќе избори и антологии на македонската поезија. (С. К.)