Публицист, општественик, лингвист, преведувач, поборник за народна просвета, сопственик на печатница во која биле печатени книги и списанија со македонска тематика, редактор на в. „Македонија“ (Русе, 1902). Тој е еден од првите заговорници за федерација на Балканот, во која Македонија би била одделна политичка целина, се застапувал за фонетскиот правопис. Гулапчев се вбројува во претходниците на Мисирков.
Образованието го стекнал во Цариград, Одрин и Пловдив. Продолжил да се школува на Духовната семинарија, се префрлил на Правниот факултет во Москва, па продолжил на Историско-филолошкиот факултет во Киев (1881/1882), каде во 1883 г. формирал дружина, која имала за цел распространување на природните науки во Македонија. За време на студиите тој ги прифатил федералистичките идеи на украинското револуционерно движење, идеите на П. Л. Лавров и М. П. Драгоманов, како и елементи од нихилизмот, анархизмот и интересот кон сиромашните. Во 1886 г. бил екстрадиран од Русија бидејќи пренесувал нелегална литература. Се вратил во Русе, каде што во 1890 г. отворил книжарница со библиотека. Основал „пријателски дружини“ преку кои организирал просветни организации со цел да ги пропагираат народните идеи. Со помош на тамошните социјалисти, во 1889 г. купил печатница во која биле печатени книги и списанија во кои се пишувало и за македонското прашање. Во периодот од 1885 г. до 1905 г. објавил бројни трудови во периодичниот печат, во кои пишувал за Македонија од различни аспекти.
Спиро Гулапчев е припадник на групата млади македонски интелектуалци кои се школувале и живееле надвор од Македонија, но творечката и општествената дејност им била насочена за остварување на интересите на македонскиот народ. Неговото дело по обем е мало, без значајни литературно-естетски вредности, но идејно е од големо значење, бидејќи е публикувано во време кога се водела борбата за ослободување и за национално осамостојување на македонскиот народ, кога се пишувало и се дискутирало за создавање на македонскиот литературен јазик. Неговите ставови за идното политичко уредување на Македонија, мислите за јазикот и за правописот, согледбите за етногенезата на македонските Словени наоѓале силен одглас меѓу македонската интелектуална емиграција во Бугарија и Србија. Поради сево ова, в. „Свобода“ на Стамболов го нарекол „прв проповедник на сепаратизмот меѓу Македонците“.
Еден расказ – Дедо Стојан (Се има ли ум, ќе има и напредок)(1885, Киев) е неговата прва објавена книга на македонско наречје. Во предговорот тој ги изнесува своите погледи за јазикот, односно за формирање на општобугарски јазик, при што на десетината страници тој води полемика во која се изјаснува против етимолошкиот, а се застапува за фонетскиот правопис. Во вториот дел е претставен расказот, во кој на првите девет страници нè запознава со животот на главниот лик Петко, кој по завршувањето на образованието во Цариград и Москва се враќа во родното село и преку земјоделието започнал да го спроведува сето она што го научил. Селаните најпрвин биле недоверливи спрема него, но по разговорите што ги водел со нив и со селскиот поп, неговите иницијативи за образование на населението биле прифатени. Дијалогот тече во духот на усната народна литература и на народната филозофија, со низа поговорки и пословици. Темата на разговорот е значењето на просветата, борбата против грчката пропаганда, како и дискусијата за јазикот. Петко бил против употребата на туѓите зборови, иницира отворање училиште итн. Субјективнот повик за образование, за просвета, затоа што „учењето е светлина“, добил колективен одглас. Книгата е напишана во просветителски дух, со дидактичко, морализаторски и хуманистички идеи.
Еден оглед по етнографијата на Македонија (1887, Габрово) претставува одговор на многубројните остри критики по повод неговата книга Дедо Стојан, а се однесувале на правописот, употребата на турцизмите, членовите и заложбата за фонетскиот правопис. Во предговорот на книгата Гулапчев истакнува дека книгата ја отпечатил како одговор на забелешките, нагласил дека народноста на еден народ се определува според јазикот и дека фонетскиот правопис е „најнаучен, најдемократски, најекономичен, или најпрактичен правопис“. Целта на книгата била и да ја афирмира идејата за федерација на Балканскиот Полуостров, преку која би дошло до решавање на македонското прашање. Тој ги опишал актуелните политички настани, поточно претензиите на Русија, Бугарија, Србија и Грција спрема Македонија. Според него, за да се дојде до етнографската вистина на Македонија, треба да се посвети внимание на архитектурата и покуќнината, на вкусот, на игрите, на народното лекување и „на магиите на македонските жители“, а потоа да се споредат со српските и бугарските за да се видат разликите. Гулапчев сметал дека Македонија веќе би била слободна доколку не постоел српско-бугарскиот и грчко-бугарскиот етнографски интерес за неа, како и поради тоа што македонскиот „маслаат“ за „клетите македонски жители“ не бил поставен на научни темели ни од етнографска ни од политичка гледна точка. Бил дециден дека „Македонија треба да составува одделна политичка целина на Балканскиот Полуостров“. Сметал дека Бугарите треба да ѝ дадат поддршка на Македонија, а не да работат за ја присоединат. Го обвинувал и критикувал односот на Русија спрема Македонија за решавањето на македонското прашање, која ги гледала само своите интереси и не сакала Македонија да се ослободи. За него најкомплексно било решавањето на македонското прашање, нагласувајќи дека било невозможно Македонија да се подели меѓу Бугарија, Србија и Грција и дека ниту една од нив може да ја присоедини целосно кон себе. Се прашувал дали Македонија треба да биде вечно без слобода, без никакви политички права и дали таа треба вечно да служи за „народнински и политички антагонизам“ меѓу грчкиот, српскиот и бугарскиот народ. Во јазолот во кој била врзана Македонија, Гулапчев не ги гледал само надворешните сили туку и: „Знам дека во нашиот народ има мнозина бамбашки патриоти и политиканти...“. Предвидувајќи ја поделбата на Македонија, го изедначил македонското прашање со Источното, па предложил формирање на федерација на Балканскиот Полуостров која би била составена од: 1) Македонија, 2) Епиро-Албанија, 3) Европска Турција, 4) Црна Гора, 5) Романија, 6) Србија, 7) Бугарија и 8) Грција. Таквата федерација би била прогласена за неутрална Балканска федерација. Гулапчев ги истакнал и границите на Македонија, кои се наоѓале меѓу Доспатите, Егејско Море, Грција, Епиро-Албанија, Србија и Бугарија, и сметал дека тие би биле гаранција да не може ниту еден од околните балкански народи да „претендира за да ја завладее, како братска божем страна“. За нејзиното уредување сметал дека би било најдобро системот да биде поставен како во Источна Швајцарија.
Во книгата Еден оглед по етнографијата на Македонија, напишана на македонско наречје, се изнесени политичките, етнографските и лингвистичките погледи на Гулапчев и во неа ја формулира поставката дека ослободувањето на Македонија е во активирањето на сопствените сили и во заложбата за просвета на македонскиот народ. (В. М. Х.)