Поет, учител, есеист, раскажувач, публицист, историограф, општественик, лексикограф, преведувач, полиглот (познавал околу десетина јазици), фолклорист-собирач, соработник на браќата Миладиновци и автор на првата биографија за нив. Неговото литературно дело е напишано во емиграција, преку кое се залагал за политичко ослободување на Македонија, а со уметничките и тематските вредности има особено значење за развојот на македонската литература.
Се школувал во Велес, а од 1856 г. работел како помошник учител на Димитар Миладинов во Прилеп, каде што вовеле нови општообразовни предмети по Бел-Ланкастеровата метода. Во 1857 г. со Димитар Миладинов заминал за Кукуш, каде работел како учител, и со негова помош заминал на школување во Одеса, Русија, на Херсонската семинарија. По кратко време, по повик од Константин Миладинов кој му обезбедил стипендија, се преселил во Москва. Во 1860 г. се запишал на Историско-филолошкиот факултет, на кој дипломирал во 1864 г. Од 1865 г. започнал да работи како професор по старогрчки јазик во една московска гимназија. Како студент станал член на друштвото „Братски труд“, го иницирал издавањето на истоименото литературно списание, кое и го уредувал. Ги прифатил словенофилските идеи, бил соработник на словенофилскиот печат и бил близок со И. С. Аксаков, П. И. Бартенев, Нил Попов. Од 1861 г. започнал да објавува прилози за Македонија во списанијата „Современија летопис“ и „Ден“, а бил соработник и на голем број весници и списанија: „Словенин“, „Времја“, „Народност“, „Москва“ и др., во кои објавил над 180 статии, дописки и прегледи. Во 1866 г. престојувал два месеца во Македонија, по што ја објавил статијата „Од белешките на еден патувач низ Македонија“. Бил дописен член на Бугарското книжевно друштво во Браила, Романија (1870). Во 1872 г. година го добил рускиот орден „Света Ана“ од трет степен.
Рајко Жинзифов ѝ припаѓа на генерацијата македонски литерати кои го предводеа културниот развој на македонскиот народ. Заедно со својот учител Д. Миладинов, тој е меѓу првите кои ја ширеле писменоста на словенска кирилица, собирал и запишувал народни песни, составил опширен топографски-етнографски опис на централниот дел на Македонија, подготвил речнички материјал, автор е на повеќе публицистички трудови (над 180), меѓу кои „Димитар и Константин Миладинов“, „По повод илјадагодишнината на свети Кирил и Методија“, „Од белешките на еден патувач низ Македонија“, преведувал, автор е на расказот „Прошедба“ и на поемата Крвава кошула. Жинзифов е претставник на романтизмот, а со песната „Гарван“ (1862) можеме да го означиме и како предвесник на симболизмот во македонската поезија.
Поетскиот опус на Жинзифов содржи 40 песни (39 објавил во периодот од 1860 г. до 1864 г., а голем дел од нив се објавени во сп. „Братски труд“) и поемата Крвава кошула. Во неговата поезија доминантни се национално-политичките теми од неговото време. Неговата првата песна „Гулаб“, објавена во цариградското списание „Бʼлгарски книжици“ во 1860 г., претставува манифест, проглас на мотивите во неговите идни песни: тој го моли гулабот кога ќе дојде во „мила моја татковина“ да каже дека е испратен од „една душа, која страда за своите блиски“. Во неа говори за тешкото ропство, ги критикува грчките владици и денационализаторската политика спрема македонскиот народ, го повикува својот народ да не спие, да преземе акција, го воспева ликот и делото на Димитар Миладинов. Врз него силно влијаел украинскиот поет Тарас Шевченко, чија поезија најмногу ја преведувал, па оттаму и присуството на борбено-граѓанските мотиви. Жинзифов отворено пишува против елинизмот и против европеизацијата, дава слика на животот на македонскиот народ, за народниот морал, со љубов пее за народниот бит, за чистите „народни начела“, обичаите и празниците. Во одредени песни тој се повикува на Крале Марко и на св. Климент Охридски. За неговата поезија е карактеристично тоа што во една песна честопати се преплетуваат повеќе мотиви, каква што е песната „Безсоница“, во која се доминантни: тагата, носталгијата, осаменоста, критиката на западната „поразија“, некорисноста од книгите, чувството дека не припаѓа таму, споменот на родниот крај, на детството и на сестра му, „опсесивната тема“ – чувството дека е отфрлен, односно дека му свртел грб на својот народ (како што е и во песната „Сам себе си“, во која доминира самоомразата, нарекувајќи се „скитник без рода“). Самопрезирот, душевната тишина и осамата, елементарните одлики на романтизмот, се застапени во сето негово поетско творештво, испеани се со баладичен тон и со присуство на категоријата време. Поимот на народниот дух го разбира во словенофилска смисла, како во песната „Гуслар во собор“, во која е истакната вербата во словенското братство, односно словенофилството како единствен можен одговор на елинизацијата. Ангажираноста е бележита и во неговата интимна лирика, во која се застапени речиси сите суштествени прашања од животот, пее за поборниците за слобода, ја застапува историската тематика, го идеализира минатото, пее за тешкиот емигрантски живот, за сиромашниот студентски живот, за спомените на родниот крај („земен рај“), за детството и младите години, го идеализира патријархалниот живот, повикува на вооружена борба и на одмазда кон поробувачите. Уметничката вредност на моменти е скриена поради публицистичкиот тон и поради поетскиот јазик кој е изграден врз неговиот роден дијалект – велешкиот, со примеси од рускиот и бугарскиот јазик и со присуството на архаизми. Сепак, поезијата на Жинзифов, која претставува богат одраз на животот, испеана со лична искреност, со длабоко човечките немири и болки, претставува најзначаен дел од македонската поезија во XIX век. Жинзифов е инспирација и за современите македонски поети, како што потврдува и Блаже Конески во поемата „Средба со Жинзифов“.
Значењето на поезијата на Жинзифов е што во неа се засегнати сите посуштествени прашања од македонскиот национален живот од XIX век. Неговата ангажираност не отсуствува и во неговата интимна лирика, таа е длабоко патриотска и национална, односно како што оценува Александар Спасов – неговата лирика е врела, неспокојна, со повишен тон, бурна, под натисок на силни чувства, „лириката на Р. Жинзифов е длабока човечка исповед на едно крваво рането поетско срце“. (В. М. Х.)
[D2]Хиперлинк:
Крвава кошула