• Наслов

    ПРОШЕДБА

  • Автор

    РАЈКО ЖИНЗИФОВ

  • Година на издавање

    1862

  • Категорија

    преродбенска книжевност

  • дело расказ

Опис на делото

 Прошедба е расказ од Рајко Жинзифов кој го одбележува првиот чекор на уметничката проза на македонски јазик. Објавен е во сп. „Братски труд“, а е посветен на Димитар Миладинов. По својот предмет наликува на патопис; авторот пишува за својот излет до селото Врбјани, но бидејќи не дава описи на она што го видел и преживеал при патувањето, туку преку потресната приказна на една старица преку која ја прикажува сликата на животот и условите во тогашните наши села, текстот се оценува и како поетска творба. Расказот не е напишан со една целосна фабула, туку авторот преминува од една на друга епизода, од една на друга слика. Притоа одбира настани и слики што одговараат на неговите тематски идеи, а тоа се: спротивставувањето на силниот европски налет во градовите – „новата напаст“, „европската поразија“ (особено француската мода и јазик) која ги урива народната култура и традиција и борбата против елинизмот, односно против грчката управа и употребата на грчкиот јазик во црквите и училиштата. Во него е истакната и заложбата на авторот за употреба на славјанскиот јазик и за една самостојна црковна организација во Македонија, поточно обновата на Охридската архиепископија. По првичните описи на природата, следува опис на настан во селската црква преку кој авторот упатува критика против фанариотите. Потоа следува опис на ручекот во домот на дедо Стојан, каде што се води разговор за славното минато, за Крале Марко, Дојчин, Јанкула војвода, Мино од Костур, Дете Дукадинче, за тоа како по заповед на грчкиот владика биле изгорени старите славјански книги во блискиот манастир. Раскажувањето на дедо Стојан тече живо, на македонски јазик, со народни изреки и пословици, дијалогот е интересен, преплетен со доза на хумор, во кое го раскажува своето животно искуство, поради што овој дел може да се смета и како главна епизода од расказот, а истовремено може да претставува и одделен расказ. Следува нова слика, односно Жинзифов, како вљубеник во фолклорот и со стил на поет кој бил заљубен во обичаите и културата на својот народ, одеднаш го започнува описот на народниот танц – орото, по што веднаш следува нападот на новата „напаст“ – европската мода, за која сметал дека ако влегла и по селата – „тогаш проштавај народност!“. Во раскажувачката техниката Жинзифов успева во целиот текст да го задржи карактеристичниот стил на дедо Стојан, на неговото мислење и јазик. Притоа белетристички се прераскажани низата слики и епизоди со уметнички особености, ликовите се живо исцртани, а до израз доаѓаат и народните обичаи и култура, со што дава реална слика на духот на времето. (В. М. Х.)


Библиографија

 Зографов, Христо. 1981. „Прошедба од Рајко Жинзифов“ во: Рајко Жинзифов – Одбрани творби. Приредил Гане Тодоровски. Скопје: Мисла, стр. 474 – 485; Тоциновски, Васил. 2009. „Модерните потреби на преродбата, Рајко Жинзифов“ во: Расказот на македонскиот 19 век. Скопје: Институт за македонска литература, стр. 22 – 34.