Раскажувач, романсиер, драмски писател, поет и преведувач. Васе Манчев е еден од истакнатите раскажувачи во македонската современа литература кој го надградува фолклорниот расказен образец со оригинални постапки на гротескно-фантастично очуднување.
Се школувал во родното село и во Струмица, а студирал општа книжевност и теорија на книжевноста на Универзитетот во Белград, тогашна СФР Југославија. На истиот факултет магистрирал во 1979 г., а во 2001 г. докторирал на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје. Уште од младешки години пишувал и објавувал проза и е повеќекратен добитник на награди и признанија. Бил уредник на списанието Разгледи, а работел и во Радио-телевизија Скопје. Бил пратеник во Собранието на Република Македонија. Член е на Македонскиот ПЕН центар, а во Друштвото на писатели на Македонија членува од 1980 година. Од 1987 до 1993 г. бил директор на Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ во Скопје, а работел и како виш стручен соработник во Педагошкиот завод на Република Македонија.
Стожерна оска на творечкиот свет на Манчев е потенцираниот интерес за гротеската. Таа е тема и на неговата научна работа (во магистерскиот труд „Елементи на гротеска во прозата на Виктор Иго“ и во докторскиот труд „Гротескното и гротеската во македонската народна раскажувачка проза“), но и белег на целото негово творештво и во доменот на расказот и во доменот на драмата. Како раскажувач Манчев гради своја поетика која рефлектира истовремено и кон актуелната стварност и кон митско-архетипските длабочини и која се потпира врз јазичното богатство и колоритот на фолклорното творештво. Неговата проза е лиризирана до степен на ритмизација и римување, а особено се потпира на визуелниот елемент, со посебен акцент врз деталниот, но зачудно естетизиран опис. Од една страна неговите раскази имаат препознатлива локализација – руралниот амбиент на Робово од времето на писателовото детство и младост, но од друга, раскажувањето често стреми до симболична универзализација и прави исчекор во фантастика и своевиден магичен реализам. На тој начин расказот на Манчев се надоврзува на традицијата на неговите претходници Петре М. Андреевски и Живко Чинго, особено во отклонот од традиционалниот фолклорен раскажувачки образец, а истовремено се вреднува во зачетниците на линијата на карневализација и иронизација на расказот, која ќе ја следат повеќе македонски раскажувачи, како на пример Ермис Лафазановски, делумно Драги Михајловски и други. „Во самата нарација спонтано настанува разорување на реалистичко-фолклорната прозодија. Оттука доаѓа и разликата меѓу прозата на Стале Попов и новиот гномски фолклоризам на Манчев, во кој поетската игра има функција на разорување на стереотипното претставување и збогатување на текстот со метафорика“ (Георгиевски 1985: 220). Специфичниот начин на обраќање кон фолклорот во расказите на Манчев се истакнува и во однос на нивната фантастичност, така што тие се категоризираат во т.н. „фолклорна фантастика“ според присуството на „(по)богат и (по)разновиден арсенал на митски суштества од народната демонологија“ (Капушевска-Дракулевска 1998: 134). Фантастичните раскази на Манчев во богатиот и разновиден корпус македонски фантастични раскази се определуваат како „алегориска фантастика и гротеска“ (Капушевска-Дракулевска 2009: 12).
Заеднички белег на збирките раскази на Манчев се инвентивните поетски наслови во вид на рими (Суша и душа, , Насушна сушност) или како јадровити изрази кои ја доловуваат природата на неговиот творечки свет (на пример, поистоветувањето на неговите раскази со „чинки“ или самоироничното алудирање на нивната „залудност“). Во подоцнежната творечка фаза расказот на Манчев добива поизразена критичко-иронична нота и се приближува до проблемите од актуелната општествена стварност.
Манчев е автор и на два романа (Инакво лице во 1988 г. и Амин во 1998 г.), како и на неколку забележителни драмски текстови, поставувани на македонските театарски сцени. Во доменот на поезијата има објавено една поетска збирка Свирепа вечност во 1995 г. и една поема Големи богови, мали богови и привиденија во 1994 година.
Добитник е на повеќе награди во неколку години на реномираниот анонимен конкурс за најдобар расказ на весникот Нова Македонија, на „Рациновото признание“ во 1983 г. за збирката раскази Клето лето и на наградата „Стале Попов“ на ДПМ за Залудни раскази во 1994 година. (С. С.-Е.)