• Наслов

    КЛЕТО ЛЕТО

  • Автор

    ВАСЕ МАНЧЕВ

  • Година на издавање

    1983

  • Категорија

    современа книжевност

  • расказ

Опис на делото

 Клето лето е третата збирка раскази на Васе Манчев, за која го добил „Рациновото признание“ и со која се етаблирал како оригинален раскажувач со препознатлива поетика. Збирката се состои од дваесет и пет раскази поделени во четири тематски целини: „Тажни свечености“, „Ситна душа“, „Поуки за Фројд“ и „Празен бунар“. Во оваа збирка се и антологиските раскази „Неделен ручек“, „Големиот коњ“ и „Семеен ручек“, во кои е јасно видлива раскажувачката постапка на Манчев: речиси натуралистички опис на реалниот живот со митско ехо, во гротескно-необичен манир и со сугестивна јазична раскошност.

Расказите на Манчев имаат длабинска врска со фолклорот и со архаичниот јазичен израз. Особено карактеристична е неговата склоност кон поетизација на нарацијата и нагласената звучно-ритмичка интервенција на ниво на синтагми кои најчесто ги употребува како наслови на расказите и на збирките, но и на ниво на цели римувани реченици и музички обликувани пасажи. Дејствата во неговите раскази не се особено развиени и расчленети, туку се фокусираат на одделни визуализации, описи кои дејствуваат како митопоетски симболички слики. Повеќето раскази се обединети со заедничкиот хронотоп – родното село Робово од времето на авторовото детство и младост. Како ликови низ овие раскази најчесто дефилираат таткото, мајката, роднините, пријателите, селаните, животните, сите живописно и зачудно прекршени низ оптиката на детскиот поглед, односно низ погледот на младиот човек. Збирката ја има пресечната централна точка во „клетото/проклето лето“ (насловната синтагма), односно летото во кое се збиднува смртта на таткото – главата на семејството. Фабулите се сведуваат честопати на рудиментирани заплети: таткото убива петел за подготовка на неделниот ручек, големиот коњ умира по напорна работа, семејниот ручек означува разделба; но атмосферата и сугестивниот ефект се остваруваат максимално допирајќи ги основните егзистенцијални прашања – средбата со смртта, смислата на опстанокот, отпорот кон примитивноста, амбигвитетниот однос кон руралното. Едноставните заплети ја добиваат својата книжевна сила во екстравагантните описи, во симболичните пластови и во оригиналните и храбри јазични комбинации и стилски решенија. Раскажувањата за Робово се нагласено поливалентни и испреплетени со ониризам и извесен психологизам (што се поврзува и со спомнувањето на Фројд во некои од расказите – „Шлаканица на Фројд“ и „Одмазда на Фројд“, и тоа не без одреден степен на иронија), додека посебно забележлива е тенденцијата да се достигне зачудност од типот на магичниот реализам, што може да се аргументира со директното вплетување во еден од расказите на името и ликот на Габриел Гарсија Маркес – „маѓесникот што занесно раскажува“ (во расказот „Маркес во Скришнина“). Авторот особено игриво пристапува кон именувањето на своите ликови. Најдобро тоа го илустрира името на раскажувачот – Красте, кое алудира на честата симболична употреба на поимот „краста“, а кое напати и директно корелира со селскиот менталитет (на пример, во синтагмата: „...Робово, таа краста од заостанатост и примитивност!“). Расказите на Манчев го преплетуваат трагизмот со една хуморно-иронична нишка насочена кон патријархалната рурална стварност, со што се постигнува силен гротескнен естетски ефект. Тривијалноста на селското секојдневие и драматиката на животните судбини се стилизирани во синтеза на интимно-автобиографски сегменти со колективните и универзални претстави за човекот и светот. Нарацијата одржува ниво на привидна наивност и објективност, а всушност се задлабочува во понорите на архетипското и митско поимање на светот. (С. С.-Е.) 


Библиографија

 Силјан, Раде. „Спонтан и сугестивен говор“ во: Манчев, Васе. 1988. Тажни свечености. Скопје: Мисла, стр. 159-164; Тоциновски, Васил. „Необичното во човекот и во животот“ во: Манчев, Васе. 2002. Гротескни деца. Скопје: Македонска книга, стр. 199-206; Цветкоски, Бранко. „Заводливиот ритам на прикажувањето (Кон раскажувачката поетика на Васе Манчев)“ во: Манчев, Васе. 2015. Неделен ручек (Избрани дела  Том 1. Избрани раскази). Скопје: Макавеј, стр. 5-11.