Поет, романсиер, есеист, критичар, антологичар, книжевен истражувач, публицист и професор по новинарство. Со својот рационално-ерудитски, интертекстуален и автореференцијален потход во поезијата, Смилевски прави особен исчекор кон проширувањето на модернистичките и постмодернистичките изразни стратегии во доменот на македонската поезија на преминот на векот.
Oсновно и средно образование завршил во Битола. Со високо образование се стекнал на Филозофскиот факултет на групата Историја на книжевностите на СФРЈ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Магистрирал на истиот факултет во 1985 година на тема „Поезијата на Влада Урошевиќ“, а докторирал во 1992 г. на тема „Развојните процеси на современата македонска литература одразени на страниците на литературната периодика 1945 – 1985“. Работел како новинар и уредник во весникот „Нова Македонија“, бил уредник за уметничка литература во книгоиздателството „Мисла“ и уредник во Македонската радио-телевизија, како и член на редакцијата на списанието „Разгледи“. Работел и како акредитиран новинар на Македонското радио за Средна Европа во Прага. Од 1985 година работел како научен советник во Институтот за македонска литература, а бил и вонреден професор на студиите по новинарство на Правниот факултет во Скопје. Престојувал на Универзитетот „Ломоносов“ во Москва во академската 1989/1990 година и на Карловиот универзитет во Прага како лектор по македонски јазик во периодот од 1994 до 1997 година. Бил претседател на Советот на Струшките вечери на поезијата. Член е на Македонскиот ПЕН центар и на Здружението на новинарите на Македонија. Во Друштвото на писателите на Македонија членува од 1972 година, а во два мандата бил негов претседател. Член е и на Руската академија на науките и уметностите. Уредник е во издавачката куќа „Дијалог“, главен и одговорен уредник на книжевниот гласник „Синтези“, член на уредувачкиот одбор на едицијата „Македонска книжевност 130 тома“.
Појавувајќи се во македонската поезија во седумдесеттите години од дваесеттиот век, Смилевски припаѓа на генерацијата творци кои отскокнуваат од традиционалните поетски стеги и кои храбро трагаат по сопствен израз. Иако потекнува од рурална средина, неговата поезија има потенцирано урбан карактер и значително се оддалечува од емоционалните интимистички клишеа, стремејќи се кон рефлексивни авантури, необични поетски слики и јазични, структурни и графички иновации. Уште во првата стихозбирка Слика што согорува е забележана доминацијата на визуелна фрагментарност, динамична спротивставеност и прекршување на смислата, оддалечување од сетилниот поттик и елиптичност на изразот. Во Кафез, Диши длабоко и Одзив на здивот доаѓа до израз истражувачкиот експериментален дух на поетот како кон симболичките длабочини така и кон формалните и јазично-стилските варијации. Уште во своите први песни Смилевски донесува енергетски набој на скептицизам и иронија и еден интелектуален немир кој се спротивставува на секаков вид ограничувања и сместувања во кафез, кој трага и преиспитува, конструира и деконструира. Проследувачите на неговата поезија согледуваат две крупни фази, односно два поетички концепта. Првиот ги опфаќа збирките објавени во дваесеттиот век, а вториот отпочнува со збирката Педесет песни, објавена токму на преломот на столетието, во 2000 година. Во првата етапа поезијата на Смилевски се стреми кон замаглување, затемнување на пристапот кон смисловните слоеви, се потпира врз сликовни елементи (честопати сопоставување диспаратни слики во авангардистички стил, на пр. во песните „Откривање слика“ под 1, 2 и 3, па и во самото „согорување“ на сликата како доминанта и наслов на првата стихозбирка). Неговиот стих го заведува читателот по мрежи од смисловни патеки и го дразни со никогаш докрај неодгатливата и ирационална позадина. Во оваа етапа посебно место заземаат еротските стихови на Смилевски, во кои се спојуваат мајсторската книжевна коприна на метафоричност и асоцијативност со напати директната референтност или алузивност. Од самите почетоци, а особено во втората фаза од творечкиот развој Смилевски покажува особен креативен однос кон античката митологија и кон книжевната традиција воопшто. Неговото обраќање кон античките теми варира од висок степен на сакрализација до целосна десакрализација, деконтекстуализација и иронизација на некои нивни значенски слоеви. Во втората поетска фаза на Смилевски доминира трилогијата Педесет песни, Педесет допевања и Час по поезија: педесет поетски коментари напишана во временски распон од десетина години, во која тој ни се претставува како изразит ерудит, поет кому јасната смисловна поента му е многу важна и кој, во специфичен постмодернистички манир, е отворен за интертекстуални преплетувања со широк опсег на книжевни референци. И додека во трилогијата во поетскиот фокус е самата песна, односно поезијата, во следната стихозбирка Забранета книга (2011 г.), интересот се распостила пошироко врз литературата, односно книгата, и на нејзиното значење и смисла во современиот свет.
Веле Смилевски е автор и на два романа од жанрот крими-еротика: Полицајка в кревет (2012) и Дневникот на полицајката (2015); на повеќе од десет книжевно-научни студии и на неколку книги од областа на новинарство. Составувач и приредувач е на неколку антологии на македонска поезија и расказ, како и на голем број научни изданија од областа на македонистиката.
Добитник е на следните награди: „Млад борец“ (1974), „Крсте Мисирков“ на ЗНМ (1985), „13 Ноември“, „Ацо Шопов“ на ДПМ во 2005 г. за стихозбирката Педесет допевања, „Велја кутија“ (2009), „Гоцева повелба“ (2010), „Браќа Миладиновци“ на СВП во 2011 г. за стихозбирката Забранета книга, „Григор Прличев“ во 2012 за поемата Век за самување, „11 Октомври“ за животно дело во 2012 г., орден „Сергеј Есенин“ на Московската организација на Сојузот на писатели на Русија во 2013 г. и др. (С. С.-Е.)