• Наслов

    ПЕДЕСЕТ ПЕСНИ, ПЕДЕСЕТ ДОПЕВАЊА, ЧАС ПО ПОЕЗИЈА (трилогија)

  • Автор

    ВЕЛЕ СМИЛЕВСКИ

  • Година на издавање

    2000, 2005, 2010

  • Категорија

    современа книжевност

  • поезија

Опис на делото

Педесет песни, 2000 г.; Педесет допевања, 2005 г. и Час по поезија, 2010 г. од Веле Смилевски  е поетска трилогија од редок формат во македонската литература. Стиховите од трите збирки кореспондираат меѓусебно иако се објавени во временско растојание од по пет години. Сите се обединети со стожерната запрашаност пред феноменот на самата поезија, па оттаму целата трилогија е нагласено автореференцијална. Истовремено, како ретко која друга поетска објава, оваа трилогија е во жива комуникација со огромен број стихови и сентенции од светската литература. Како што забележува книжевната критика: „...во овие песни Смилевски ја покажува својата друга, дотогаш прикриена страна – онаа на поет-ерудит. Исцело во знакот на постмодернистичката поетика, тој сега се служи со цитати, како и со други видови интертекстуална референција – со допишување на текстови од други автори, со нивно коментирање и пародирање“ (Урошевиќ 2009: 154). Изградена врз базичната борхесовска идеја дека литературата е единство на различности кое пулсира, поезијата на Смилевски се впушта во дијалог со низа светски книжевни имиња, започнувајќи со репликата на стиховите на италијанскиот поет Едоардо Сангвинети, која го проблематизира односот меѓу животот и поезијата. Смилевски изведува своевидна „критика на поетскиот ум“ (синтагма со пародичен призвук), концентрирајќи ги своите поетски изразни емотивно-мисловни капацитети на прашањето за смислата и природата на поетското творење. Во прецизно и аналогно структурираните збирки од по педесет песни се опфатени варијации на мотивски жаришта кои се повторуваат, надоврзуваат, доградуваат, продлабочуваат и „допеваат“, а сепак припаѓаат на еден метафоричен круг во кој се допираат искуственото и прочитаното, односно стварноста и литературата. За овие збирки е карактеристична намерна прозаизација, соголување на изразот, смислена банализација и колоквијалност, кои се вклопуваат во директниот третман на опсесивните мотиви. Честопати како лирски субјект се појавува самата песна (односно поезијата), а песната се остварува во облик на обраќање, односно дијалог. Суштинската одлика на оваа поезија е палимпсесноста и како творечки принцип и како толкување на книжевноста. Авторот ги парафразира веќе постојните туѓи и свои песни – творечки ги преработува познатите митски структури, понекогаш во курзив, а понекогаш директно ги инкорпорира стиховите од светската, и особено од македонската поезија во ткивото на своите песни. Во тој контекст доминира иновантната и креативна парафраза на песната „Т’га за југ“ на Константин Миладинов, која има значајно место во палимпсестната повеќеслојност на поетскиот свет на Смилевски, преминувајќи од книжевната во интимно-егзистенцијалната сфера на поетот. „Недореченоста“ и „тајниот концепт на Неизречивото“ се сумираат како енергетски двигатели на контроверзната дејност – пишување поезија. Во ова поетско промислување на смислата на поезијата се вклучени и интуитивните и ерудитивните рефлексии на авторот, кој во текот на целиот свој живот сесрдно ѝ е посветен на литературата. Интересен е нагласениот ироничен и наместа цинично-критички став, па и храбриот и дезилузионистички однос на поетот кон елементите од реалноста кои перфидно се инкорпорираат во неговото писмо. „Песните на Веле Смилевски водат отворен дијалог со времето, понекогаш иронизираат со општествените превирања и низ еден саркастичен начин, со смисла за хумор ни доловуваат мноштво прозаични нешта од животот“ (Силјан 2009: 196). Поетската трилогија на Веле Смилевски претставува цврста поетска градба која во извесна смисла го сублимира целото негово поетско творештво и има карактер на opus magnum, односно авторски креативен тестамент. (С. С.-Е.) 


Библиографија

 Матевски, Матеја. 2013. „Песна загледана во себеси (Читајќи го Веле Смилевски)“ во: Смилевски, Веле. Век за приказ. Скопје: Дијалог, стр. 165-171; Силјан, Раде. 2009. „Поетски идентитет“ во: Смилевски, Веле. Совршена тишина. Скопје: Дијалог, стр. 186-196; Урошевиќ, Влада. 2009. „Поет кој се менува“ во: Смилевски, Веле. Совршена тишина. Скопје: Дијалог, стр. 147-157.