Раскажувач, романсиер, есеист и сликар. Продорот на книжевната сцена го остварува преку книжевната група „Петти круг“, која е значајна во процесот на трансформација на македонската проза преку воведување постмодернистички книжевни постапки во текот на осумдесеттите години од ХХ век. Неговата проза предничи во интермедијалните творечки преплетувања и во етаблирањето на борхесовските книжевни идеи во македонската култура.
Завршил Школа за применети уметности, сликарски отсек, во Скопје 1975 г., во класата на проф. Родољуб Анастасов. До своето пензионирање работел како ликовен соработник во Народниот музеј во Струга. Како сликар интензивно творел во периодот од 1973 до 1987 година. Неговото сликарство е метафизичко и концептуално. По четиридецениска пауза, во 2023 г. е организирана ретроспективна изложба на која се изложени дела што кореспондираат со неговите креативни потраги во литературата. Неговите уметнички афинитети изразени и во сликарството и во литературата опфаќаат: езотерија, надреализам, мистика, фантастика, ониризам... Почетоците на книжевната дејност му се неразделно сврзани со сликарството – првиот расказ што го напишал носи ист наслов како и неговото ликовно дело – „Мебиусова лента“ и е добитник на наградата на анонимниот конкурс за расказ на „Нова Македонија“.
Во осумдесеттите и деведесеттите години од минатиот век објавува две збирки раскази: Тајна историја (1986) и Црни пророци (1996). Веднаш е забележан како исклучителен раскажувач кој ги практикува дотогаш недоволно прифатените прозни стратегии: жанровска хибридизација, метафикција, просторно-временска дисторзија, интертекстуалност и енциклопедизам, интермедијалност, лудизам, иронија, мимикрија, нагласена фантастика и зачудност... Иако не се многу на број, неговите раскази се застапени во речиси сите релевантни антологии на македонскиот расказ и се преведени на неколку странски јазици. Прозниот имагинариум на Дурацовски се прелева од една во друга книга и ги распостила доминантните мотиви и симболи низ целото негово творештво: двојник, огледало, лавиринт, цибетка, музеј, библиотека, „Алеф“ на Борхес, Кадис, како и константната креативна поврзаност со српската сликарска група „Медијала“ и нејзиниот челник – сликарот Леонид Шејка. Прозата на Дурацовски има извесна подлога во класичната европска фантастика и во надреализмот, но нејзиниот карактер ги потврдува основните постмодернистички начела: прво, ниту расказите ниту романите не се жанровски чисти – наративното ткиво е фрагментарно и расцепкано со коментари, фусноти, есеи, писма, цртежи, фотографии, мапи, патописи; потоа, интермедијалноста и интертекстуалноста ја чинат интелектуално-ерудитна, така што е литература произлезена од литература, односно од уметност (сликарство, филм, музика); нарацијата е двопланска или тропланска – со два или три фокализатора или со менување на јас и ти-форма на раскажување; често користи колаж, фусноти, симулација на бескрајна проза, mise en abîme (слика во слика во слика), псевдоцитат и сл.
Во романите
Insomnia (2001) и
Бледи сенки, далечни гласови (2014) Дурацовски продолжува со веќе усвоените творечки постапки, засилувајќи го влогот на реалистичниот и автобиографскиот елемент во неговата поливалентна проза.
Insomnia е проза која жанровски е мимикрија на дневник, односно хроника на една година на воена криза, а
Бледи сенки, далечни гласови од критиката се подведува под категоријата „постмодерна носталгија“ (Алаѓозовски, 2014), бидејќи опфаќа и психологизација на автобиографскиот поглед кон времето изминато помеѓу смртта на таткото и смртта на мајката, односно спомени за детството на самиот автор. Иако е присутно и во расказите, документирањето во подолгите прози се претвора во хиперреалистично очуднување на деталите. Во нив Дурацовски обилно внесува фактографија, препознатливи ликови од културниот живот, прецизни белешки за историски настани.
Целата проза на Дурацовски е во знакот на себепреиспитување и себеосмислување, на трагање по сопствениот идентитет, посебно во услови на општествена (и воена) криза и на живот во провинцијална средина. Во неговите дела се чувствува длабок порив за комуникација со уметноста, како евентуална компензација за трајно присутното и одредувачко чувство на маргинализираност. Творештвото на Дурацовски, иако навидум делува апартно, всушност целосно се вклопува во доминантните поетички тенденции на духот на времето во кое се појавило.
Дурацовски е член на Друштвото на писателите на Македонија од 1989 година.
Тој е двократен добитник на „Рациновото признание“ за проза: во 2001 г. за романот Insomnia и во 2015 г. за романот Бледи сенки, далечни гласови; како и на наградата за животно дело „11 Октомври“ во 2019 година. Расказот „Спирала“ на македонскиот писател Ненад Јолдески е директно посветен на Димитрие Дурацовски. Во 2014 г. книгоиздателството „Темплум“ од Скопје објави библиофилско издание на неговите целокупни дела во три тома, поткрепено со критички текстови, интервјуа и кореспонденција. (С. С.-Е.)
.