Опис на делото

 Романот на Димитрие Дурацовски, овенчан со „Рациново признание“, е еден од најнеобичните и формално дискутабилни романи во македонската литература. Објавен е во едиција наречена „Нешто помеѓу“, така што со самата типографско-графичка форма навестува релативизирање на стандардните романескни параметри и нагласена интермедијалност. Тоа е експлицитен изблик на деструкција на традиционалната романескна структура, започната во (нео)авангардата и кулминативна во постмодернизмот, така што за овој роман може да се рече дека е еден од најизразените примери на антироман во македонската проза. Insomnia е објавен на самиот премин на векот како експериментална дневничко-фактографска проза која опфаќа период од една година (15 февруари 1999 г.  15 февруари 2000 г.) и која обединува: белешки, импресии, сеќавања, цитати, извадоци од медиуми, електронски пораки, скици, стрипови, или, како што пишува самиот автор, „талог на минати денови“. Романот ја проблематизира границата реалност-уметност, но не само со измислици, туку токму со зачудна комбинација на факти произлезени од еден конкретен контекст на трауматична и кризна историска ситуација, од една специфична провинцијална средина  струшката, и од една конкретна биографија  онаа на самиот автор, преобразена во автофикција. Веќе востановените постмодернистички постапки од претходните дела доаѓаат до уште посилен израз во оваа книга: цитатноста се практикува уште пофреквентно, но и скриено и како псевдоцитатност; тенденцијата да се пишува една иста книга-опус, а не одделни книги, што се огледа во протокот на книжевните идеи низ сите негови остварувања; да се минимизира и иронизира, односно децентрира авторската позиција; да се релативизира веродостојноста наспрема вистинитоста на литературата; да се изнедрува книжевност од самата книжевност, но притоа и да се преточи и егзистенцијалното искуство во еден книжевен артефакт. Низ страниците на романот дефилираат огромен број имиња на уметници, креативни сродници на Дурацовски, како што се: Леонид Шејка, Марко Ристиќ, Бруно Шулц, Емброуз Бирс, Џемс Џојс и многу други, меѓу кои и сликари, филмски режисери и музичари, кои му даваат енциклопедиска аура карактеристична за борхесовскиот тип на проза. Но, исто така се препознаваат и реални личности од најблиското опкружување на авторот, како отецот Стефан, господинот Иле, мајката, како и многу јавни личности, интелектуалци и особено писатели, пријатели и познајници на Дурацовски. Исто така, како книжевни ликови се појавуваат веќе одамна починати лица, како таткото, Султана  мајката на Миладиновци, пријателите Алекс и Деспотов и др.

Дурацовски во својата проза постапува како колекционер и архивар кој го рециклира, колажира и аранжира небелетристичкиот материјал произлезен од библиотеките и музеите, го инкорпорира во хиперреалистично хроничарско проследување на настаните од стварноста и по пат на повеќеслојна палимпсесност и со онтолошка колебливост го преточува во писмо, кое го вовлекува читателот во својот вртлог на разгатнување. (С. С.-Е.) 


Библиографија

 Андоновска, Билјана. 2018. „Димитрие Дурацовски и белградскиот надреализам: континуитетите на (нео)авангардата во интеркултурниот контекст“. Во: Дурацовски, Димитрие. Insomnia. Скопје: Темплум, стр. 552-589; Ѓурчинова, Анастасија. 2013. „Македонската книжевност во период на транзиција: некои најнови тенденции во прозата“. Во: Медитерански синестезии. Скопје: Магор, стр. 88-97; Шелева, Елизабета. 2017. „Невдоменост во куќата на романот“, во Отворено писмо. Скопје: Магор, стр. 202-209.