Романсиерка, раскажувачка, книжевна преведувачка и приредувачка на антологии. Препознатлива е како преведувачка и врвна афирматорка на руските книжевни вредности во македонската културна средина. На обемниот преведувачки опус, кој опфаќа и класични и современи дела од руската литература, се надоврзува и нејзиното автентично прозно творештво на македонски јазик, во кое доминираат мотивско-тематски јазли поврзани со руската емиграција.
Дипломирала на Филозофскиот факултет во Скопје во 1960 г. и работела како гимназиски професор и лектор, а најголемиот дел од работниот век го минала како новинар на Радио Скопје, при што била уредник на Редакцијата за култура на Третата програма. Со книжевен превод се занимавала уште од студентски денови и превела голем број дела од руските класици од XIX век (Н. Гогољ, А. Пушкин, М. Лермонтов, Ф. Достоевски, Л. Толстој, А. Чехов и др.) и особено од XX век (Л. Леонов, А. Платонов, Б. Пастернак, М. Цветаева, М. Булгаков, В. Набоков, Н. Мандељштам). Приредила и превела две антологии на руски раскази: Ѓаволијада (1998) – фантастичен руски расказ од првата половина на ХХ век и Кристален свет (2002) – современ руски расказ, како и антологија на поезија од руски современи поети Дванаесет руски поети (2015) по избор на Екатерина Турчанова. За преведувачката дејност е наградувана повеќепати и е носител на високото признание „Григор Прличев“ за преведувачки опус. Член е на Друштвото на писатели на Македонија од 2017 година.
По долгогодишната посветеност на литературата од други автори, во својата зрела возраст Тања Урошевиќ започнува да пишува сопствени прозни дела. Нејзиниот дебитантски роман Аквамарин веднаш е забележан од критиката и читателската публика како исклучително стилизирано четиво. Потоа следува и вториот роман Превид кој ги потврдува нејзините книжевни квалитети. Авторка е на повеќе раскази објавени во збирката Црвена нишка – железен прстен (2009) и на страниците на книжевната периодика.
Во опусот на Т. Урошевиќ посебно место заземаат подолгите раскази, жанровски определени како новели. Во збирката со едноставен наслов Три новели авторката создава три прозни целини на кои им се заеднички следните карактеристики: нагласена женска тематика и оптика, комбинирање на (авто)биографски елементи со фикција, бавно и сочно раскажување, заситено со внимателно изградени ликови, описи на атмосфера и културолошки референци. Заедничката книга на Тања Урошевиќ со нејзиниот сопруг и писател Влада Урошевиќ Размена на пораки е резултат на една креативна игра: обајцата автори пишуваат свој расказ според однапред зададени мотивски пунктови, инспирирани од една реална куќа во приморско место. Мотивот на напуштена куќа завиена во мистерија се среќава на неколку места во романите и расказите на Урошевиќ. Исто така, нишка што се провлекува низ нејзиното творештво е односот кон традициите и културите на некогашните советски републики, како ехо на нејзиното детство и потекло. Во новелата Ура, Арал! таа му го посветува своето внимание на регионот на некогашната советска република, а сега самостојна држава Узбекистан. Преку заплетканата љубовна приказна на Узбекистанката Роксана е проследена трагиката на стремењето кон идеалите и колективните илузии на социјализмот. Посебно критичко внимание има предизвикано објавувањето на последниот расказ на Урошевиќ, „Крајот на сезоната“ (Стремеж, списание за литература, уметност и култура, LXV, 2, 2019, 5-41) кој се толкува како една креативно-биографска кореспондеција со нејзиниот животен сопатник, македонскиот писател Влада Урошевиќ, кој во расказот е означен само како Поет, со големо П. Како што заклучува Елизабета Баковска: „со набојот од меланхолични емоции, сезнаечкото око на авторката го посматра својот животен сопатник, соочен со тегобноста на нејзиното отсуство“ (Баковска, 2020).
Романот Еден сив мартовски ден е пронајден во оставнината на авторката и е објавен постхумно. Тоа е сплет на животни приказни на три школски другарки што се одвиваат во Скопје од крајот на четириесеттите до крајот на шеесеттите години на минатиот век. Романот се одликува со носталгично навраќање кон амбиентот на предземјотресно Скопје и со длабинско понирање во женската психологија. (С. С.-Е.)