• Наслов

    АКВАМАРИН

  • Автор

    ТАЊА УРОШЕВИЌ

  • Година на издавање

    2004

  • Категорија

    современа книжевност

  • роман

Опис на делото

 Тања Урошевиќ го впишува својот авторски печат во македонската книжевност со својот прв роман Аквамарин, во кој стилски суверено и вешто гради приказна за потрагата по идентитетот, односно патувањето кон себеси.

Врз фонот на митолошката матрица за враќањето на Одисеј на неговата Итака, истакната преку изборот на островот Крф како место на одвивање на дејството, авторката раскажува приказна за патувањето на еден професор по архитектура од Скопје на Крф, во потрага по сознание за судбината на неговиот татко со руско потекло, кој мистериозно исчезнал уште во неговото детство. Романот е структуиран во четири глави, насловени како: Марина, Керкира, Џесика и Навсика, кои се исто така поделени на потпоглавја. Влезот во приказната го чини еден воведен текст отпечатен во курзив, под наслов: „Божиќна бајка – или една стара приказна“ кој ја прераскажува празничната атмосфера во една битолска чорбаџиска куќа во деветнаесеттиот век, во која се зародува љубовта меѓу Македонката Елена и рускиот емигрант, бегалец од Белата гарда по Октомвриската револуција во Русија, Борис А. Кузнецки. Тоа се всушност родителите на главниот лик во романот Андреја Кузнецки, кој преживува современа „одисеја“, патувајќи на Крф со својот автомобил и влетувајќи во најразлични авантури, запознавајќи нови луѓе меѓу кои се истакнува далматинецот –сликар Стив, односно Стипе, и вљубувајќи се во младата Австралијанка Џеси. Основната нишка на потрагата по таткото е испреплетена со една фасцинација од природните, културните, гастрономските и другите убавини на островот Крф, како и со продлабочена опсервација на историјата и психологијата на руската „бела емиграција“ во првата половина на ХХ век. По разни перипетии, трагачот Андреја интуитивно открива една колиба покрај плажата во селцето Сидари, за која подоцна дознава дека била сврталиште и на неговиот разочаран татко, кој на островот се вљубил во млада девојка. Приказната за таткото се заокружува со информацијата дека тој сепак, како што го напуштил Скопје и својот син, го напуштил и Крф, и најверојатно и другото свое дете – ќерка, за кое само се навестува дека може да биде негова, и заминал „дома“, во Русија, каде што бил испратен во Сибир и каде што му се губи трагата. Дознавајќи ја судбината на татка си, Андреја останува збунет пред дилемата што пред него ја поставува неговата сопствена судбина: и тој се наоѓа пред радикална одлука, да се предаде на новата љубов и да замине во Австралија или да се врати во Скопје кај сопругата и синот. Андреја импулсивно решава да го напушти островот и да се упати кон дома. При тоа тој прави симболична грешка: гледајќи ја само првата буква, наместо во ферибот за Игуменица, се натоварува со својот автомобил во ферибот за Итака, но во последен момент бидува предупреден и се враќа на „вистинската“ насока на своето патување.

Полускапоцениот камен аквамарин, според кој е насловен романот, се појавува во приказната како прстен кој го добива Елена како дар од татка си, за да го симболизира морското синило, хоризонтот што повикува на патување. Патувањето на белогардејскиот офицер Борис му било наложено како неопходност, бегство, спас од неповолните политички услови, но тој никаде не пронашол спокојство. Дури ни семејството не можело да ја исполни неговата емигрантска празнина, па чувствувајќи се секаде туѓ, ги менувал местата на живеење додека не заминал дома, но во смрт. Патувањето на синот Андреја е негов избор и внатрешен повик за откривање на мистеријата на исчезнувањето на неговиот татко, така што тоа се исполнува со нови искуства и емоции, со нови познанства и љубови, со нови пејзажи и вкусови, за сепак на крајот да заврши со враќање на востановеното секојдневие.

Романот Аквамарин со својата одмерена и цврста структура, со префинетиот стил и мајсторскиот опис, со реалистичната географска и историска прецизност и со психолошки нијансираните ликови претставува значајно романескно остварување за комплексните феномени на патувањето и емиграцијата, кои подразбираат поместување во просторот, судир со непознатото, средба со другоста, трансформацијата, но и себепронаоѓањето.

Романот Аквамарин е преведен на руски јазик од Олга Панкина и објавен во Москва во 2017 година. (С. С.-Е.)


Библиографија

 Бановиќ-Марковска, Ангелина. 2007. „Светот со боја на аквамарин“ во: Групен портрет. Скопје: Магор; Ѓурчинова, Анастасија. 2013. „Патување со боја на синило“ во: Медитерански синестезии. Скопје: Магор, стр. 233-239; Мојсова-Чепишевска, Весна. 2011. „Дијаспорен номадизам озрачен со аквамарин“ во: Игра и симулации. Скопје: Галикул, стр. 242-250; Стојменска-Елзесер, Соња. 2005. „Книжевни стереотипи (Рускиот емигрант во македонската проза)“ во: Споредбена славистика. Скопје: Институт за македонска литература, стр. 199-210.