• Наслов

    ПРЕДГОВОР (кон Утешение грешним од Кирил Пејчиновиќ)

  • Автор

    ТЕОДОСИЈ СИНАИТСКИ

  • Година на издавање

    1839

  • Категорија

    преродбенска книжевност

Опис на делото

Предговорот или Предисловието на Синаитски кон Утешение грешним од Кирил Пејчиновиќ претставува негова единствена позната книжевна творба. Откако Кирил Пејчиновиќ не успеал да го отпечати своето дело во Белград поради црковна цензура, тој му го дал на Теодосија Синаитски. Истовремено, Пејчиновиќ му помогнал да ја возобнови изгорената печатница, па Теодосиј, во знак на благодарност, го напишал  Предисловието преку кое ни дава увид за неговиот писателски усет.

На почетокот од Предисловието тој бележи како човекот од века сака да остави траги за своето постоење, за царевите кои граделе ѕидини за да им се споменува името, но кои не се доволно цврсти за да опстојат бидејќи не ги правеле со цел некого да спасат. Според Синаитски, само учителите правеле дела за паметење и тоа оние кои пишувале на разбирлив, народен јазик. „Еве кључ что отворует сердцето ваше, не кључ от злато или сребро, но кључ от железо и чилик, што да не се вие, оти среброто и златото ест меко и се вие скоро, но железото со челик не се вие“ – оваа мисла на Синаитски го претставува прогресивниот и свесен став на првиот македонски печатар – просветител, заштитник и поборник за македонскиот народен јазик во борбата против употребата на грчкиот јазик во училиштата и црквата. Според Синатитски, само народниот јазик може да го отвори срцето на простиот и обичен човек, а значењето и улогата на учителите во културното издигање на народот, каков што бил Кирил Пејчиновиќ, било навистина големо. На едноставен начин, преку стегната и јасна мисла, Синаитски ја напишал најубавата ода за највозвишениот симбол на еден народ, а тоа е јазикот.

Синатитски токму со предговорот, а и со целокупната просветителска, народна и печатарска работа, е еден од првите мислители и визионери за потребата од печатениот збор преку кој ќе се издигне македонскиот книжевен јазик и литературата. (М. Ц.) 


Библиографија

Миронска-Христовска, Валентина. 2005. „Печатарската дејност во просветителскиот период“, Просветителството во Македонија. Скопје: Институт за македонска литература, стр. 189-197.

Пејчиновиќ, Кирил. 1974. Собрани текстови. Приредил Блаже Конески. Скопје: Македонска книга.

 

Поленаковиќ, Харалампие. 1989. Избрани дела 3, Никулците на новата македонска книжевност. Скопје: Македонска книга, стр. 261-290.