• Наслов

    СИНАЈСКИ ЕВХОЛОГИЈ

  • Автор
  • Година на издавање
  • Категорија
  • зборник

Опис на делото

Средновековен книжевен ракопис пишуван кон крајот на X или почетокот на XI век. Содржи 137 пергаментни листови напишани со глаголско писмо од еден книжевник. Според правописните и јазичните особености се констатира дека ракописот е произлезен од некој скрипторски центар во кругот на Охридската книжевна школа. Пишуван е врз осонва на постар кирилометодиевски архетип. Во содржинската структура се застапени службеник, требник и епитимијник, како и оригинални словенски книжевни дела. На почетокот се наоѓа службеникот, во кој се вклучени литургиите на Св. Василиј Велики и Св. Јован Златоуст, кои не се целосно зачувани. Од редоследот на деноноќниот циклус се наоѓаат само третиот и четвртиот дел од молитвите на вечерната и утрената богослужба. Потоа следуваат ѓаконските ектении и молитви за различни потреби. Требникот започнува со фрагменти од чинот на Светото Богојавление, опширен и разновиден циклус со молитви. Застапени се и чинот на Педесетницата, Исповеден чин, чин на замонашување. Вклучени се и апостолски и евангелски четива за различни празници како и оригинални словенски литературни дела кои се поврзуваат со дејноста на Св. Климент Охридски ‒ Поучение пред исповед и Отпусна молитва. Ракописот е пронајден во манастирот „Св. Екатерина“ во Синај, според што е именуван. Најголемиот дел од ракописот е откриен од архимандрит Порфириј Успенски во 1850 година. Подоцна, во 1975 г. Моше Алтбауер во истиот манастир открил уште 28 листа, додека уште четири листа се откриени од страна на повеќе руски истражувачи. Основниот дел од ракописот се чува во библиотеката на Синајскиот манастир, со сигн. Slav. Ms 37 (105 л.) за стариот и со N° 1/N (28 л.) за новооткриениот дел, а четири листа од ракописот се наоѓаат во Руската национална библиотека во Санкт Петербург, во збирката на Порфириј Успенски, сигн. Глаг. 2, потоа во збирката на Н. П. Кондаков се чува еден лист, сигн. Глаг. 3 и во Библиотеката на Руската академија на науките, во збирката на Срезневски се чува еден лист, сигн. 19/24.4.8. (С. П.-Ѓ.)

 

Библиографија

Geitler, Leopold. 1882. Euchologium. Glagolski spomenik manastira Sinai brda. Zagreb: Jugoslovenska akademija znanosti i umjetnosti; Десподова, Вангелија и Славева, Лидија. 1988. Македонски средновековни ракописи. т.1. Прилеп: Институт за истражување на старословенската култура; Десподова, Вангелија. 1999. „Исповедната молитва од Синајскиот еухологиум (XI век)“. Пелагонитиса: списание за православна вера, култура, образование и уметност 4, бр. 7/8, стр. 139-143; Мошин, Владимир. 2011. Избрани дела, кн. 9. прир. Ѓорѓи Поп-Атанасов. Скопје: Менора; Поп-Атанасов, Ѓорги. 2015. Македонската глаголица. Скопје: МАНУ; Поп-Атанасов, Ѓорги. 2017. Словенски ракописи од Македонија во странски ракописни збирки: X-XIX век. Археографски опис. кн. 1. Скопје: МАНУ, Кочани: Европа 92.