• Наслов

    ТИКВЕШКИ ЗБОРНИК

  • Автор
  • Година на издавање
  • Категорија
  • зборник

Опис на делото

Средновековен книжевен ракопис пишуван во втората половина на XV век. Содржи 123 хартиени листови напишани со кирилско старословенско писмо од еден книжевник. Според правописните и јазичните особености ракописот произлегол од Кратовската книжевна школа. Според содржинската структура претставува мешан зборник во чиј состав се забележува отстапување од строгите теолошки и религиозни содржини и доближување до народните претстави и толкувања на настаните од библиската историја. Во содржината на овој зборник се изделуваат апокрифни старозаветни и новозаветни слова за: Аврам, Сара, Исак Исмаил, Светата Троица, за смртта на Аврам, за прекрасниот Јосиф, слово за царот Давид и составувањето на псалтирот, за лошите жени, за Воздвижение на Богородица, Видение на апостолот Павле, Марта ‒ сестрата на Лазар, Составувањето на евангелието, Слово за овошката, потоа хагиографии за: Павле Кесариски, Марија Египетска, Св. Меркуриј и Св. Ефрем, 20 текстови од Физиологот, средновековни раскази за: Теофана Крчмарката, Еладиј, Езоп, Мелентиј пустиножителот и Евстариј, препис од т.н. „Солунска легенда“ итн. Овој ракопис како наследство од својот прадедо го добил Христо Андонов од с. Мрзен, Тиквешко, којшто потоа ѝ го предал на Солунската гимназија. Оттаму го презел Никола Начов кој го препишал и опишал, по што го предал на Народната библиотека во Софија, каде што се чува и денес, под сигн. № 677.   (С. П.-Ѓ.)


Библиографија

Велев, Илија и Маја Јакимовска-Тошиќ. 2007. „Средновековниот расказ и македонската книжевно-творечка традиција“. Македонскиот расказ, стр. 23-31. Скопје: ИМЛ; Јакимовска-Тошиќ, Маја. 2001. Македонската книжевност во XV век. Скопје: ИМЛ; Конески, Блаже (превод и предговор), Вера Стојчевска-Антиќ (коментари). 1987. Тиквешки зборник. Скопје: Мисла; Куманово: Просвета; Пандев, Димитар. 2000. „Тиквешкиот зборник ‒лингвистичка анализа“. Македонистика 6, Скопје: ИМЈ „Крсте Мисирков"; Стојчевска-Антиќ, Вера. 1995. „Тиквешки зборник и њему слични у јужнословенској средини. Проучавање средњовековних јужнословенских рукописа“. Зборник радова за III Меѓународне хиландарске конференције одржане од 28 до 30 марта 1989, стр. 431-437. Београд: САНУ.