• Наслов

    СОЛУНСКА ЛЕГЕНДА

  • Автор
  • Година на издавање
  • Категорија
  • дело дело

Опис на делото

Апокрифно-легендарна книжевна творба за Св. Константин-Кирил Филозоф, чиј своевиден житиен состав содржи податоци со псевдобиографски карактер за изнаоѓање на словенското писмо и за покрстувањето на македонските Словени, населени по сливот на Брегалница. Творбата е напишана како вид автобиографија од името на Св. Кирил, пртиоа се врши контаминација на ликот на Кирил Солунски со Кирил Кападокиски и Кирил Александриски, кои го засолнуваат словенскиот првоучител. Се наведува дека бил роден во Кападокија и дека учел во Дамаск. При мисијата за покрстување стигнал во Солун, поради што составот е познат како Солунска легенда. Постојат различни согледби во однос на периодот на потеклото на составот: настанување блиско до кирлометодиевскиот период (Ѓ. Поп-Атанасов), бидејќи творбата се определува како апологија на словенското писмо, во која тоа се брани од нападите на непријателите; некои ја сметаат за творба од перидот на византиското господство (XI-XII век) заради нејзината „антивизантиска“ насоченосот (Ј. Иванов, И. Дујчев, П. Динеков, Е. Геогиев и др.); како творба од крајот на XII и почетокот на XIII век (А. Милтенова и В. Заимова-Тпкова), коишто истакнуваат дека состави од овој тип, што стојат меѓу апокрифната и официјалната книжнина, се јавуваат токму во овој период и кореспондираат со идејните тенденции на времето; други застапуваат теза дека творбата не настанала пред периодот на XIII-XIV век, како и теза дека е подоцнежна творба настаната во XV век (Б. Конески, кој делото го третира како антиунијатски манифест). Составот е познат според пет преписи, од кои три се зачувани, а за два имаме податоци: 1. Константинов препис (на Ј. Х. Константинов-Џинот, кој во 1856 го објави првиот препис според непознат ракопис од XVI век); 2. Тиквешки препис во познатиот Тиквешки зборник од XV век (Софија, НБ, бр. 677); 3. Трновски препис (XV-XVI) поместен во Зборникот по потекло од с. Трново – Кривопаланечко; 4. Белополски препис во Зборникот од крајот на XV век во црквата „Св. Никола- Никољац“ бр. 52 во Бјело Поље; 5. Софиски препис во ракописен зборник од XVI (Софија, ЦИАИ, бр. 1161). Многумина од истражувачите се сомневаат во историската веродостојност на легендарните податоци изнесени во неа, поради што треба да се користи внимателно како вид историски извор. (М. Ј.-Т.)


Библиографија

Ангелов, Боню. 1967. Из старата българска, руска и сръбска литература, 2, София: БАН, стр. 44-66; Ангелов, Боню. 1984. „За два преписа на Солунската легенда“. Кирило-Методиевски студии 1, стр. 9-20; Велев, Илија. 2014. Историја на македонската книжевност. Средновековна книжевност, т. 1. Скопје: Гирланда, стр. 70-71; Иванов, Йордан. 1906. Северна Македония. София, стр. 62-72; Иванов, Йордан. 1931. Български старини из Македония, София: БАН, стр. 282-283; Јакимовска-Тошиќ, Маја. 2002. Оригиналните книжевни состави во македонскиот XV век. Скопје: ИМЛ, стр. 96-101; Кожухаров, Стефан. 1966. Неизвестен препис на Солунската легенда. Български език кн.5, стр. 491-494; Константинов, Х. Јордан. 1856. „Слово Кирила Славенца солунскаго“. Гласник Дружства српске словесности, св. 8, стр. 146-147; Лавров, А. П. 1930. Материалы по истории возникновения древнейшей славянской письменности, ч. 2. XL, Ленинград, стр. 158-159; Поп-Атанасов, Ѓорги. 1988. „Белополскиот препис на Солунската легенда“. Кирило-методиевскиот (старословенскиот) период и кирило-методиевската традиција во Македонија. Скопје: МАНУ, стр. 116-117; Rački, Franjo. 1871. „Najnovija izdanja izvora za život sv. Ćirila i Metoda“. Rad JAZU, knj. XV, Zagreb: JAZNU, str. 172-178; Рибарова, Зденка. 1984. „Солунска легенда“. Спектар, кн.4, стр. 5-14; Старословенски кирилометодиевски извори. 2011. Вовед, редакција и коментари д-р Ѓорги Поп-Атанасов, Скопје: Менора, стр. 151; Тиквешки зборник. 1987. Превод и предговор: Блаже Конески; коментари: Вера Стојчевска-Антиќ, Скопје: Мисла, стр. 9-10.