• Наслов

    ВО ХИЛЈАДА И СЕДМСТОТИН ШЕСДЕСЕТ И ВТОРО ЛЕТО

  • Автор

    ГРИГОР ПРЛИЧЕВ

  • Година на издавање

    1872

  • Категорија

    преродбенска книжевност

  • дело поезија

Опис на делото

 Во песната е опеан политичкиот чин на неканонското укинување на Охридската архиепископија во 1767 г. од страна на Високата порта и на Цариградската патријаршија: / ќе ве дават, ќе ве стрижат, ќе молзат до крв / Меѓу народот ќе сеат несогласие, раздор / Да се мрази син со татка и со брата брат. / И ќе викнете до Бога и крило не ќе наидете, /.   

Епохалната песна на Григор Прличев „Во хилјада и седмстотин шесдесет и второ лето“ може да ја означиме како македонска народна химна. За прв пат била  објавена во сп. „Читалиште“, год. II, бр. 17. Прличев бил еден од најжестоките борци во борбата за обнова на Охридската архиепископија и во борбата против елинизацијата на македонскиот народ. Во песната е опеан политичкиот чин на неканонското укинување на Охридската архиепископија во 1767 г. од страна на Високата порта и на Цариградската патријаршија. Тоа е период кога црквата била симбол на идентитетот, а и време кога сите православни цркви на Балканот биле ставени под јурисдикција на Патријаршијата со цел да се спроведе асимилаторската политика, елинизацијата на словенското население. Старословенскиот јазик бил забранет за употреба во богослужбите и во образованието. Македонскиот XIX век е период во кој континуирано се водела борба за обнова на Охридската архиепископија, во која единствено учество имал само македонскиот народ. Поради овој историски факт, никој нема право да се повикува на нејзиното наследство освен македонскиот народ. Наспроти тоа, политиките на нашите соседи биле со цел да ја „строшнат славната охридска столица“. Ваквата политика која била започната од Цариградската патријаршија (од грчките фанариоти), била засилена откако Грчката православна црква се стекнала со автокефалност во 1850 г., откако Српската православна црква, која била укината во 1766 г., ја вратила својата автономија во 1832 г. и се стекнала со автокефалност во 1879 г. и откако со политички акт во 1870 г. била создадена Бугарската егзархија, бидејќи Трнавската патријаршија била укината во 1393 г. и сè дотогаш била под јурисдикција на Цариградската патријаршија. Трите цркви започнале да водат политика, односно борба за поделба на македонските епархии меѓу себе. Тоа им било овозможено особено по Берлинскиот договор (1878), кога само Македонија и Албанија останале под отоманската власт, а политиките на трите соседни држави биле помогнати од европските монархистички сили. Всушност, преку црковното прашање го започнале процесот на поделбата на Македонија, која била реализирана со Балканските војни (1912/1913) и со Букурешкиот мировен договор (1913).

Во песната „Во хилјада и седмстотин шесдесет и второ лето“ Прличев ја опеал токму таа тенденција против која жестоко се борел македонскиот народ, бидејќи со укинувањето на Архиепископијата бил извршен директен удар врз македонскиот идентитет. Во борбата за обнова на Охридската архиепископија, Прличев секојдневно бил директно ан­га­жиран преку учителската дејност, потоа преку битката против грчкиот владика Мелетиј, борбата за преземање­то на манастирот Св. Наум (која за­почнала во 1848 г., а особено продолжила во 1869 г.), преземањето на грчкото училиште, при што била пеена неговата песна „Бегајте, Грци не ве сакаме“. Во 1874 г., заедно со членовите на Св. Наумовиот одбор, на манастирскиот празник успеале литургијата да ја изведат на македонски народен јазик. Тој реагирал и по одлуките на Берлинскиот конгрес кога на другите словенски народи им била вратена автономијата на црквите и кога се стекнале со признавање, па така во песната „Водач ме праќа татковината“, тој бележи: „Не смеам химна да сплетам, туку плач ќе исплачам, / Македонски и тракиски стен­кања ќе воспеам“, и повикува на битка, на единство на Македонците. Со повик за борба ја започнува и песна­та „Ода на царот ослободителен“,во која е искажано очекувањето дека Русија е со нас, а на помош го повикал „Месијата наш“ – царот Александар. Во борбата за обнова на Архиепископијата Прличев се повикувал и на кирилометодиевската и на климентовата традиција. Во „Слово за Св. Кирил и Методиј“, истакнал: „Досега Божјото име се / славеше само на грчки и латински, / а сега се слави на трет ја­зик, словенскиот јазик, јазик звучен, / богат и свечен“. Словото го одржал во Солун „во нашата татковина“, во татковината на „свети свети Кирил и Методиј“. Во продолжение забележал: „Мајка Македонија многу е осиромашена. Откако го породи великого Александра, откако ги породи св. Кирил и Методија, оттогаш мајка Македонија лежи на своето легло ужасно изнемоштена, сосема примрена. ... Грешно е да каже човек дека Македонија не може да раѓа велики мажи. Напротив, Македонија е плодородна и неисцрпно благочедна. ... Македонија ќе роди ѕвездоподобни младичи“. На крајот истакнал дека благодарение на Солунската гимназија ќе бидат изучени уште многу Кириловци и Методиевци кои „ќе го прославуваат македонското име“. Во „Сло­во за Свети Климент“ говори за чудесниот светец кој бил столб и потпора на православната црква, кој во IX век и во XIX со својата моќ, кога Охрид бил во страшен мрак, „со книгите почнал да просветува, и в час мракот го снема, и стана светло“. Прличев бил целосно обземен од сеопштата идеја за самостојна Охридска архиепископија, бил инспириран од целокупната духовна атмосфера, го следел народниот бит, читал сè што било напишано за Охрид, се залагал да се обезбедат материјални средства за објавување на статијата „За тажното паѓање на Охридската архиепископија I Јустинијана“ на француски јазик. Тоа е период кога народните и сите интелектуални сили биле насочени кон борбата за обнова на Архиепископијата, уште од Кирил Пејчиновиќ, браќата Миладиновци итн.

Според Прличев, песната „Во хилјада и седмстотин шесдесет и второ лето“ за првпат била испеана во 1869 г., а била објавена во цариградското сп. „Читалиште“ во 1872 година. Во неа поетот ја опеал грчката тенденција која „ќе ни строши славна охридска сто­лица“. Во 1767 г. поглавар на Охридската архиепископија бил Арсениј, пелагониски митрополит, кој бил избран од автохтонистите и бил против фанариотите и нивните политика. Поради тоа тие сакале по секоја цена да го сменат. Токму песната започнува со информацијата дека во 1762 лето дошол гласник од Цариград за да го повика Арсениј, „наша патрика честнаго“ во Цариград. Откако гласникот „И му рекол слово горко, слово жалосно“, Арсениј го собрал својот народ во црквата на Св. Климент и го предупредил за намерата на „Грчки Патрик ќе ни строши славна Охридска столица, / И мене до смрт ќе држи во заточение, / Ќе прати владици Грци... / ќе ве дават, ќе ве стрижат, ќе молзат до крв / Меѓу народот ќе сеат несогласие, раздор / Да се мрази син со татка и со брата брат. / И ќе викнете до Бога и крило не ќе наидете, / ... ќе ми бидете сираци, така било написано“. Плачот на народот небото го расцепило, за што Ванчо Тушевски бележи дека поетот употребил возвишена хиперболизација, додека архаичниот тон на песната го согледува во скаменитиот израз „така било написано“. Песната се одликува со динамичност и драматичност, која е постигната преку обраќањата од страна на петот, на гласникот и на поетот во има на Арсениј. Тревожниот тон на песната ги вознерува чувствувата на македонскиот народ, бидејќи во XIX век негова првенствена цел била обновата на Охридската архиепископија – Светиклиментовиот трон. Прличев преку песната го опеал најчувствителното прашање за македонскиот народ од тоа време, бидејќи со укинувањето на Архиепископијата се отворило македонското прашање чие решавање се провлекува низ векови и при што политиките го проблематизираат македонскиот идентитет. (В. М. Х.)   


Библиографија

 Прличев, Григор, 1993. Водач ме праќа татковината. Избор, поговор и коментари Наум Целакоски. Скопје: Матица македонска; Прличев, С. Григор, 1959. Одбрани страници. Приредил Тодор Димитровски. Скопје: Кочо Рацин; Прличев, Григор, 1985. Избрани творби. Приредил Томе Саздов. Скопје: Мисла, Македонска книга; Тушевски, Ванчо, 2000. „За песната ’В хилјада  седемстотин шездесет и второ лето‛ од Григор Прличев“ во: Поетика и реторика на новата македонска книжевност – XIX век. Скопје: Менора, стр. 21 – 36.