• Наслов

    ХЛУДОВ ПАРИМЕЈНИК

  • Автор
  • Година на издавање
  • Категорија
  • зборник

Опис на делото

Средновековен книжевен ракопис пишуван кон крајот на XIII или почетокот на XIV век (1294-1320 г.). Содржи 171 пергаментен лист напишани со кирилско старословенско писмо од еден главен пишувач ‒ поп Никола Брата и уште двајца анонимни пишувачи кои се јавуваат на неколку места во ракописот. Според правописните и јазичните особености се констатира дека ракописот е произлезен од Кратовската книжевна школа. Пишуван е како одраз на постара книжевна традиција. Содржинската структура на ракописот ја одразува редакцијата ревидирана според византискиот протограф на паримејникот во X век на просторот на Македонија, а која се разликувала од Кирилометодиевиот прототип преведен уште во Велика Моравија. Застапени се паримии (читања од Стариот завет, кои се читаат на вечерната спроти големите празници и читања од Новиот завет ‒ апостолски и други богослужбени песни). Во ракописот на л. 170 об. ‒171 се наоѓа стандардизиран запис според структурните норми на византиските и јужнословенските кратки книжевно-изразни форми од пишувачот на паримејникот во кој се открива неговото име (Никола, со мирско име Брата) и периодот кога е пишуван текстот (во времето на византискиот император Андроник II Палеолог и неговиот син совладетел Михаил IX). Пронајден е од страна на Виктор И. Григорович, а потоа подарен на Алексеј И. Лобков. Во науката е познат како Хлудов и Лобков паремејник, бидејќи првично бил во сопственост на Алексеј И. Лобков, а потоа на Алексеј И. Хлудов. Денес се чува во Хлудовата збирка во Државниот историски музеј во Москва, сигн. № 142. (С. П.-Ѓ.)

 

Библиографија

Велев, Илија. 2001. „Македонските средновековни ракописи во збирката на Алексеј Иванович Хлудов“. Литературен збор: списание на друштвото за македонски јазик и литература 48, бр. 5/6, стр. 23-33; Миовски, Мито. 1996. Хлудов паримејник – лингвистичка анализа. Скопје: Метаморфоза, Скопје; Мошин, Владимир. 1966. Палеографски албум на јужнословенското кирилско писмо. Скопје: Кочо Рацин; Поп-Атанасов, Ѓорги, Велев, Илија и Јакимовска-Тошиќ, Маја. 2004. Творци на македонската литература (IX-XVIII). Скопје: ИМЛ; Рибарова, Зденка. 1985. „Јазичните особености на Лобковскиот (Хлудов) паремејник“ во: Кирило-методиевскиот (старословенскиот) период и кирило-методиевската традиција во Македонија: прилози од научниот собир одржан по повод 1100-годишнината од смртта на Методиј Солунски. Скопје: МАНУ, стр. 119-126; Стојчевска-Антиќ. Вера. 1997. Македонската средновековна книжевност. Скопје: Детска радост.