• Наслов

    ЖИТИЈА ЗА ПРЕП. ГАВРИЛ ЛЕСНОВСКИ

  • Автор
  • Година на издавање
  • Категорија
  • житие

Опис на делото

Оригинални хагиографски творби кои се дел од книжевниот облик за воспоставување и за развој на светителскиот култ кон преподобниот пустиножител од околината на Лесновскиот манастир. За него се составиле три текстуални варијанти на житија, во три различни периодични фази од развојот на светителскиот култ. Првата кратка варијанта настанала набргу по смртта на преп. Гаврил кон крајот на XI и најдоцна во првата половина на XII век. Не е познат авторот на првото житие, а се смета дека тој бил монах од Лесновскиот манастир. Житиеписниот состав требало да го поттикне подвизништвото меѓу лесновските монаси и во околните духовни средини, но и да го поткрепи манастирскиот култ за да прерасне во развиен духовен и книжевен центар. Неговата содржина не е зачувана ниту преку подоцнежен препис, но во голема мерка не се разликувала од втората текстуална редакција на Житието. Втората житиеписна варијанта настанала во XIII век, во периодот по пренесувањето на моштите на преп. пустиножител од Лесново во храмот „Св. Апостоли“ на Трапезица во Трново. Во однос на постарата варијанта, веројатно новиот житиен состав главно бил проширен со истакнувањето на светителскиот култ кон пренесените мошти на светителот во Трново. Тоа не може да го оспори тврдењето дека составувањето на нова варијанта на Житието за преп. Гаврил се извршило во Лесновскиот скрипториум, зашто неговата содржина го изразува храмовиот култен тип и ја величи славата на Лесновскиот манастир. Од Краткото житие за пустиножителот се зачувани преписи од првата половина на XIV век, кога Лесновскиот манастир почнал да се развива во значаен книжевен центар. Најстарите зачувани преписи на житиеписната творба ги пишувал Станислав Лесновски, најопитниот книжевник и организатор на Лесновскиот скрипториум. Третата варијанта на неговото Житие се поврзува со периодот од втората половина на XVI и најдоцна во XVII век, во чија пространа структура дошле до израз новите просветителски тенденции поврзани со дамаскинарската книжевност и со нагласеното влијание на народната традиција. Во неа се опишани различни податоци кои се разликуваат во однос на содржината од втората кратка текстуална варијанта. Првите две варијанти имале кратки (проложни) содржински структури и служеле за богослужбена намена во Лесновскиот манастир и во околните храмови каде што се почитувал локалниот култ на светителот. Пространата трета варијанта има четивен проповеден карактер што ќе ја поттикнува духовната соживеаност кај монашката заедница, но и пошироко верската импресија да се доближува до слухот на народните маси. Типологизираната култна биографија на светителскиот протагонист се проширила со повеќе биографски податоци и со посодржински епизоди од неговиот духовен живот. Се извршило и дополнувања со чудотворства на светителот додека бил жив, а и по неговата смрт. Содржината се збогатила и со народни преданија како одраз и на заживеаниот народен облик при ширењето култ за преп. Гаврил. Отаму и пространата варијанта на житиеписниот состав уште е позната и како „народно житие“. Евидентираните зачувани преписи потекнуваат од една иста предлошка и се пишувани во Лесновскиот книжевен центар. Тие потекнуваат од XIX век и дополнително ги поттикнувале народното будење и преродбата во Македонија. (И.В.)


Библиографија

Велев, Илија. 1996. Св. Гаврил Лесновски во книжевната традиција. Скопје: Менора, стр. 54-103; Велев, Илија. 1997. Лесновскиот книжевен центар. Скопје: Мисла; Велев, Илија. 2000. Проникнувања на традицијата и континуитетот. Скопје: ИМЛ, стр. 225-233; Иванова, Клементина. 1985. Стара българска литература. Житиеписни творби. София: Български писател; Конески, Блаже. 1977. „За Станиславовиот пролог“. Прилози. МАНУ – Одделение за лингвистика и литературна наука, II – 1-2, стр. 5-23; Македонска книжевност IX-XVIII век. Избор, редакција, предговор, книжевно-историски коментари и белешки Илија Велев. Битола: Микена, 225-226, 327-332; Миловска, Добрила. и Таковски, Јован. 1996. Македонската житијна литература IX-XVIII век. Скопје: Менора, стр. 42-46, 109-113; Стојчевска-Антиќ, Вера. 2003. Локални хагиографии во Македонија. II изменето и дополнето издание. Скопје: Просветно дело, стр. 50-55, 156-177.