• Наслов

    АЛХЕМИСКА РУЖА

  • Автор

    БОГОМИЛ ЃУЗЕЛ

  • Година на издавање

    1963

  • Категорија

    современа книжевност

  • поезија

Опис на делото

 е втора по ред поетска книга на Богомил Ѓузел. Она по што се издвојува оваа стихозбирка, тоа се „Белешките“ додадени на крајот од книгата во кои поетот, автореференцијално, упатува на изворите и на првичните поттици за своите песни. По повод оваа модерна постапка (давање сопствени коментари за поезијата, по угледот на Т. С. Елиот), Ѓузел ќе рече: „Разбирлива е потребата на секој вистински поет своето поетско искуство да го доближи до искуството на современиот свет (...) за што поцелосно да се изрази себеси во тој свет и тој свет во себе. Откако е осознаена и исклучена илузијата на апсолутната оригиналност, (...) осознаени се како неопходни и врските (и се разбира влијанијата) меѓу она што се наречува ’свој поетски свет‘ (...) и светот однадвор“. „Оригиналноста“, заклучува Ѓузел, „лежи само во поетското искуство и во сензибилитетот на поетот, по што единствено поетите се разликуваат и се приближуваат помеѓу себе“ (Ѓузел 1963: 59-60). Во оваа тенденција на Ѓузел да ја доведе под знак прашање традиционалната поетика, Влада Урошевиќ ќе ја види најавата на интертекстуалноста како постмодернистичка одлика која во поголема мера ќе се афирмира кај нас нешто подоцна, дури во 80-тите година на минатиот век. „Несомнена е смелоста на овој чин во македонската поезија во која во тоа време (60-тите години), се веруваше без остаток во ‘самоникнатоста’ и ‘автохтоноста’ на поетите“ – истакнува Урошевиќ и продолжува: „Ѓузел укажува низ оваа збирка на искуството добиено од читањето на други книжевни дела како на едно рамноправно искуство – рамноправно со другите, непосредно стекнати искуства. Асоцијациите, алузиите, па дури и исцело преземените делови, чие потекло е светот на литературата, добиваат така свое право на граѓанство во структурата на поетовиот говор“ (Урошевиќ 1986: 108-109).

Во Алхемиска ружа поетот инсистира на употребата на неколку симболи: оган, цвет, пат, со широк распон на значења. Тие се видливи во носечката триделна балада или „поема разговор“ – „Рицарот и алхемиската ружа“. Освен мотото кое упатува на Данте (Чистилиште), останатите реминисценции во „Рицарот и алхемиската ружа“, како што тоа го потврдуваат и „Белешките“ на крајот од книгата, потекнуваат од англосаксонски извори: В. Витмен, В. Б. Јејтс и Т. С. Елиот. Кај Ѓузел, рицарот, алијас поетот, „Што знаеше со своето срце / Да се мечува со вооруженото време“, ја прифаќа убавината на пламенот (огнот) од кој, како феникс, се буди во облик на алхемиска, огнена ружа. „Ѓузел огнот го сфаќа како архетип на животот, кој веќе сам во себе ги носи неговите никулци – во космосот“ – пишува Лех Мјодињски (1999: 215). Со други зборови, прочистувачкиот оган му ги отвора на рицарот портите на вечноста каде што го наоѓа саканиот цвет (истиот оној кој за Елиот бил симбол на избавување од „пустата земја“, коментира Мјодињски). „Мошне присутната идеја со која се изразува потребата од минување низ оган како предуслов за постигање на повисок степен на совршенство е во несомнена врска со алхемичарскиот процес на добивањето на Каменот на мудроста и натамошна трансмутација на металите“, ќе рече Влада Урошевиќ (1991: 224) по повод искачувањето кон повисоките сфери на постоење, што како искуство ја одбележува рамковната матрица на збирката Алхемиска ружа во целина. Поконкретно, во поетскиот дискурс на нашиот поет свој творечки одѕив има и ставот на ирскиот поет В. Б. Јејтс за тоа дека постојат две реалности: „земјата“, од една, и „состојбата на огнот“, од друга страна, при што „во состојбата на огнот сè е музика“ (Ѓузел 1961/1962: 759). Споменатиот став артикулира една од стожерните теми во езотеричните учења: аналогијата што постои меѓу различните планови на реалноста кои вообичаено биле сметани за спротивставени, во смисла „земна“ наспроти „небеска“ реалност.

Ѓузел е еден од првите наши поети кај кои ќе се манифестира интересот за мистичнотo, езотеричното, окултното, но тој нема да остане осамен пример. Традицијата започната со неговата стихозбирка Алхемиска ружа продолжува со Гледач во пепелта (1970) на Ацо Шопов, Тајнопис (1975) на Анте Поповски, Феникс (1987) на Михаил Ренџов, Црна кула (1990) на Матеја Матевски, Мистик (1999) на Јордан Даниловски и Тајно злато (2016) на Влада Урошевиќ. Меѓутоа, нашите поети до портите на мистичното и езотеричното стигнуваат, најчесто, по интуитивен пат; ретко кога овој елемент е резултат на плодотворниот поттик добиен преку лектирата, како што е тоа случај со Ѓузел. Но, не треба да се занемари ниту богатата традиција на изворниот македонски фолклор која, исто така, е во несомнен дослух со сферите на мистичното, окултното, магичното. Творечката постапка на Ѓузел, својата базична предлошка ја има токму во мистиката на националниот фолклор. (Л. К. Д.)

 


Библиографија

Ѓузел, Богомил. 1961/1962. „В. Б. Јејтс – поетот како творец на митови“. Разгледи, год. 4, бр. 8, 754-762.; Ѓузел, Богомил. 1963. „Белешки“. Алхемиска ружа. Скопје: Култура, 59-68. ; Капушевска-Дракулевска, Лидија. 2001. „На работ на мистичното и езотеричното: Б. Ѓузел и В. Б. Јејтс“. XXVII Научна конференција на XXXIII Меѓународен семинар за македонски јазик, литература и култура (Охрид, 14-15 август 2000). Скопје: Универзитет „Св. Кирил и Методиј“, 121-130.; Мјодињски, Лех. 1999. Природа – интелект – култура (Прашања за поетското творештво на Богомил Ѓузел). Скопје: Македонска книга. ; Наневски, Душко. 1977. „Рицар со копје на убавината“. Македонска поетска школа. Скопје: Мисла, 297-310.; Урошевиќ, Влада. 1986. „Писателот во дијалог со друго книжевно дело (Повикување на уметнички текстови од други автори во современата македонска литература“. Нишката на Аријадна, Скопје: Мисла. 1986: 105-117. (Првпат текстот е објавен во Стремеж, ноември 1983.); Урошевиќ, Влада. 1991. „Митот и секојдневјето, напоредно. (Белешки од повторното читање на поезијата на Богомил Ѓузел)“. Поговор во: Богомил Ѓузел, Одбрани песни. Скопје: Култура, 221-232.