• Наслов

    СЕРДАРОТ

  • Автор

    ГРИГОР ПРЛИЧЕВ

  • Година на издавање

    1860

  • Категорија

    преродбенска книжевност

  • дело поема

Опис на делото

 Поемата е напишана, како што истакнал самиот Прличев, „според духот на народот свој и на епохата своја“: „Пискотници се слушаат од Галичник во Река, / што тешка несреќа ги збра / и мажите, и жените, та гласи тажна ека / и навева сал коб и зла?.
Сердарот е поемата со која Григор Прличев конкурирал на конкурсот за најдобра поема на грчки јазик одржан на Униврзитетот во Атина во 1860 г., која го овенча со ловоров венец и му го припиша епитетот „вториот Хомер“. Поемата е напишана, како што истакнал самиот Прличев, „според духот на народот свој и на епохата своја“. За настаните околу добивањето на наградата информира во својата Автобиографија . Прличев при пишувањето на поемата тргнал од народната песна, односно како што истакнал Блаже Конески – во неговата душа се заврзал плод од семето на народна пес­на во која се усетува созревањето на решеноста за борба. Поемата Сердарот, односно Арматолос, е израз, слика на животот на македонскиот народ, на Мијаците во галичко-реканскиот крај во триесеттите години од XIX век. Опишан е макотрпниот живот, секојдневниот страв за опстанокот, страдањата и болките, обичаите и верувањата и решеноста за борба. Во тие години во Западна Македонија крстосувале албански пљачкосувачки банди на кои единствено им се спротивставувал Кузман Капидан. Прличев ја започнува поемата на исклучително впечатлив, сугестивен начин, со најавата за загубата на народниот заштитник: „Пискотници се слушаат од Галичник во Река, / што тешка несреќа ги збра / и мажите, и жените, та гласи тажна ека / и навева сал коб и зла? ... Та Кузман, јунак славен, падна убиен од Гега, / Тој сердар прочут падна в бој / ... “. На вонредно уметнички начин поетот го прелеал пискотот на народот, чувствувајќи ги тажните и болни гласови околу себе. Стиховите започнуваат со словенска антитеза, карактеристична за нашата народна песна, на која веднаш се надоврзуваат елементи од класичната грчка поезија. Стожерен лик во поемата е Неда, мајката на Кузман, чиј сон и претчувство се остварени. Пред нејзиниот дом било донесено мртвото тело на синот единец од страна на единствените четворица преживеани Албанци, пред кое тие се поклониле. На вешт поетски начин е опеан моментот кога татнат народната болка по реканскиот крај и сизифовското тажење на Неда, која го отвора срцето за своите роднокрајци. Нејзината самосвест го надраснува чувството, избива нејзината сила и при најголемата болка – загубата на синот единец, таа бара справедливост, односно безбедност не само за нејзината куќа туку и за целиот несреќен народ. Таа е пример на македонската мајка, односно како што забележал Прличев во својата Автобиографија, „Неда не е друга освен мајка ми“. Вака опеаниот лик на мајката го симболизира македонскиот народ преку кој е искажана цврстата решеност за борба против непријателот. Прличев психолошки навлегува во душевниот живот на Неда, ги истакнува нејзината храброст и решителност, моралната цврстина, готовноста за саможртва. Од мајката херој која стои пред мртвото тело на својот син, покрај болката извира гордоста на слободољубива личност, желбата за слобода и цврстата решеност за борба. Наспроти неа е непријателот, односно Гегите се претставени како почитувачи на хероизмот, поради што го вратиле телото на починатиот во неговиот дом за да биде достојно погребано. За разлика од мајката која ни се открива директно, поетот го открива карактерот на Кузман индиректно преку расказот на Албанецот за нивната средба пред борбата (која била нерамна – десетина јунаци од Кузмановата чета наспрема бандата од стотина души) и преку тажачката на мајката. Кузман е борец, кој од најраните години се подготвувал да ја одмазди смртта на татко му, мотив кој често се сретнува во творештвото од тој период. Воспитуван во духот на справедливост, добрина, чесност, решителност, јунаштво и хероизам, Кузман преку личната одмазда го повикува и го води колективот во борба против доживеаните страдања и неволи. Прличев неговата смрт не ја претставува како симбол на загуба, туку ја опева неговата големина, нè запознава со неговите јуначки подвизи. Централните ликови Кузман и Неда се симбол на храброст, саможртва за татковината и човечко достоинство. Во претпоследната песна од поемата е претставен уште еден значаен лик, Марија, свршеницата на Кузман, воспитана во патријархален дух и е симбол на верност. За литературно-естетските вредности на поемата зборува и самата награда. Прличев бил уметник на зборот, поемата ја градел со мајсторска поетска вештина и со моќ за употреба на речиси сите стилски фигури, од епитет, парафраза, хипербола, градација, паралела, метафора, контраст, алегорија, персонификација, компарација (која е присутна од почетокот па до крајот на поемата), антитеза, метонимија, иронија, сарказам, парадокс, реторско прашање. Поемата е напишана во десетерец од типот четири + шест слога, со цезура по четвртиот слог. Поради вештата употреба на низата стилски фигури, а и поради Хомеровскиот стил во поемата кој му служел да го инспирира а не да го копира, Георги Сталев го означува Прличев како поет-скулптор-сликар, кој од детаљот прави слика, содржинска, стилска фигура, а од сцената прави жива слика на победата, триумфот или на пропаѓањето, на пустошот. Атанас Вангелов го посочува стилот на зголемената улога на пречекорката како естетички канон за поезијата на Прличев. Димитар Митрев го означува како лирик по дарба и признание, лирик во поезијата и во прозата, лирски нерамен – со ретки одушевувања, но и со ретки резигнации. Додека Анте Поповски истакнува дека во буквите и меѓу буквите на Прличев се сместени духовните и моралните програми за македонската


 

Библиографија

 Вангелов, Атанас. 2002. „Најновиот препев на Арматолос“ во Книга за Прличев од Гане Тодоровски, Скопје: Штрк, стр. 357-379; Ѓуркова, Александра. 2009. Поетиката на Григор Прличев – стилскиот израз во „Арматолос“ и „Сердарот“. Скопје: Македонска реч; Конески, Блаже. 1953. „Григор Прличев“. Современост, год. III, 1-2, стр. 3-12; Митрев, Димитар. 2002. „Григор Прличев“ во: Книга за Прличев од Гане Тодоровски. Скопје: Штрк, стр. 275-291; Прличев, С. Григор. 1946. Сердарот. Редактирал Крум Тошев. Скопје: Државно книгоиздавателство на Македонија; Прличев, Григор. 1983. Мартолозот. Од грчки оригинал препеал Михаил Д. Петрушевски. Скопје: Македонска книга; Прличев, Григор. 1993. Сердарот. Помакедончил Гане Тодоровски. Скопје: Детска радост; Прличев, Григор. 1996. Сердарот. Препев Георги Сталев. Скопје: Детска радост; Тушевски, Ванчо. 2000. „Традиционалните симболи во поемата Сердарот од Григор Прличев“ и „Структура на женските ликови во поемата Сердарот од Григор Прличев“ во: Поетика и реторика на новата македонска книжевност – XIX век. Скопје: Менора, стр. 117-130 и стр. 131-150.