• Наслов

    НОЌНИОТ ПАЈТОН

  • Автор

    ВЛАДА УРОШЕВИЌ

  • Година на издавање

    1972

  • Категорија

    современа книжевност

  • автор расказ

Опис на делото

збирка раскази на Влада Урошевиќ, со која авторот го внесува моделот, сензибилитетот и поетиката на фантастичниот расказ во македонската литература, линија што како прозаист и самиот ќе ја следи во следните пет децении. Определбата за фантастика, во времето кога Урошевиќ стапува на книжевната сцена како раскажувач, значи антиреалистички бунт, бунт против состојбата во книжевниот живот и во владејачката естетика. Ноќниот пајтон сведочи за некои типолошки константи и стилски иновации на авторот, за неговиот перманентен интерес за чудесното и фантастичното, необичното и необјаснивото, за довербата во сонот и мистеријата, за фасцинацијата од т.н. „раскази на атмосфера“ и од магијата на надреалното, за подготвеноста да се експериментира со наративните постапки и со некои нови обрасци и техники.

Урошевиќ негува еден посебен тип фантастично писмо – фантастика на секојдневието; тоа е фантастика што ја внесува мистеријата во реалниот живот и нејзина основна функција е откривање на фантастичното во секојдневното. Суштината на овој вид фантастика лежи во суптилното прелевање на стварното во невозможното и неверојатното, во играта со наративната рамка како пропусна мембрана помеѓу реалното и иреалното, при што механизмот на стапица во која се вовлечени ликовите/читателите останува необјаснива загатка која му пркоси на рационалното сознание. За овој тип фантастика клучна е позицијата на нараторот кој се јавува во прво лице еднина, инаку најпогоден облик за фантастичниот дискурс. Авторот ужива во креирањето имагинарни, алтернативни светови, но само со цел да ја покаже нивната комплементарност со светот на реалното. Иако постои мислење дека модерната фантастика креира чудесна реалност, а не чудесни суштества, појавата на прекрасното митско животно еднорог во расказот „Еднорог од задниот двор“ – говори за спротивното. Споменатиот расказ е конципиран врз фонот на дилемата помеѓу фикцијата и факцијата, рационалното и ирационалното – во стилот на фантастиката, а луцидната игра околу вистинското, реално постоење на еднорогот го носи и шармот на борхесовското ерудициско пловење низ вековите и енциклопедиите и поместувањето на границите на книжевноста.

Урошевиќ успева еден апстрактен поим, како што е времето, да го трансформира во опиплив феномен подложен на творечки интервенции и модификации, но како свесна интенција за „очуднување“ на просторот и за влез во некој друг свет, како можност со својот вешто исконструиран времеплов непречено да ги пренесува своите јунаци во невидливи простори, исто како што и просторот може да биде платформа за нивно имагинарно патување низ времето. „Фантастичното време“ претпоставува поинаква интерпретација на времето и неговата специфика лежи во повторувањето. Во расказите од Ноќниот пајтон, тоа повторливо фантастично време се манифестира на двоен начин: во буквална смисла, како исчекор од линеарното хронолошко (њутновско) време („Ќерката на старинарот“) и во преносна, како повторување на драмата на постоењето („Настан на летување“). Притоа, ликовите како да егзистираат во некој вид антипростор и антивреме. Просторно-временскиот паралелизам во овие раскази се реализира и по пат на монтажа или комбинација, преплет на два наративни тека во чија основа лежи принципот на коинциденција (кортасаровски пример на фантастика). Притоа, „сивата мрежа на времето“ во своите стапици вовлекува или еден ист лик кој добива две паралелни егзистенции преку „замена на местата“ и игра со идентитетот („Фотографија“), или, пак, различни ликови остваруваат средба на ист простор, но во различно време, најчесто со посредство на некој предмет кој игра улога на поврзувачки сегмент („Сабја“, „Рака“). Идентична функција, понекогаш, остварува и сонот; и сонот може да биде алатка за постигнување „временски скок“ во наративниот имагинарен паноптикум („Вест“).

Во поглед на наративните постапки, особено илустративен е „Расказ за тоа како се пишуваат раскази“ кој е, истовремено, и расказ и метарасказ. Далеку од тоа да дава готови рецепти или формули за можните наративни модели, Урошевиќ става акцент врз еден автолудистички модел кој подразбира огледување на себеси во сопствената креација, но не само како „нарцисоиден дискурс“ туку и како критички интониран став. Станува збор за креирање на еден текстуален плурализам како созвучје на референтноста (писмото) и автореферентноста (гласот на авторот). Почетокот на расказот е идентичен со неговото финале и имплицира прелевање на фикцијата во реалност. На тој начин се поместува границата помеѓу книжевното дело и искуствената реалност: расказот што го пишува нараторот на почетокот, станува негова реалност – на крајот од расказот. Нараторот се стопува со својот книжевен јунак, односно субјектот и објектот, авторот и неговиот модел стануваат Едно. Аналогно лизгање помеѓу фикцијата и факцијата постои и во расказот „Кукла“, умешно реализирано преку класичната тема на двојникот, нешто слично како и во „Расказ за тоа како се пишуваат раскази“, со таа разлика што сега е воспоставена паралела помеѓу женскиот лик и една кукла – во расказот што го пишува писателот, од една страна, а од друга, во неговата фактичка реалност. Што се однесува до стилските особености во оваа книга, критиката, како клучни, ги посочува: леснотијата, атмосферата и набројувањето, во духот на авторовата, речиси, детска љубопитност и богата фантазија.

Во Ноќниот пајтон читателите за прв пат се среќаваат со расказите посветени на „мојата роднина Емилија“, како што ја именува нараторот, кои подоцна ќе прераснат во истоимената книга Мојата роднина Емилија (1994) со поднаслов: „Осумнаесет затворени раскази кои сочинуваат еден отворен роман“. Расказите за мојата роднина Емилија во Ноќниот пајтон најчесто пулсираат на граница помеѓу чудесното и фантастичното поради специфичната позиција на детето наратор (неможноста за дистанца од ирационалното), како и поради тематизацијата на детството кое, само по себе, е многу поподатливо за влез во сферите на имагинарното. Дури и пајтонот како носечки реквизит (во истоимениот расказ, но и како амблем на целата збирка) е поврзан со детството: „ноќниот пајтон“ ги носи детето наратор и неговата роднина Емилија во чудесни градски авантури, а самиот автор станува искусен пајтонџија кој познава „некаков таен план на градот“. За критиката, „патувањето на Урошевиќ со старинскиот пајтон е патување со цел, но без крај, бидејќи секогаш започнува од почетокот“ (Донат 1988: 164). Ноќниот пајтон“ на Урошевиќ го прави скокот од онаа страна на огледалото, како Луис Кароловата Алиса во тајната димензија на (не)просторот и (не)времето, „скок“ кој веќе два века (откако постои заводливата игра на фантастиката како свесна постапка – од времето на романтизмот), сведочи за тоа дека човековиот дух е секогаш подготвен да се приклони кон некоја друга егзистенција, колку и да е таа илузорна, лажна, невозможна, нестварна... Тоа е авантурата на духот кон Непознато. Почетните импулси за една ваква авантура иницирани од страна на Влада Урошевиќ во македонската литература во 70-тите години на XX век резултираат со една богата продукција; денес, фантастиката е вградена во традицијата на македонската книжевност и претставува една од нејзините најпопуларни книжевни постапки. (Л. К. Д. )


Библиографија

Бошковски, Петар. 1972. „Вистинитата лага на фантазијата: Влада Урошевиќ: Ноќниот пајтон, Скопје, Култура, 1972“. Разгледи, год. 14, бр. 7, стр. 790-795.; Бркиќ, Светозар. 1988. „Сликарската имагинација на Влада Урошевиќ.“ Разгледи (ХХХ), февруари-март, бр. 2-3, стр. 148-157 (тематски број: Влада Урошевиќ).; Донат, Бранимир. 1988. „Две читања на фантастичните раскази на Влада Урошевиќ.“ Разгледи (ХХХ), февруари-март, бр. 2-3, стр. 158-168 (тематски број: Влада Урошевиќ).;  Јанковски, Владимир. 2003. Огледало за загатката: разговори со Влада Урошевиќ. Скопје: Сигмапрес.Јанковски, Владимир. 2013. „Тајните мисии на Влада Урошевиќ“. Поговор во: В. Урошевиќ, Тајна мисија. Скопје, Магор, стр. 263-269.;  Капушевска-Дракулевска, Лидија. 2015. „Низ кои книжевни улици минува Ноќниот пајтон на Влада Урошевиќ?“ МАНУскрипт. Скопје: МАНУ, бр. 1-2, стр. 179-190.;  Пајиќ, Миленко. 1988. „Роднината Емилија“. Разгледи (ХХХ), февруари-март, бр. 2-3, стр. 169-178 (тематски број: Влада Урошевиќ).