• Наслов

    ДЕВЕТТИОТ БРАН

  • Автор

    НИКОЛА ВАПЦАРОВ (ЈОНКОВ)

  • Година на издавање

    (1935)

  • Категорија

    современа книжевност

  • дело драма

Опис на делото

 Поради својата социјална содржина и ангажираност, драмата Деветтиот бран на Никола Јонков Вапцаров не била соодветна ниту за печатење ниту за изведување во воено-политичките услови во кои настанала. Овој драмски првенец на Вапцаров за прв пат е изведен по ослободувањето во 1957 г. на сцената на Народниот театар на младината во Софија, во режија на Крсто Мирски, а во Македонија е прикажан две години подоцна, во Скопје и во Прилеп, во режија на Мирко Стефановски и Илија Милчин, во препев на македонски јазик на Гане Тодоровски.

За тема на драмата е земен непомирливиот социјален конфликт помеѓу капиталистите и работниците и вербата дека доаѓа „деветтиот бран“ кој ќе разруши сè што е гнило, бездушно, отуѓено и мрачно. Драмата Деветтиот бран има социјален и политички поттекст кој произлегува од темата и мотивите што се обработуваат во неа.

Дејството (во три чина) започнува со разговор меѓу членовите на навидум среќното семејство Попови, во кое само што се вратил амнестираниот син Андреј (бивш скулптор), кој по осумгодишното прогонство надвор од земјата доаѓа во татковиот дом како дипломиран машински инженер. Преку тој разговор се открива причината за заминувањето на младиот Андреј (кој згрозен од лицемерноста на религијата фрлил бомба во црквата), но се разоткрива и сета гнилост врз која е заснована лажната среќа и благосостојба на нивниот дом. Целото дејство на драмата се врти околу Андреј, кому му е дадена нова шанса за професионално докажување преку улогата на главен инженер во фабриката од татко си Борис. Но, Андреј, во вториот чин од драмата, наместо да ја искористи дадената можност, воден од несреќите и страдањата на работниците (конкретно, по загинувањето на Арсо – Македонецот), поведува беспоштедна борба за нивна заштита. Со тоа повторно се отвора недоразбирањето помеѓу фамилијата и нејзините интереси, од една страна, и неговите идеали, од друга, така што Андреј го напушта татковиот дом. Но, овој пат, тој е среќен поради штрајкот на работниците со кој се навестува доаѓањето на „деветтиот бран“ и новото револуционерно време.

Сè уште недоволно вешт како драмски автор, Вапцаров јасно ги спротивставил двата антагонизирани света и преку ликовите во драмата, не одејќи подалеку од своите социјално-реалистички размислувања. Од едната страна се наоѓаат ликовите на инж. Романов, Претседателот на управниот совет на фабриката и неговиот син Жорж, додека од другата страна се ликовите: Андреј, неговата сестра Лилија, Мира, учителката по пијано, механичарот Боев и работниците. На средина стојат ликовите на таткото Борис и мајката Елена кои, приклонувајќи се час кон едната час кон другата страна, се заговорници на еден морален апсурд. Имено, ликот на таткото Борис, кој е исто така во центарот на дејството на драмата, и покрај тоа што го чувствува доаѓањето на „новиот бран“ нема сила да го разбере и да го поддржи синот. Неговата жена Елена е претставена како мајка која своите навики за комфорен живот и малограѓански сфаќања ги става пред разбирањето и љубовта спрема синот. Можат да се насетат одредени совпаѓања меѓу ликот на Андреј и самиот Вапцаров, поврзани со нивната верба и борба за социјална правда.

Драматуршки вешто водена (преку веста за смртта на Арсо којашто носи пресврт), драмата на Вапцаров ја открива класната и емигрантска неправда. Во неа Вапцаров, во ибзеновски стил, се јавува и како обвинител против неправдите и како поттикнувач на соодветни смели решенија преку кои би била задоволена правдата.

Овој литературен првенец на Вапцаров од критиката е квалификуван како: „успешен вовед во уметничкиот квалитет што дури подоцна ќе може да го препознаеме кај него, во поезијата“ (Тодоровски 1979: 34-35). (Ј. М.- Г.)


Библиографија

 Деведесет години од раѓањето на Никола Вапцаров. 2001. Скопје: Институт за македонска литература.; Друговац, Миодраг. 1990. „Никола Јонков Вапцаров“ во: Историја на македонската книжевност XX век. Скопје: Мисла, стр. 199-207.; Вапцаров, Ј. Никола. 1979. Творби. Избор и предговор Гане Тодоровски. Скопје: Мисла.; Тодоровски, Гане. 2005. Книга за Вапцаров. Скопје: Штрк.