Опис на делото

Преку оваа стихозбирка на Михаил Сматракалев (Ангел Жаров) се воведува темата на бегалците во македонската поезија на XX век.

Антон Попов во критиката „Од Бура над родината’ до ‘Чудна е Македонија’“ (1940), читана на состаноците на МЛК, ја споредува оваа збирка со збирките на В. Марковски, К. Рацин, К. Неделковски и Н. Ј. Вапцаров, истакнувајќи дека „сите тие имаат една иста тема – Македонија и идеал да создадат своја родна литература која ги изразува бранувањата и тагите на поробениот народ, страдањата на бегалците во туѓина, копнежот за враќање во татковината, борбата за слобода на поробените внатре, нивниот живот и бит, нивните стремежи“ (Попов 1940: 72). Покрај вешто излеаните патриотски чувства од перото на Сматракалев (напишани на бугарски јазик, на кој авторот се школувал), во неа се насетува и љубовта спрема сите луѓе на светот, придружена со широкоградоста на граѓанскиот концепт што, како адвокат, авторот професионално ја застапува.

Збирката се состои од циклусите: „Македонска робија“, во кој се опева трагичната судбина на народот на кој му припаѓа („Исповед“, „Татковина“, „Робинка“, „Писмо од Македонија“, „Кон татковината“, „Ропски град“ и др.); поемата „Бегалци“, составена од пет пеења (посветени на мајка му), и циклусот „Антологија“ кој содржи три песни („Бура“, „Кон љубената“ и „Солун“).

Збирката е пишувана во римувана катрена, со смисла за мерка во напливот на револуционерниот патос, присутен речиси кај сите поети од Македонскиот литературен кружок. Стиховите од збирката се стегнати, одмерени, со незначително присуство на непотребни шаблони („Исповед“). Авторот се труди да даде оригинални јазични слики и рими, црпејќи инспирација од секојдневните новинарски вести („Ропски град“). Во ушите на читателот на неговите стихови одѕвонуваат музикални строфи што сраснале со борбениот ритам („Солун“). Таа нераскинлива поврзаност на формата и содржината не говори само за солидниот квалитет на неговите стихови, туку и за степенот на македонската националната свест на авторот, којшто соодветствува на времето и местото во кои е создавана збирката. Бура над родината е пример за социјална литература што е нераскинливо поврзана со родниот крај („Бегалци“).

За оваа збирка своевремено се објавени повеќе критички осврти (В. Стрезимиров, Н. Симеонов, Д. Б.) на страниците на весникот Македонски вести во кои се истакнуваат вредностите и значењето (во патриотско-револуционерна смисла), но и недостатоците на оваа поезија (во стилско-изразна смисла). Македонските критичари: Д. Митрев, Б. Ристовски, Г. Тодоровски, В. Тоциновски и др. се согласни дека неговата поезија како национално-патриотска и револуционерно-класна е значајна за книжевната историја, иако сите ги критикуваат паролите, патосот и високиот тон во некои од стиховите. (Ј. М.-Г.)


Библиографија

Попов, Антон. 1940. „Од Бура над родината’ до ‘Чудна е Македонија’“ во: Македонскиот литературен кружок (Софија, 1938 – 1941) документи. 1995. Избор, превод, редакција и белешки Васил Тоциновски. Скопје: Архив на Македонија и Матица македонска, стр. 72-96.; Сматракалев, Михаил. 1994. Модрите широчини на татковината. Предговор Г. Тодоровски. Скопје. Мисла.; Старделов, Георги. 2000. „Бура над татковината“ во: Избрани дела. Скопје:Ѓурѓа. Том 8. Стр. 113-120;  Тодоровски, Томислав. 2008. „Михаил Сматракалев“ во: Македонски дводомни писатели. Битола: Микена, стр. 529-532.; Тоциновски, Васил. 1994. Жаров бунтар и буревесник. Скопје: Мисла.