НАРОДНИ БИГОРИ и ОГИНОТ
(1938) и (1938)
современа книжевност
дело поезија
Антон Попов во својот критички осврт за поезијата создавана од членовите на Македонскиот литературен кружок, задржувајќи се посебно на вредноста на овие две збирки, ќе истакне дека тие се: „песни наситени со содржина, совршени по ритам, ритмика и уметничка сликовитост“ (Попов 1940: 91). Наспроти позитивните критички оценки од неговите современици (Попов, Сматракалев, Вапцаров, Рацин), некои подоцнежни критичари се согласуваат во ставовите за слабиот квалитет на неговото творештво (Б. Конески, Д. Митрев, М. Ѓурчинов), додека други застапуваат пообјективни гледишта (А. Алексиев, К. Чашуле, Г. Тодоровски, Г. Старделов) земајќи го предвид неговото богато и разновидно творештво од македонскиот период (пет збирки песни, шест поеми, повеќе сонетни венци, два епоса, три романи во стихови, три драми во стихови и др.) и, пред сè, родоначалничката улога во современата македонска поезија остварена преку овие две збирки. Ваквите варијации во вреднувањето на неговото творештво потекнуваат од подоцнежната амбивалентна национална поставеност на самиот автор, којашто нема да дозволи повисок степен на вреднување на неговиот книжевен опус. (Ј. М.-Г.)
Попов, Антон. 1940. „Од ‘Бура на родината’ до ‘Чудна е Македонија’“ во: Македонскиот литературен кружок (Софија, 1938 – 1941) документи. 1995. Избор, превод, редакција и белешки Васил Тоциновски. Скопје: Архив на Македонија и Матица македонска, стр. 72-96.; Марковски, Венко. 1992. Гламњи и порои. Избор и поговор А. Алексиев. Скопје: Македонска книга.; Тодоровски, Гане. 2009. Книга за Венко Марковски. Скопје: Штрк