• Наслов

    ДЕВЕТТЕ КРУГА НА ПЕКОЛОТ и ЧАРДАК НИ НА НЕБО НИ НА ЗЕМЈА

  • Автор

    АЛЕКСАНДАР АЛЕКСИЕВ

  • Година на издавање

    (2000) и (2003)

  • Категорија

    современа книжевност

  • дело роман

Опис на делото

Станува збор за биофикциски романи на Александар Алексиев, делови од трилогијата во која спаѓа и недовршениот роман Татковината е онаму каде што нè сакаат, чиишто делови се објавени постхумно во сп. Синтези (2007). Романите не се само семејна хроника, туку се и хроника на драматичните историски случувања (Втората светска војна видена преку очите на детето наратор, и Информбирото обременето со длабоки тајни) како и хроника за животот во социјализмот преку низа опишани случки од јавниот и културниот живот видени преку субјективниот поглед на главниот лик.

Романот Деветте круга на пеколот ја отвора морничавата голооточка тема, опфаќајќи го времето од апсењето на главниот јунак Ацо во ноември 1949 до неговото ослободување во август 1951 година. Романот Чардак ни на небо ни на земја се однесува на подоцнежниот живот на протагонистот – на времето на неговата рехабилитација и инволвираност во културниот и општествениот живот, опфаќајќи го периодот од 1951, па сè до земјотресот во Скопје 1963 година.

Иако дејството на Деветте круга на пеколот се одвива во затворска атмосфера исполнета со апсурдни ситуации, секојдневни понижувања на затворениците и описи на вознемирувачки и згрозувачки случки, романот низ петнаесетте поднаслови вклопени во една целина не остава впечаток на самосожалувачка горчлива трагична приказна, туку напротив, полн е со живот, со бујна младешка бунтовност, истрајност, со неизбежност прифатена како нешто што е надживеано.

Главниот јунак на Алексиев е „човек со некоја своја фатална црта“, пркосен, надмен, понекогаш и наивен лик кој го провоцира злото, „мошне погоден материјал за народен непријател“ (Вангелов 2005: 90). Сепак, апсурдна била негова вина која се состоела во тоа што читал руска литература во погрешно време и на погрешно место, што во времето на тоталитаризмот биле доволни причини да заврши в затвор. „Кој ми е крив кога престижот и пркосот ми се поважни од сè друго“ (Алексиев 2000: 51), често коментира јунакот обидувајќи се да се коригира. Истовремено тој е многу добар, правдољубив човек кој и во најтешките услови достоинствено опстојува и не дозволува никој и никакви околности да го скршат. Можеби најубедливи докази за тоа се описот на хигиената во затворот и неговата решеност да се почитува себеси преку ненадејната потреба од ред и чистота изразена во реченицата „решив ако треба да не пијам вода, туку да се мијам со шамичето“ (Алексиев 2000: 79); и ненадејната средба со неговиот некогашен џелат, која кај него побудува рационализиран смрзнат бес што се открива преку коментарот „Сè што поминало повеќе или помалку е розово. Ова нашето е крваво, но што е, тоа е!“ (Алексиев 2000: 190).

Романот Чардак ни на небо ни на земја, составен од дваесет и пет куси раскази (секој со одделен наслов), ја продолжува авторовата приказна со истиот сочен раскажувачки тон, со бројните последователни настани кои го разгоруваат љубопитството на читателот, со честите реминисценции на јунаковото детство, со шеговитите коментари на сметка на грижливата мајка и снаодливата баба кои умеат да го извлечат од секоја несакана ситуација. Преку двата романи се откриваат судбините и на другите членови на фамилијата кои ги трпат последиците од режимот: таткото Благој, кој поради судбоносната реченица: „Гледајте што сторија Сталин и Тито, се испокараа за ништо, а страдаат невини деца!“ (Алексиев 2000: 85) завршил на Голи Оток и оттаму се вратил како инвалид; авантуристичката епизода на малолетниот брат, кој поради самоволието на удбашот кој ја окупирал нивната семејна куќа револтирано решил сам да се справи со системот растурајќи летоци со непријателска содржина, поради што завршил в затвор (Алексиев 2003: 130-151).

Преку романите  не само што отворено се говори за тоталитаризмот туку и ненаметливо се откриваат низа информации за севкупното живеење во годините на социјализмот: за културниот и јавниот живот, за градењето на институциите, за односот кон поединецот. Посочени се многу реални настани и личности од културата и образованието, како што се: средбата со поетот Венко Марковски (во поглавјето „Липов чај“); судирот реалисти – модернисти (во поглавјето „Апотеоза на сонцето“); загинувањето на И. Точко; релациите со неговите професори и колеги: Х. Поленаковиќ, Б. Конески, А. Шопов, Д. Ручигај и др.; развитокот на првите литературни списанија (Иднина, Млада литература, Нов ден, Современост, Разгледи) претставени преку субјективниот поглед на главниот протагонист. И двата романа изобилуваат со колоритен речник што ја ефектуира локалната боја на изразот на едно дамнешно време, преку автентични именувања на личности, предели, професии, и особено преку вметнувањето на бројни досетки, мудрости и поговорки со цел што поверно да се оствари творечкиот контакт со времето и личностите. Податоците со кои настаните се вклучени во раскажувачката линија се воведуваат главно од страна на главниот лик кој ја има функцијата на наратор. Романескното дејство е реализирано како комбинација на автентичниот и фиктивниот наративен слој – плод на имагинацијата на авторот.

Критичарот Атанас Вангелов ја споредува појавата на Деветте круга на пеколот во македонската литература со појавата на новелата Еден ден на Иван Денисовиќ на Александар Солженицин во руската литература според тоа како двајцата автори „гледаат на литературата и по тоа како таа литература го гледа човекот“ (Вангелов 2005: 86) и затоа очекува „романот на Ацо Алексиев да ѝ даде нова енергија и полет на македонската современа литература“ (Вангелов 2005: 93). (Ј. М.-Г.)


Библиографија

Вангелов, Атанас. 2005. „Солженицин и Алексиев“. 2004. Штип: СУМ, год. 10, бр. 44, стр. 85-94.;  Ивановски, Иван. 2006. „Дело достојно за почит – Александар Алексиев“. Штип: СУМ, год. 11. бр. 52, стр. 116-119.; Мојсиева-Гушева Јасмина. 2019. „За биографикциските романи на Александар Алексиев и феноменот ‘Голи Оток’ (по повод деведесет години од неговото раѓање)“. Стожер бр. 133 (4), стр. 36-39.