• Наслов

    ПАСКВЕЛИЈА

  • Автор

    ЖИВКО ЧИНГО

  • Година на издавање

    (1962)

  • Категорија

    современа книжевност

  • дело расказ

Опис на делото

Во збирката раскази Пасквелија од Живко Чинго, е видливо прекршувањето на психата на македонскиот селанец пред навевите на новото постреволуционерно време. Според мотивите од оваа збирка, по сценарио на Коле Ангеловски во 1973 г. е снимен филмот Татко (Колнати сме Ирина), додека Русомир Богдановски ја пишува филмската адаптација Заминување од Пасквелија (1992), според која (во режија на Иван Митевски) е снимен ТВ-филм.

Темите што се обработуваат се поврзани со Револуцијата, комунистичката идеологија во годините непосредно по Втората светска војна, Резолуцијата на Информбирото и колективизацијата. Сижето на расказите е базирано врз конфликтите помеѓу традиционалното – старо и новиот свет, прикажани преку распаѓањето на семејството („Семејството Огулиновци“, „Ќерка“, „Молитва за спас“) и борбата меѓу неговите членови – носители на спротивни идеолошки гледишта („Син“).

Збирките раскази Пасквелија (1962) и подоцнежната Нова Пасквелија (1965) го лансираат митот за истоимената имагинарна земја и односите меѓу нејзините жители. Вистинската психолошка, социјална и политичка заднина на збирката се разоткрива преку хронотоп на прагот, за кого е карактеристично симболичното прикажување на стварноста.

Јунаците на Пасквелија се селаните на чии плешки се спушта товарот на сета дијалектика на животот и смртта („Како го убив другарот“), здравјето и болеста („Болеста на Атанас Ивановски“), слободоумноста и пркосот („Фромовата ќерка“), наивноста и снаодливоста („Нешто за сонцето и стапиците за волци“), благосостојбата и несреќата („Пожар“). Тие се претставени како индивидуализирани и незаборавни ликови, со изградени специфики и инстиктивно однесување надополнето со длабока критичност, иронија и потсмев. Ликовите се поларизирано групирани – од една страна стојат бескомпромисните поборници на револуцијата (Аргиле Јорданоски, Алексо Степаноски и др.), а од друга, фрустрираните селани (свирачот Зурло, вујкото Фром и др.) кои поради сиромаштијата го избираат отпорот спрема новите политички структури.

Освен тематско-амбиенталната поврзаност на расказите, се чувствува и изедначеност на композициски план, изразена преку формата на дваесет и четири кратки раскази. Во повеќето од расказите пренесувањето во свеста на јунаците се постигнува со постапката на очудување, преку која е остварен емоционалниот однос меѓу раскажувачот и објектот на раскажување. Јунаците најчесто се поставени во позиција на раскажувачи кои биле сведоци или учествувале во настаните.

Основните обележја на Пасквелија се: необичниот спој на реалноста и чудесното, воведувањето на архетипски и митски слики (замрачување на сонцето, завивање на куче, пожари, ветер), јазичната стилизација блиска до усното говорење (употребата на сказот). Намерата на авторот, што е заедничка и присутна во сите раскази, е преку чудесното да ја искаже вистината за едно трагично минато, критикувајќи ги примитивизмот, човековите страсти и деформациите на револуционерните придобивки. Пасквелија во книжевната наука е означена како прва творба преку која се воведува магично-реалистичното раскажување во македонската современа проза (Ј. Мојсиева-Гушева, М. Ѓурчинов, Д. Костадиновиќ). (Ј. М.- Г)


Библиографија

Мојсиева-Гушева, Јасмина. 2015. „По што го паметиме Живко Чинго (по повод осумдесет години од раѓањето) “. Спектар XXXIII, бр. 66, стр. 9-16.; Мојсиева-Гушева, Јасмина. 2001. Чинговата апартна поетика. Скопје: Институт за македонска литература; Урошевиќ, Влада. 1982. „Време на големи промени“ во: Чинго, Живко. Обид за будење. Скопје: Мисла. стр. 445-454; Чинго, Живко. 2005. Пасквелија. Поговор: П. Т. Бошковски. Дневник, Утрински весник.стр. 231-240.