• Наслов

    ГОЛЕМАТА ВОДА

  • Автор

    ЖИВКО ЧИНГО

  • Година на издавање

    (1971)

  • Категорија

    современа книжевност

  • дело роман

Опис на делото

Големата вода е лирски роман од Живко Чинго, по чии мотиви авторот, во соработка со режисерот Бранко Ставрев, ја напишал и драматизацијата Sидот, водата (1973). Снимен е и филм Големата вода, во режија на Иво Трајков, кој во 2004 г. ја освои и Големата награда на филмскиот фестивал во Валенсија и бил македонски кандидат за наградата Оскар во категоријата најдобар странски филм.

Основната тема на Големата вода е копнежот по мајчината љубов, по слободата и по творештвото. Дејството се одвива во морничавата атмосфера во Домот за сирачиња во времето на Информбирото. Во романот го препознаваме „хронотопот на прагот“ набиен со висока емотивност, поврзан со времето на животните пресврти на јунаците (како што е одењето на Лем во домот за сираци).

Сижето говори за воспитувањето на децата сираци во времето на Информбирото, нивниот чудесен светоглед, стремежот кон слободата и креацијата метафорично претставена преку фигурата на мајката што ја делка Кејтеновиот син од дрво. Во сижето е содржана и мотивацијата да се пишува за забранетите теми од детска перспектива (што е основна карактеристика на магично-реалистичното раскажување). Всушност, Големата вода може да се толкува како метафора за слободата и како иронија на претставите за светлата иднина на Сталиновата епоха којашто треба да се оствари под диктатот на воспитувачите, во опкружувањето на Sидот. Наспроти диктатурата, стои слободата олицетворена во стремежот кон блескавата Голема вода. Но, таа е забранета и секој поглед кон неа најстрого се казнува од воспитувачите, кои на крајот од романот доживуваат метаморфоза, претворајќи се во безопасни сочувствителни ликови.

Дејството на романот го придвижуваат поларизираните ликови: од една страна се наоѓаат емотивните детски ликови Лем и Исак – Кејтеновиот син, а од друга, себичните ликови на воспитувачите: Оливера Стрезоска, Аритон Јаковлевски и Трифун Трифуновски. Конфликтните моменти со управата на домот се дадени како варијации на мотиви што претставуваат посебни поглавја во структурата на романот. Рамката во која се одвиваат настаните се состои од елементи специфични за баладата: затемнета напната атмосфера, драма, дијалози, кратка форма на раскажување. Ликовите и дејството се релативно потчинети на ликот на поетот раскажувач, кој ја плете приказната натопена со метричко-ритмички елементи, но и со дијалози кои му даваат динамика на раскажувањето и го доближуваат до усниот говор. Од ваквата структура произлегува и богатата симболика којашто се движи во распон од природните појави (дожд, ветер, вода), преку имагинарните географски одредници (Сентерлевиот рид, Sидот, Големата вода), сè до апстрактните поими (слобода и креација).

Романот изобилува и со комични, иронични и гротескни пасуси. Во сеќавањата на Чинговите читатели засекогаш ќе остане запаметено Кејтеновото сослушување поради шегувањето со другарката Оливера Стрезоска за случајот со црвените гаќички и борбата за добра карактеристика, како начин на изразување од кој јасно се препознава духовниот и животниот став на Чинговите јунаци.

Големата вода е високо оцената од книжевната критика (М. Ѓурчинов, В. Јанева- Стојановиќ, С. Мицковиќ, П. Т. Бошковски, Ј. Мојсиева-Гушева) поради необичната структура, скриената повеќезначност, богатата симболика, лирско-епските изразни средства, честата употреба на сказот и другите нејзини особености. (Ј. М.-Г.)


Библиографија

Ѓурчинов, Милан. 1982. „Сонот за вода и слобода“ во: Чинго, Живко. Обид за будење. Скопје: Мисла, стр. 421-428; Ѓурчинов, Милан. 1982. „Бласокот на Големата вода“ во: Чинго, Живко. Обид за будење. Скопје: Мисла стр. 429-436; Јанева-Стојановиќ, Вера. 1982. „Жанровиот аспект на романот Големата вода од Живко Чинго“ во: Метафори на отуѓувањето. Скопје: Македонска книга, стр. 153-183.; Мојсиева-Гушева, Јасмина. 1997. Трагикомичното кај Чинго. Скопје: Култура.; Пандев, Димитар и Ѓорѓо Димоски, Славе. 2001. Книга за Чинго. Охрид: Општина Охрид.; Чинго, Живко. 1988. Големата вода. Поговор С. Мицковиќ. Скопје: Наша книга.