Опис на делото

Молскавици е првата објавена и целосно зачувана збирка поезија на Коле Неделковски напишана на македонски јазик.

Посветена е на поетовата мајка – метафорично претставена како инкарнација на поробената татковина. Преку овој чин поетот не само што ја покажува својата почит и љубов спрема мајка си, туку преку употребената метафора се откриваат и мотивско-тематските содржини на песните поврзани со немирниот револуционерен дух на поетот, социјалната неправда, љубовта спрема татковината, печалбарството и туѓината.

Збирката Молскавици е составена од шеснаесет подолги и пократки песни: „Младост попарена“, „Причинуење“, „Раткина неволја“, „Рането срце“, „Жив отруен“, „Чичко ми“, „Ропство“, „Работник“, „Стачка“, „Одродени“, „Ангелко“, „На кинисуење“, „Не колни“, „Стојан на Ордановци“, „Мајка“ и „Скитник“.

Пишувана е по моделот на народниот стих, што особено се огледа во интонацијата, ритамот, употребената лексика и стилските фигури. Иако стилски наклонет кон реализмот и народниот бит, Неделковски во некои од песните се труди да го индивидуализира својот израз („Причинуење“, „Жив отруен“ и „Чичко ми“). Понекогаш во лирската структура на песната се препознава епска димензија („Ангелко“), другпат се чувствува елегична нота („Младост попарена“). Некои од песните се одликуваат со хармоничен однос помеѓу изразот и мотивот („Стачка“). Во повеќе стихови е присутна словенска антитеза – карактеристична за народната поезија („Раткина неволја“, „Ропство“ и „Одродени“), додека во други доминираат парафрази од богатиот речнички фонд на народниот говор („Работник“, „Стојан на Ордановци“ и „Скитник“).

„Молскавици“ е позитивно вреднувана од книжевната критика како „драгоцен прилог во скромниот фонд на македонската уметничка поезија меѓу двете светски војни“ (Друговац 1990: 194). Иако мала по обем, оваа збирка, натопена со страдалнички песимизам и антифашистички револуционерен дух, е значајна како сведоштво за едно немирно време во кое лесно се губел животот. (Ј. М.-Г.)


Библиографија

Друговац, Миодраг. 1990. „Коле Неделковски“ во: Историја на македонската книжевност XX в. Скопје: Мисла, стр. 192-199.; Коле Неделковски: Живот и дело. 2001. Скопје: Институт за македонска литература.; Неделковски Коле. 1981. Собрано дело (предговор и коментар Тодор Димитровски). Скопје: Македонска книга, Култура, Мисла, Наша книга; Неделковски, Коле. 1967. Песни. Скопје: Македонска книга.; Тоциновски, Васил. 1997. Коле Неделковски: Живот и дело. Скопје: Матица македонска.