• Наслов

    БЕЛИ МУГРИ

  • Автор

    КОСТА РАЦИН – СОЛЕВ

  • Година на издавање

    (1939)

  • Категорија

    современа книжевност

  • дело поезија

Опис на делото

Бели мугри е стихозбирка од Кочо Рацин напишана на македонски јазик. Нејзиното објавување се смета за значаен датум во македонската култура бидејќи одиграла значајна во зачувувањето на македонската самобитност.

Тематиката на Бели мугри е длабоко социјална и експресионистички левоориентирана. Низ мотивите на незадоволство и бунт против тешкиот живот не се препознава само лирскиот субјект што ја создава песната туку и целата работничка класа и напатениот народ. Социјалното како мотивска доминанта во збирката произлегува од состојбите на универзалноста и општочовечката трагичност во кои болката е неизбежен декор („Селска мака“).

Збирката прозвучува со специфичен баладично-елегичен внатрешен тон, што сугестивно се чувствува во забрзаниот внатрешен ритам на песните („Елегии за тебе“). Јасно е присутен и експресионистичкиот протест во повеќето песни од збирката („Тутуноберачите“, „Копачите“). Експресионистичкото влијание е видливо преку елементите што се специфични за синтаксата на крикот како што се: директното обраќање (Ти да знаеш, паметуваш / и ем да си на ум имаш – во „Елегии за тебе“); присуството на извиците (Ај, пусти да е, пусти да би / останал животот кучешки! – во „Денови“); дисторзијата на речениците (Изгори-мерак, изгори / изгори-пепел се стори!) во „На Струга дуќан да имам“).

Меѓу првите којшто се изјасниле и ја популаризирале Бели мугри е Антон Попов. Тој во статијата „Од Бура на родината’ до ‘Чудна е Македонија’“ (1940), го истакнува „аргатското … револуционерното и битово значење“ (Попов 1995: 83) на Рациновата поезија, во која авторот успева да го спои расудувањето со длабоката непосредност на чувствата.

Иако мала по обем (содржи дванаесет песни) збирката Бели мугри одиграла значајна улога против отуѓувањето на Македонците од своите етнички корени. Причината поради која била широко прифатена е блискоста до фолклорниот израз во кој вешто се вткаени автентичните стилски белези на авторовата експресија. „Преку своите метафорични модели Рацин ги променил клишираните поетски постапки на социјалната литература“ (Николовска 1997: 79-80).

Со Бели мугри се означува „почетокот на автохтониот современ македонски поетски израз“ (Ристовски 2009: 480) базиран врз народното творештво, но и врз еден оригинален современо интониран лапидарен исказ што во увото на читателот прозвучува автентично, јасно и експресивно. (Ј. М.- Г.)


Библиографија

Мојсова-Чепишевска, Весна. 2000. Рацин и експресионизмот. Скопје: Менора.; Николовска, Искра. 1997. Функцијата на клишето во Рациновите Бели мугри’. Скопје: Институт за македонска литература.; Попов, Антон. 1940. „Од Бура на родината’ до ‘Чудна е Македонија’“ во: Македонскиот литературен кружок (Софија, 1938 – 1941) документи. Избор, превод, редакција и белешки Васил Тоциновски. 1995. Скопје: Архив на Македонија и Матица македонска, стр. 72-96.; Рацин, Солев Коста. 1987. Поезија. Избор и предговор Г. Тодоровски. Скопје: Наша книга.;  Ристовски, Блаже. 2009. Животот и делото на Кочо Рацин (1908 – 1943). Скопје: Матица македонска.;  Шеесет години од излегувањето на збирката Бели мугри’ од Кочо Рацин. 2001. Скопје: Институт за македонска литература.