• Наслов

    ЦРВЕНАТА ПРОЛЕТ

  • Автор

    АЦО КАРАМАНОВ

  • Година на издавање

    (1941 – 1944)

  • Категорија

    современа книжевност

  • дело поезија

Опис на делото

 Црвената пролет е избор поезија од Ацо Караманов пишувана на српски и бугарски јазик, постхумно издадена во избор и препев на Радивое Пешиќ.

Збирката започнува со прозниот запис „Што сакав да станам“ и песната „Поет“ кои можат да се толкуваат како своевиден манифест преку кој младиот автор ги искажува стремежите, желбите и очекувањата од сопствениот живот: „јас сакам да станам поет динамит / со јарост во градите, со пролет во мечтите, / слободен и силен и за борба жеден …“.

Во збирката, која опфаќа триесет и седум песни од различни творечки периоди, се вткaени повеќе тематски целини: романтично-мечтателски („Сини ноќи“, „Утринска песна“, „Балада за црвената птица); бунтовно-револуционерни песни со апокалиптички предвидувања („Во овој час“, „Новиот човек“, „Утрешната жена“, „Децата на борбата“); социјални („Детето на улицата“); песни со интелектуално-сатиричен карактер („Мравка на големиот црвен трендафил“, „Псалм за m-lle Lili“), љубовни песни („Балада“, „Тајна“, „Распеано чекорење“).

Во интимната лирска поезија на Караманов можат да се препознаат низа симболистички обележја како што се: меланхолија („И некогаш“); синестезија на звуци и бои („Зелена симфонија“); доближување на темата на жената и таковината („И можеби ти ќе дојдеш тогаш“). Во песните во проза со социјални и револуционерни мотиви почесто се присутни експресионистички елементи: екстравертност („Ние чекаме“); грижа за целиот свет („Во овој час“), изблик на емоции преку крикот („Новиот човек“). Сите песни во кои поетот копнее по светлата иднината и го набљудува светот од сопствена визура се одликуваат со силно лирско чувство и со адолесцентски восхит на дете („Балада за црвената птица“). Од тој детски период се и сатиричните песни, со најсложена композициска и естетска стуктура во кои се насетува младешкиот пркос кон неприфатливите општествени норми и конвенции („Псалм за m-lle Lili“). Најбројни се песните со искрен револуционерен занес, со сликовити фрази и впечатлив напор за усовршување на изразот („Го слушаш ли…“). Со меланхолија се натопени песните создавани во последиот период од поетовиот живот, кој бил исполнет со длабоки душевни кризи („Патот“, „Молба“, „И некогаш“).

Критичките осврти кон поезијата на Караманов говорат за длабоко емотивно творештво, со силен креативен набој и препознатливи модернистички елементи настанати под влијание на неговата лектира. (Ј. М.- Г.)

 


Библиографија

 Караманов, Ацо. 1963. Црвена пролет. Скопје: Кочо Рацин (поезија).; Големата песна на Ацо Караманов 1927 – 1944. 2006. Приредил М. Ѓурчинов. Скопје: МАНУ, (монографија).; Стојменска-Елзесер, Соња. 1989. „Симболистички и експресионистички елементи во поезијата на Ацо Караманов“ во: Македонска поезија XX в. Приредил В. Смилевски. Скопје: Македонска книга. стр. 212-219.; Радически, Науме. 2004. „Бунтот и лирските опсесии во поезијата на Сречко Косовел и Ацо Караманов“ во: Патишта и крстопати. Скопје: Култура, стр. 268-279.