• Наслов

    ТРАЈАН

  • Автор

    АНЃЕЛКО КРСТИЌ

  • Година на издавање

    (1932)

  • Категорија

    современа книжевност

  • дело роман

Опис на делото

Во романот Трајан Анѓелко Крстиќ автентично го изразува животот на македонскиот човек, неговиот светоглед и егзистенцијалната филозофија од времето меѓу двете светски војни.

Трајан е белетризирана хроника за животот на македонското семејство Радевци и неговиот најмлад претставник – Трајан, чиешто име фигурира во насловот. Времето кое е опфатено во романот ја наметнува неговата тема – животот на сиромашните македонски печалбарски семејства исполнет со маки и страдања, чемер и јад поради неподносливиот јарем на османлиското ропство, силните пропаганди од соседните држави и неодминливите воени случувања.

Пишуван како роман-хроника, романот Трајан е составен е од три дела: „Пролог“, „Детство и маладост“ и „По печалби и боишта“, кои поради своите епски димензии некои критичари го споредуваат со трилогија (Н. Радически 2006: 115). Прологот донесува автентичен опис на животот во с. Трпенци во 80-тите г. од XIX в., односите меѓу многубројните печалбарски семејства и останатите жители во селото, завршувајќи со раѓањето на главниот јунак на романот. Вториот дел од романот е посветен на егзистенцијалните проблеми на семејството Радевци: на прераната смрт на главите на семејството – двата брата Момир и Славко; на детството на Трајан и неговото рано заминување на печалба; на женидбата и повторно заминување на печалба во Романија. Третиот дел е со подинамична структура и како што кажува самиот наслов, ги опфаќа: годините што ги минува главниот јунак на печалба во Романија; пријавувањето и учеството во војната во 1915 г.; заробувањето; логорувањето во Крагуевац, во Унгарија и во Чешка; префрлувањето во Бугарија и служењето во бугарската војска; бегањето; ранувањето; лекувањето во руската болница; повторното служење во српската војска пред крајот на Првата светска војна, враќањето дома и неговата смрт во првата пролет по војната.

Романот верно ги претставува настаните преку акциите на главните протагонисти: Трајан, кој под влијание на српската пропаганда се пријавува за доброволец во војска на своја штета, коџабашијата Исак, кој ѝ се препуштил на бугарската пропаганда, младиот учител Дојчин кој прави напори да отвори српско училиште, Трајановиот татко Славко, шпекулантот Темко, војникот Милисав, себичниот поп Јордан, турските чиновници, комитите, женските ликови на мајки, стрините, сопругата Јана, децата и др. Иако во ликот на Трајан се вградени многу од личните искуства на самиот автор, од печалбарството, од војната, од болестите, од детството, од приврзаноста кон домот и кон националниот идентитет, во него се препознава автентичен типизиран лик обликуван по урнекот на националниот романтизам карактеристичен за тие времиња. И покрај тоа што се сообразил со општествената ситуација која налагала да се однесува поинаку, ликот на Трајан сепак е носител на македонскиот национален континуитет.

Тоа што јунаците во романот на Крстиќ се Македонци кои меѓусебе и пред другите се ословуваат со тоа име, веројатно кај некои српски критичари предизвикало револт, како кај Ж. Пламенац со кого Кочо Рацин полемизира во статијата „Анѓелко Крстиќ пред судот на Ж. Пламенац“. Рацин, ставајќи се во одбрана на Крстиќ, се труди да ги разбере ваквите реакции сметајќи ги за неосновани субјективните и идеолошките критики на Пламенац. Залагајќи се за антидогматски, критичарски и интерпретативен пристап кон книжевното дело, Рацин во трудот „Реализмот на Анѓелко Крстиќ“ не дава само позитивни оценки за романот, туку и конкретни пропусти кои ги аргументира. И покрај значењето што го има романот, во однос на неговата класично-реалистичка и дескриптивна постапка очигледни се одредени слабости како што се повторувања на некои обичаи од обемната фактографска граѓа и присуството на Крстиќевите национал-романтичарски идеи, што придонело за намалување на уверливоста на раскажувањето. И во овој роман, како и во поголемиот дел од творештвото на Крстиќ, се чувствува великосрпската пропаганда, затоа Трајан „иако дело со високи уметнички вредности, од овие и од некои други причини, ни до ден-денес не го зазел своето вистинско место во лектирата на современите македонски читатели“ (Радически 2006: 117-118).

Напишан во народен дух, со силна етнопсихолошка и социјална димензија, верно сликајќи ги состојбите во Македонија во Балканската и Првата светска војна, романот на Крстиќ, како реалистичко остварувања, претставува живо сведоштво за конкретното време. Неговото појавување не останало незабележано од тогашната стручна фела која високо го вреднувала наградувајќи го со признанието „Најдобар српски роман“ – признание на Академијата на седумте уметности во Белград. (Ј. М.- Г.) 


Библиографија

Крстиќ, Анѓелко. 1987. Трајан. Превод Јован Стразовски. Скопје: Мисла.; Радически, Науме. 2006. „Роман пред романот (‘Трајан’ од Анѓелко Крстиќ и ‘Мара’ од Стојан Христов)“ во: Литературна раскрсница. Скопје: Македонска реч, стр. 120-127.; Радически, Науме. 2006. „Анѓелко Крстиќ“ во: Литературна раскрсница. Скопје: Македонска реч, стр. 107-119.; Ристовски, Блаже. 1982. „Расчекори помеѓу човекот и писателот: Анѓелко Крстиќ“ во: Појави и профили I. Скопје: Студентски збор, стр. 261-264.; Рацин, Кочо. 1987. „Реализмот на Анѓелко Крстиќ“ во: Избор. Скопје: Мисла, стр. 150-155.; Рацин, Кочо. 1987. „Анѓелко Крстиќ пред судот на Ж. Пламенац“ во: Избор. Скопје: Мисла, стр. 148-149.