ПРОКЛЕТИНА
(1905)
современа книжевност
дело поема
Љубовна поема Проклетина од Арсениј Јовков напишана уште во неговите гимназиски денови во Битола (1901), а подоцна објавена во Варна.
Темата на поемата е спречената љубов на двајца млади – Ана и Војдан кои неизмерно се сакаат, но од зависта на соселаните нивната среќа е поматена и тие се разделуваат, за на крај, по многу перипетии, повторно да се спојат. Во првите строфи, низ мноштво метафори и симболи, се опева убавината и чедноста на добро ситуираната девојка Ана – посакувана прилика за секое момче во селото. Со сличен ентузијазам се исполнети и стиховите посветени на нејзиниот свршеник – младиот Војдан, храбар, вреден, убав, единец на мајка. Но, идиличната љубовна атмосфера се поматува со одмаздата на попот упатена кон Војдана – синот на неговиот непријател од младоста, срочена во измислената изјава дека во селото се појавило Војданово копиле. И сите селани, наспроти објаснувањата на Војдан, поверувале во лошиот глас поткрепен со сведоштвото на поткупената мајка на копилето. Следните стихови на поемата се исполнети со силен емоционален страдалнички набој, во кој лесно се губи реалноста. Разврската доаѓа со сликата на мртвите тела на копилето и на неговата мајка во дворот на црквата и противењето на селските баби (проследено со многу народни суеверија) тие да се закопаат на гробишта. Најпосле решението е најдено, така што телата се закопани во клисурата која заради овие анатемисани ликови и немили настани е наречена Проклетина и секогаш е избегнувана. Селската идила повторно е нарушена од веста дека попот е фатен од ајдуци, како чин на одмазда на Војдан, кој се здружил со Турчинот зулумќар – Биљал. Потоа сите селани, увидувајќи ја клеветата на попот измамник, го молат Војдана да го спаси селото од тиранијата на Турчинот. Поемата завршува со повторната средба на двајцата сакани и нивното преселување во градот каде што започнуваат нов живот, далеку од завидливите соселани.
Сложената содржината на поемата му дава можност на младиот Јовков да создаде галерија од комплексни ликови како што се: убавата Ана со нејзините патријархални родители, правдољубивиот Војдан со неговата мајка вдовица, нечесниот поп, лицемерната копиларка, крволочниот Биљал, мудрите баби Дора и Мара и други.
Иако е напишана на бугарски јазик, со назнака во насловот на поемата дека е „од македонскиот живот“ и со лоцирање на настаните во Струшкиот Регион (крај реката Дрим), се означува националната припадност на јунаците, а преку нив и идентификацијата за националната посебност на авторот. Имајќи ги предвид роднокрајниот амбиент на поемата и стилските изразни особености блиски до народното пеење, можеме да констатираме дека таа е пишувана во фолклорно-романтичарски манир. Сложената композиција на опеаното од различни аспекти, со што се избегнува црно-белото сликање на нештата, укажува на авторовиот творечки потенцијал, забележан и од критиката. Со назнака дека доколку се преработи поемата со нејзините теми, мотиви, композиција, ликови, метафори и симболи „во уметничката литература на ропскиот македонски живот, би го имала местото на Вазовата ‘Грамада’“ (цит. според Тоциновски, 2002:28). Поемата е значајна за македонската книжевност затоа што преку сложените односи меѓу ликовите авторот оставил траги за традицијата, верата, фолклорот, менталитетот, страдањата и опстојувањето на Македонците и нивната силна верба во правдата и човештината. (Ј. М.- Г.)
Алексиев, Александар. 1984. „Револуционерните премрежја и поетските копнежи на Арсениј Јовков“ во: Низ литературното минато и сегашноста. Скопје: Култура, стр. 72-88; Йовковъ, Арсениј. 1905. Проклетина. Варна: изд. С. Дулгеровъ, стр. 54; Радически, Науме. 2006. „Поетските релации на Арсениј Јовков“ во: Литературна раскрсница. Скопје: Македонска реч, стр. 94-105; Тоциновски, Васил. 2002. „‘Проклетина’ поема од македонскиот живот на Арсениј Јовков“ во: Време минато и сегашно. Скопје: Институт за македонска литература, стр. 27-44; Тоциновски, Васил. 2002. „Поетот Арсениј Јовков“ во: Време минато и сегашно. Скопје: Институт за македонска литература, стр. 7-18.