Опис на делото

Поетска збирка Песни на Коста Абраш е постхумно објавена од група студенти – социјалисти, негови соученици.

Стихозбирката е составена од шеесет и три песни и афоризми со патриотски и социјално-револуционерни мотиви. Во неа недостасуваат неговите љубовни песни, кои според укажувањата на повеќе наследници и истражувачи биле уништени. Книгата започнува со патриотската песна „Патот во родниот крај“ (напишана на тринаесетгодишна возраст), произлезена од романтичната желба на младиот поет да даде придонес за ослободувањето на својот народ. Песната е проткаена со енергична младешка нота на поет борец кој тргнува со својот брод кон родниот крај, не плашејќи се ниту од страшната бура ниту од разбеснетите морски бранови што се јавуваат како препреки на патот за Македонија. Во стихозбирката бројни се неговите песни со социјален мотив: „Мајката и ќерката“, „Сираче“, „Просјачката на мостот“, „Крадец“, „Тажен лелек“, „О лебец, лебец“ во кои се опева мачната и сурова судбина на експлоатираните и обесправените. Болниот социјален елемент од неговите песни подоцна се трансформира во немирен револт и слободарска жед, присутни во песните: „На потокот“, „Тажен лелек“, „Заточеничка песна“ и др. Најпознати се песните во кои провејува револуционерниот дух на новото време, како што се: „Црвена“, „Фучи ветре“, „Социјалистички марш“, „Братство“, „Светот е наша татковина“, „Бура“, „Таткото – на синот“, „Бидете на штрек“, „Sвезда“, „О што плачеш“, пишувани во 1896 и 1897 г., со што оправдано го сметаат за еден од основоположниците на пролетерската поезија во Македонија и Србија.

Во Песни провејува страсниот пролетерскиот дух искажан со длабока младешка искреност, со видливи влијанија од романтичарската и народната поезија. Иако неговата поезија, како што забележуваат проучувачите „остана во традиционалниот романтичарски поетички клуч (со стари изразни средства), нејзината неодминлива убавина и вредност е во револуционерната експресија на една силна поетска индивидуалност ...“ (Пирузе-Тасевска 2005: 13). Српскиот литературен историчар и критичар Јован Скерлиќ бил „најзаслужен за поетскиот воскрес на пролетерскиот поет“ (цит. според Ристески 1999: 226) и афирмацијата на Абраш и неговата социјална поезија, преку објавениот осврт „Еден социјалистички поет“ посветен на збирката Песни на Абрашевиќ. (Ј. М.- Г.)


Библиографија

Абрашевић, Коста. 1950. Песме. Београд: Рад; Илиќ, И. Воислав. 1999. „Кон трудот литературните настојувања на Коста Абрашевиќ“ во: Литературно-фолклорни прилози. Охрид: Маcedonia Prima,стр. 254-277; Пирузе-Тасевска, Виолета. 2005. „Буревесникот Коста Абраш“ во: Коста Абраш (125 години од раѓањето). Скопје: Институт за македонска литература, стр. 9-14; Ристески, Стојан. 1981. Коста Абраш – пролетерски поет од Охрид. Охрид: Самоуправна интересна заедница; Ристески, Стојан. 1999. „Коста Абраш и поетската традиција“ во: Литературно-фолклорни прилози. Охрид: Маcedonia Prima, стр. 220-241.