• Наслов

    ДОЖИВОТНА ЈАМКА

  • Автор

    ДРАГИЦА НАЈЧЕСКА

  • Година на издавање

    2004

  • Категорија

    современа книжевност

  • роман

Опис на делото

Романот Доживотна јамка е едно од ретките книжевни остварувања во македонската современа литература посветено на тематиката на историскиот миг на Информбирото (1948 г.), односно на реперкусиите на тоталитаризмот врз интимните судбини на обичните луѓе. Во опусот на авторката тоа е и роман во кој најсугестивно се прави заграб во општествено-социолошкиот контекст и се пробива вообичаената за неа рамка на т.н. „женски проблеми“.
И во овој роман, како во другите романи на Најческа, во средиштето на приказната е поставена љубовта меѓу Душица и Милан, која останува без можност да се развива и реализира поради тоа што Милан е осуден како информбировец. Тој не се појавува на закажаната веридба, а неговата вереница и нејзиното семејство немаат никаква вест или оправдување за неговата постапка. По неколку месеци Раде, братот на Душица, во коридорите на истражниот затвор го пресретнува Милана, кого го третираат како најопасен криминалец. При вкрстувањето на погледите, во Раде се зародува погубниот страв од можноста невино да настрадаат и тој и неговото семејство, само затоа што имаат релација со осудениот, така што тој решава да ја задржи средбата во тајност. Низ годините што минуваат, љубовта на Душица се разградува и се потиснува од чувството на изневереност и разочараност. Дури и кога доаѓа до нивна средба, Душица сфаќа дека Милан е друг, скршен човек, врз кој стравотиите на Голи Оток оставиле длабока трага. Тој минува извесно време во психијатриска установа, по што Душица решава да го прибере крај себе, во својот дом и да се грижи за него. Преку исповедите на Милан се отсликува тегобната судбина на осудените и обележаните, но таа тегобност не се задржува само врз нив, туку како зараза се пренесува на сите околу нив. Така, самата Душица заболува од срцева болест, а нејзиниот брат Раде доживува психичка лабилност. Главните протагонисти, Милан и Душица, чии судбини драстично добиваат непосакуван тек по неостварената веридба, завршуваат трагично: таа умира, а тој е заглавен во психијатриските институции со единствена можност да ја изрази својата животна љубов преку положување цвеќе на нејзиниот гроб и преку поставување импозантна мермерна надгробна статуа на која пишува: „Ја уби злото во човечките срца“. 
Покрај споменатите, во романот се насликани и други ликови: сестрата Вера, мајката Стефанија, таткото Јован, чичкото Слободан и неговото семејство, Дуле – момчето на сестрата, Лила и други. Раскажувањето е организирано како комбинација од перспективи: од гледна точка на сезнаен наратор, од гледна точка на Душица и од гледна точка на Милан. Овие романескни парчиња се издвоени и графички, така што се испечатени со различни букви: обични, во курзив и со болдирани букви. Во тој однос Сталев забележува: „Треба да се потенцира и тоа дека Драгица Најческа токму со овој роман почнува една нова естетика, користејќи комбинирана форма на движење на дејството: раскажувачка и монолошка, која ја дели перцепцијата на две нивоа – објективно и субјективно, едното кое ги следи случувањата, а другото кое е одраз на најскриените мисли на главните ликови во романот“ (Сталев 2011: 9).
Доживотна јамка е суптилна критика на тоталитаристичката матрица, според која во името на наложените и/или проскрибираните идеи се уништуваат судбините на цели семејства и најдлабоките интими на обичните луѓе. Во овој роман авторката спроведува зрела реалистичка постапка, со која осветлува еден историски миг од повоениот развој на македонското општество. Раскажува живо и колоритно, така што приказната поврзана со конкретното време и место станува универзална и прозвучува со општо-хуманистички пораки. (С. С.-Е.)

Библиографија

 Касуга, Мариана-Мими. 2011. „Темни петна на историјата“ во: Најческа, Драгица: Доживотна јамка. Скопје: Дијалог (Едиција Избрани дела), стр. 5-6; Сталев, Георги. 2011. „Роман што плени со смислата за актуелност и универзалност“ во: Најческа, Драгица. Доживотна јамка. Скопје: Дијалог (Едиција Избрани дела), стр. 7-9; Танчева-Златева, Виолета. 2023. „Чествување на едно стамено творештво – Одбележување на 90. роденден на Драгица Најческа, ДПМ, 28.3.2023 г.“, Стожер бр. 149 (4/2023), стр. 34-35.