• Наслов

    СУША, СВАДБИ И СЕЛИДБИ

  • Автор

    РАДОВАН ПАВЛОВСКИ

  • Година на издавање

    (1961)

  • Категорија

    современа книжевност

  • дело поезија

Опис на делото

Станува збор за првата поетска збирка на Радован Павловски, која од критиката беше забележана како исклучителна појава поради необичната структура на стиховите, изобилството употребени метафори, сликовитиот израз и емотивниот занес со кои се создавани песните.

Збирката е базирана врз искуството здобиено од духовните особености, географските предели и историското време на кои му припаѓа поетот. Тоа е периодот на првата половина на дваесеттиот век, времето на поетовото детство поминато во пределите на Железна Река, меѓу смената на сушите и потопот, меѓу историските превирања, селидби и селски веселби кои заземаат најголем простор во поетовата свест. Прекрасниот пејзаж на родната Железна Река е најопејуваниот топоним од неговата поезија од којшто потекнуваат клучните симболи и на оваа збирка. Тие се: сушата – симболот на злото и лошата судбина; свадбите – кои се јавуваат како паганско славење на плодноста и селидбите и асоцираат на немирниот поетов дух жеден за авантури и талкања по светот. На речиси еден дионизиски начин поетот се поистоветува со природата како владетел и скротител на нејзините елементарни сили, но и како дете што зачудено гледа во неа, безуспешно обидувајќи се да се збогува од исклучително развиената интуитивна размисла. „По дождот со плунка ја оживувам птицата погодена од гром“ („Рајот на детството“), пее поетот служејќи се со принципот на магичното лекување кое го нарушува востановениот поредок на нештата. Тој е свесен за својата нераскинлива врска со природата – која можеме да ја наречеме антејска, искажана преку стиховите: „Лежам над браздите како над жици / и ја слушам музиката на ’ртењето“ („Сејачи“). Неговата поезија се раѓа од психолошкиот бунт кој надоаѓа „во еден поход на илузијата по бесконечните простори на ведрината, фантазирањето и топлите евокации на детството“ (Стојановиќ, 384). Орфичката песна на Павловски иако се стреми за сојуз со светот, сепак останува закопана во фантазиите и соништата од кои никако не може да се разбуди: „Кажи со каков пијалок се служиш во сонот / што не се разбудуваш о младичу“ („Младичот што спие на пладне“).

Оваа збирка поезија на Р. Павловски содржи карактеристики што можат да го вбројат во поет со модерен сензибилитет, а тие се состојат од: користењето на многубројни метафори, ефектен поетски јазик што се базира врз симултани слики со кои се предизвикува вчудовидување, како и врз спојување на впечатоци кои произлегуваат од најразлични сетилни сфери што создаваат безброј динамични ситуации. Употребените елементи на традицијата се користени само за да се интензивираат звучните и визуелните сензации и да се предизвикаат размислувања за долговечноста и есенцијалноста на проблемите што се третираат.

Неговата поезија, преплавена со несекојдневни поетски слики и метафори благодарение на поетовата бујна фантазија, од критиката е оквалификувана како „поезија која трага по сопствените врски со земниот свет низ новата есенција на смислата (Мицковиќ 1986: 267) во која е „речиси невозможно да се продре во целина (Поповиќ 1986: 313). (Ј. М.-Г.) 


Библиографија

Мицковиќ, Слободан. 1986. „Радован Павловски или близината на ѕвездените светови“ во: Отклучување на патиштата. Скопје: Наша книга стр. 263-277; Поповиќ, Богдан. 1986. „За некои определби на поезијата на Радован Павловски“ во: Отклучување на патиштата. Скопје: Наша книга стр. 306-321; Стојановиќ, Радослав. 1986. „Поетиката на Радован Павловски“ во: Отклучување на патиштата. Скопје: Наша книга стр. 348-371.