• Наслов

    ЗРНА

  • Автор

    РАДОВАН ПАВЛОВСКИ

  • Година на издавање

    (1975)

  • Категорија

    современа книжевност

  • дело поезија

Опис на делото

Зрна е најнаградуваната поетска збирка на Радован Павловски која се карактеризира со сопствена филозофија на семантички нетранспарентни и естетски ефектни поетски слики.

Споредена со неговите претходни поетски книги, во оваа збирка се воспоставуваат нови асоцијативни слики со филозофски димензии. Тоа се постигнува преку стеснетата формата на исказот и кондензирањето на симболите на зрната во еден мотив – мотивот на животот на село, во природата. Притоа, оваа поезија воопшто не е прозаична и приземна или утилитарна, напротив – изобилува со идилична визија, вселенски ритми и зрачења кои директно се пренесуваат врз животот на човекот на село, меѓу планините, ѕвездите и ртењето на зрното. Преку оваа збирка Павловски покажува дека еден елемент, една слика како мотивска оска се пренесува во повеќето негови песни и притоа добива различни конотации поврзани со асоцијациите кои кај поетот ги буди симболиката на зрното. Симболиката на зрното кај Павловски иако поаѓа од ритамот на вегетацијата, таа, како што толкува В. Урошевиќ, за него претставува „сублимат на светот, нуклеус во кој се крие тајната на времето и просторот, таинствена енергија која го продолжува животот и го движи во просторот“ (Урошевиќ 1986: 261). Неговата сила е постојана и неуништлива бидејќи: „и во мрак и од глад гонети / од човека до човека / во ѕвездената нива / тие зрна раѓаат почва нова / а сè ќе издржат“ („Побуна на зрната“).

Надреалните и симболичките елементи во неговиот стих добиваат конкретни метафорички содржини и еден митски естетски потенцијал вплетен во волшебните игри на необични асоцијации кои само нему му се својствени. Ефектите од неговата поезија, според критичарот М. Друговац, се согледуваат преку: „афективните сензации, неартикулираните потсвесни онирични халуцинантни, речиси делириумски ритуали (Друговац 1990: 547). За збирката Зрна, поетот Д. Наневски вели дека е „книга на духот, сета во трансцедентни видувања и облици која зрачи со поетовата моќ да го открива духовниот вид на нештата (Наневски 1977: 278). (Ј. М.-Г.)


Библиографија

Друговац, Миодраг. 1990. „Радован Павловски“ во Историја на македонската книжевност ХХ век. Скопје: Мисла стр. 544-553; Наневски, Душко. 1977. „Радован Павловски: Апсолутен поет“ во: Македонска поетска школа. Скопје: Мисла стр. 267-278; Павловиќ, Миодраг. 1986. „Зрна, нова поезија на Радован Павловски“ во: Отклучување на патиштата. Скопје: Наша книга стр. 278-290; Урошевиќ, Влада. 1986. „Големината на зрното“ во: Отклучување на патиштата. Скопје: Наша книга стр. 253-262.