• Наслов

    ЦВЕТАН

  • Автор

    ЕВТИМ СПРОСТРАНОВ

  • Година на издавање
  • Категорија

    преродбенска книжевност

  • расказ

Опис на делото

 „Цветан беше Македонец. Тој беше син на онаа несреќна земја која и денес е во ропство, ... . Македонија – таа беше неговата татковина! Таму ги виде за првпат сјајното сонце, јасниот месец, трепетните ѕвезди“

Расказот „Цветан“ од Евтим Спространов е отпечатен во посебна книшка,  (Нова книжици, Лайпцигъ), кој како и преостанатите негови 14 нотирани раскази се посветени на Македонија, тематски се поврзани со тешкиот живот на Македонецот под турско ропство, со настаните пред Илинденското востание, со подготовките за востание кон крајот на XIX век, за последиците на учесниците во Охридскиот заговор, поради што некои морале да се преселат во Бугарија („Зошто се преселивме тука“, 1894). Повеќето раскази се напишани во периодот 1893 – 1895 г., и според мотивската компонента можат да се означат како историски раскази, во кои истовремено се вградени и социјалната, општествената и политичката состојба во Македонија, како и македонскиот народен бит. Притоа тој длабоко навлегува во психата на човекот, на народот, поради што дел од нив може да се означат и како психолошки раскази. Карактеристично е што најчесто ги пишувал во прво лице, како учесник во дејството, односно во разговорот се појавува и самиот автор, па така во нив длабоко се вградени авторовата мисла и идеологија, па повеќето ги карактеризира и автобиографскиот елемент. Отсликани се значајните историски моменти од животот на македонскиот народ и значајните моменти од животот на поединци што им ја одредиле судбината, како што е во расказот „Цветан“ кој: „беше Македонец. Тој беше син на онаа несреќна земја која и денес е во ропство, ... . Македонија – таа беше неговата татковина! Таму ги виде за првпат сјајното сонце, јасниот месец, трепетните ѕвезди“. Во овој историско-психолошкиот расказ доминантен е мотивот на љубовта кон татковината. Таа претставува генератор на животот на Цветан, кој живее единствено за да се врати во неа и да се извојува нејзината слобода. Цветан, како и Спространов, морал да замине од родниот крај поради семејните настани. Спространов причината за заминувањето на своето семејство ја забележал во расказите: „Зошто се преселивме тука“, „Спомени од битолските темници“, „Расказ“. Цветан, „со тежок камен на срцето, со потешка мисла на душата“ ја напуштил Македонија откако татко му умрел од арнаутски куршум, мајка му од тага, сестра му насила ја потурчиле, а имотот му го одзела власта и му го продала за даноци. Останал сам, посрамотен, па решил да замине со надеж дека бугарската војска ќе ѝ помогне на Македонија да се ослободи. Затоа заминал да учи воени вештини и да земе учество во татковинското ослободување. Тешко му било кога во наставата имал теоретска воена настава – дали јазикот бил бариера? Во описот на душевната состојба на Цветан акцентирана е тагата од која бил молчалив и загрижен, па бегал од другарите и наоѓал потпора на едно дрво. Од друга страна, Цветан Миленков, кој служел во Македонскиот полк, бил пример за другите. Бил здрав, мускулест, пргав, добро учел и напредувал, а во стрелањето бил како јастреб. Но, внатрешниот притисок бил посилен, па го терал на молк, плач и бегство од другарите. Зошто? „Цветан беше Македонец“. Реминисценциите надоаѓаат – за родниот крај, за селото, за татковата куќа, за лозјето и нивата. На прашањето „нели и таму (во Бугарија) не се чувствува како дома?“, Цветан со тага во душата одговара дека тоа му е познато, но дека: „срцето ме влече таму, во родниот крај, каде татко ми бил роден, каде јас сум растел, каде мајка ми умрела“, и тој сакал веднаш да се врати во татковината, главниот мотив во севкупното творештво на Спространов. По неколку години пристигнала пролетната вест: се крева востание во Македонија. Цветан се радувал од душа, лицето му светеше од радост и солзи радосници му блескаа во очите. Бојот започнал, Цветан посакувал да добие крилја, да замине во Македонија, зашто сметал дека бил должен да отиде таму како Македонец, зашто Македонија гори, Македонците ги колат, треба да им се помогне. Кога се нашол на македонска земја, на Пирин Планина, пред Цветан се појавила живата слика на Македонија величествена, но тажна и несреќна. Цветан ја повел борбата за човечки правдини, за слобода. Опишани се јунаштвото на Цветан, неговата стрелачка вештина, неговиот коментар за првиот паднат јунак, дека тоа претставувало една жртва повеќе за слободата на Македонија. Идеологијата на Спространов е јасна само смртта може да ја извојува слободата на Македонија, што ја потврдува и со понатамошното дејство, со предвестувањето на страшното гракање на орлите и гавраните при почетокот на нерамниот бој. Борците за слобода на Македонија останале без оружје, излезот од смртта било бегство. Но на овој повик Цветан останал глув, горд и ладнокрвен: ниту око му трепна, ниту духот го загуби. Љубовта за слободата на Македонија и духот од кој бил воден го престориле од човек во карпа“, тој дошол во Македонија за да умре, а не да бега, да се враќа. Неговата самосвест за сопственото жртвување била издигната до највисок степен. Цветан бил подготвен своето месо да им го остави на орлите и гавраните, а коските на волците како вечен долг на ослободена Македонија.

Во расказите Спространов ги опишал: тешката економска положба на македонскиот народ, особено во Западна Македонија, теророт што бил вршен врз населението, потребата од сеопшто востание за извојување слобода и начинот како да се оствари тоа („Еден разговор“, 1894), значењето на востанието, на црковно-училишниот и економскиот развој, развојот на граѓанството, мачењето на комитите („На помош“, „Пред востанието“, 1895) како и постојаната мисла на авторот за враќање во родниот крај („Онаму каде што си роден“), за тагата поради неговото напуштањето („Митре“, 1903). Во сите раскази дејството се одвива во Македонија, освен во дидактичките раскази. Дури и во кратките раскази, цртиците кои се напишани во форма на разговор што се одвива во некоја кафеана или во нечиј дом во Софија, главните теми се Македонија и како да се обезбеди оружје („Без пушка не излегувам“, „Подслушан разговор“ и „Митре“, 1903). Личностите во најголем дел се вистински, но авторот го одбегнува откривањето на нивниот вистински идентитет, за што и самиот бележел. Исто така, за повеќето раскази е карактеристично што во нарацијата е проткаен поетскиот исказ на авторот, во неколку се застапени народни поговорки, а поретко се сретнува и запис на народна песна. Пишувал едноставно, директно, без нејаснотии. Исказот и мислата јасно ги преточува преку јазикот на народот, внесувајќи ги своите најискрени емоции, бележејќи ја својата тага за сето она што се случувало на колективно или индивидуално поле. Настаните ги ниже последователно, а во меѓу редовите е присутна најавата на збиднувањата. Отстапка прават расказите што ги објавил по 20-тите години од XX век во сп. Покровител на животните кои се со исклучително поучен карактер: се однесуваат за правилно воспитување на децата преку односот спрема животните и во психолошките раскази „Слепото сираче“ и „Д’сков“ (1894), во кои како лајтмотив се појавува тагата која кореспондира со смртта. На крајот од XIX век ја бележиме појавата на расказот кој ги носи обележјата на реализмот. Ова на еден начин го потврдуваат расказите на Е. Спространов, во кои не сретнуваме митски содржини, туку во нив се застапени судбината на поединецот и влијанието на општествените услови врз него. Расказите претставуваат парадигма на етичките принципи, на потребата од човековата слобода, на човековото достоинство, на признанието на човековото постоење пред сè како човек, а не како покорен роб кому му биле уништувани сите етички и морални норми потребни за граѓанско живеење. Расказите на Евтим Спространов имаат особено значење за проследување на континуитетот на развојот на македонскиот расказ. (В. М. Х.) 


Библиографија

 

 Миронска-Христовска, Валентина. 2004. „Расказите на Евтим Спространов“ во: Литературното дело на Евтим Спространов. Скопје: Институт за македонска литература, стр. 238-266; Тоциновски, Васил. 2009. „Македонската посветеност на Евтим Спространов“ во: Расказот на македонскиот 19 век. Скопје: Институт за македонска литература, стр. 116-157.