• Наслов

    ОД ОХРИД ДО СОЛУН

  • Автор

    ЕВТИМ СПРОСТРАНОВ

  • Година на издавање

    1897

  • Категорија

    преродбенска книжевност

  • расказ

Опис на делото

 Доживувањата и реминисценциите во патописите на Евтим Спространов водат по еден пат – патот кон Македонија и неговата желба за враќање дома, во родната земја: „ќе се поклонам макар оддалеку на таа измачена земја. ... Таму е Македонија, која пишти под тешкиот јарем. ... ги слушавме нејзините тонови и ги чувствувавме болките кои ги чувствува таа. ... Поклонот пред Македонија бил заслужен, бидејќи таа била мајка на просветата,... . ... Се поклонувам пред нејзиното минато и пред нејзината сегашност!...“.

Патната белешка „Од Охрид до Солун“ Евтим Спространов ја напишал преку реминисценциите на своите ученички денови во Солун. Во неа нè води по прекрасните делови на Македонија, од Охрид до Солун. Патописот е жива приказна поради живописното раскажување и емотивното произнесување.

Раскажувањето започнува со колективниот народен обичај за испраќање на пат, кај манастирот Св. Петка, при што секој носел по нешто за пат (кравајче, слатки, плодови) и биле изрекувани илјада благослови: „Добар пат“, „Добра среќа“, „Пак да се видиме здрави и живи догодина“; а мајките велеле: „Само живот и здравје да има, та кој гледа друго“. Потоа патникот превртувал стомна со вода, го стркалувал кравајчето над неа и истурал ориз, земал леб, се прекрстувал и тргнувал. Во текот на петдневното патување Спространов ги забележал сите убави и значајни места на патот од Охрид до Солун. Започнал од месноста Св. Илија, преку Велгошти и шумата во која секое нејзино дрво било симбол на убиство или грабеж, преку „преспанскиот кристал“ до Ресен, каде спиеле под ведро небо, со поглед вперен во убави нешта, но сонот не доаѓал од помислата дека некој може да ги нападне: „Ете што го труе животот на Македонецот, ете што ја упропастува насладата од природните убавини“. Патот го продолжил преку: Ѓавато, Кожани, пелистерските полиња, Трново, Магарево, грандиозниот и величествен Пелистер, па преку Битола, „која се наоѓа во средината на Македонија“, и попатните села. Дава описи на патот и на околината, на видовите дрвја и преубавата глетка на околните планини. Третиот ден патувањето продолжило преку Петерското Езеро, Костурското Поле и ред села, па по „Виа Игнатиа“, за што забележал дека учените луѓе многу трудови направиле за да го дознаат постанокот на овој пат, но сметал дека тие требало да „наемат еден коњ и еден македонски водач за да им го покаже сето тоа“. Следната починка била Островското Езеро. Дава описи и на времето и како влијаело врз нив, како се чувствувале. Рајот Владово живописно го опишал преку течението на реките, варовитите пештери од кои извирале сталагмити и сталактити, а погледот застанувал де на дуњи, де на смокви, лозја и дудинки. „Воден навистина е воден“, па чекорењето по него е опишано како скок од камен на камен, а патот како зелен тунел од кој виселе гроздови, смокви, шипинки, дуњи, ореви, костени. Ги опишал и архитектурата и ноќната атмосфера на овој преубав град, кој ги успокојувал нервите и го потсетувал на минатото, на македонските цареви, на нивното јунаштво, на битките. Тој во Жан-Русовски стил ја доживеал природата: „Колку векови поминале од тогаш, какви други промени настапиле во човештвото, ама … природата, мајката на сето, само таа не е изменета, само таа е вечно млада, вечно цветлива и бесмртна“. Од Воден до Солун, во отсуство на зеленило, преку искосените ниви и под жарот на величественото сонце, чувствувал како да се наоѓа во Сахара, но одеднаш пред него искрснала оаза – новиот град Ениџе. Погледот кон Пела повторно ги раздвижил реминисценциите кон историското минато и многубројните настани, на историјата на прадедовците, на битките што се воделе таму, на крвта што била пролеана. Последната ноќ ја минале во близина на Вардар, чие шумолење одвај се слушало – бидејќи вардарските води секогаш шепотеле со врбите, се вовлекувале околу нивните пенушки и брзале да се излеат во морето. Се вовлекол во тивок и спокоен сон, вдишувајќи студен воздух кој е и храна и живот. Никакви соништа не те тревожат. Мисли нема. Знаеш што те чека утре. Учење и лекции“.

Во патописните белешки Спространов на вонреден начин дава описи за македонските краишта низ кои поминал. Во нив прави сплет на фактографијата и на доживеаната емотивна приказна, пишува со восхит за природата и за човековото постоење (наспрема природата го согледувал како нешто минорно, бидејќи во борбата со неа човекот е немоќен). Преку наративниот тон и преубавите описи, на нему својствен начин, ги забележал своите патописи кои се посветени на Македонија. Но погледот кон Македонија е свртен и во патописите кои се забележани од посетите на некои места во Бугарија, како во „На Љуљин“ (1900) во кој покрај тоа што се потсетува на родниот крај, „македонските гори и осојници, каде исто може да се наслади човек, но и каде стравот од турските разбојници ќе му ја закове устата… умот, возбуден од химната на шумата, фрчи во родниот мој крај и ме потсети на шумата околу убавото Крушево... “. Во истиот патопис дава интересни податоци за тоа дека, искачувајќи се, пресретнал дрвен крст на кој пишувало – Пат за манастирот Св. Ки. Методи: Излегува дека манастирот не се нарекува повеќе Св. Крал, туку Св. Кирил и Методи. И навистина после дознав дека тој од неодамна бил посветен на нашите два првоапостоли и просветители Св. Кирил и Методиј“. Забележал дека шумата на манастирот не била стара и дека манастирската црква била нова, во неа немало ништо што би потсетувало на минатото: „Од неа не вее духот на древноста, кој во миг би нè пренесол во славните времиња, ... таа е прозаична и окото и духот на посетителот не можат да бидат задоволни“. Впечатоци од патувањата низ Македонија ги забележал и во „Велигденска прошетка по Поленско“, „Битолско, Преспа и Охрид“, „Сушењето на Преспанското Езеро“. Погледот кон Македонија го упатил и во белешките за Рилскиот манастир: „ќе се поклонам макар оддалеку на таа измачена земја. ... Таму е Македонија, која пишти под тешкиот јарем. ... ги слушавме нејзините тонови и ги чувствувавме болките кои ги чувствува таа. ... Поклонот пред Македонија бил заслужен, бидејќи таа била мајка на просветата, од неа излегле во старо време, сонцето и ред други ѕвезди кои го озариле целиот славјански свет: Оттаму се Паисији, браќата Миладиновци и други отци, кои во ново време нè разбудија од летаргичниот сон. И сега таа земја, која ни дала живот и во старо и во ново време, е црна робинка! Се поклонувам пред нејзиното минато и пред нејзината сегашност!...“. Патописите на Спространов се надоврзуваат на тековите во европската литература во XIX век. Тие се литературни информативни записи од кои извираат податоци за фолклористиката, етнологијата, историјата, географијата, биологијата итн., во кои се вградени емотивноста и субјективниот стил. Во нив сите податоци, доживувања и реминисценции водат по еден пат – патот кон Македонија и неговата желба за враќање дома, во родната земја. (В. М. Х.)


Библиографија

 Ковилоски, Славчо. „Евтим Спространов“ во: Патописот во македонскиот XIX век. Скопје: Современост, 135-142; Миронска-Христовска, Валентина. 2004. „Патописни белешки“ во: Литературното дело на Евтим Спространов. Скопје: Институт за македонска литература, стр. 194-205.